Дебитантскиот долгометражен филм „Златна пeторка“ на Горан Тренчовски, кој зад себе има еден куп реализирани сценарија како на театарските штици, така и на телевизискиот екран, претставува школски пример за тоа како треба да се реализира филмска идеја со скромниот буџет со кој располагате. Тргнувајќи од една трогателна приказна за петте ликвидирани струмички студенти во 1951 година и распостилајќи ја истата се’ до денешен ден, имате впечаток дека навидум се работи за комплетен филм кому ништо не му недостасува. Но, по најавата на продуцентот дека од истиот ќе се направат и пет телевизиски епизоди, се остава простор нештата кои останале недокажани дека ќе ги видиме во серијата во поразвиена форма, што од друга страна, пак, и го оправдува чувството по завршувањето на проекцијата дека сте гледале добро прилагодена телевизиска драма на големото платно.
Режисерот во најавите пред и по премиерата на филмот на затворањето на последното издание на фестивалот на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола јасно најави дека случајот од средината на минатиот век е само предлошка за развивање на малку поинаква сторија во која во фокус се љубовта и предавството, но токму она што му фали на сценариото е малку поголемото задлабочување во приказната за она што претставувале неправедно ликвидираните млади луѓе од Струмица, чии идеали можеме само за момент да ги насетиме. Но, бидејќи се работи за тема која се’ уште, на одреден начин, е завиткана со вел на мистерија, се одело по линијата на помал отпор, играјќи на картата на универзалноста на погоре споменатите теми. Тоа пак води кон едно ново поле за промислување, не оптеретувајќи ја публиката со бремето на историјата, отворајќи нов прозорец кон модерното време, суптилно вметнувајќи ја во тој простор Струмица како град со модерен сензибилитет, со сите животни премрежија низ кои поминуваат неговите граѓани во последниве пар декади.
Одличен е спојот на старата и новата генерација на македонски актери во филмот, засилени со балканската филмска ѕвезда Славко Штимац. Ликовите се добро изнијансирани, духот на времето е доловен, а камерата на стариот мајстор Апостол Трпевски на моменти е врвно естетска, особено во воведната сцена низ шумата, кога низ прекрасниот пејзаж доаѓаме до вознемирувачката глетка врз телата на петте мртви момчиња, но и во сцените од денешно време каде фотографијата соодвествува со филмското сиже. Тоа му дозволува на режисерот суптилно да си игра со филмското време, постојано вкрстувајќи го актуелниот момент со минатото, сопоставувајќи ги реакциите на дел од актерите како неминовност до која на крајот треба да се дојде, таму посегнувајќи по христијанскиот принцип кој подучува дека простувањето е и повеќе од пожелно за да се продолжи напред.
Тренчовски, основоположникот и главниот двигател на Интернационалниот филмски фестивал „Астерфест“ во Струмица, кој годинава на крајот на мај го имаше своето 12. издание, и преку овој филмски проект покажува како треба да функционира децентрализацијата во културата, особено по информациите дека за проекциите на филмот во градот на југот се барал билет повеќе, а сличната тенденција треба да продолжи и во дијаспората, каде за овој тип на приказна исто така би требало да има голем интерес.
режија: Горан Тренчовски
сценарио: Елеонора Венинова, Горан Тренчовски, Билјана Гарванлиева (според книжевни мотиви од романот „Расцепен Ум“ на Братислав Ташковски)
улоги: Славко Штимац, Петар Арсовски, Јана Стојановска, Александар Ристоски, Игор Ангелов, Билјана Таневски, Љупка Џундева…
(Текстот е објавен во книгата „Филмски град“)