Кон албанскиот филм „Зора“ на Гентијан Кочи

Синоќа во рамките на програмата „СинеБалкан“ на актуелниот филмски фестивал „Синедејс“, во киното „Фросина“ имавме можност да го гледаме албанскиот филм „Зора“, еден ипол час пред настапот на њујоршките шминкери „!!!“ (Чк Чк Чк) во „Денсинг салата“ при МКЦ. Нормално, заинтересираноста за оваа проекција и за концертот беше дијаметрално спротивна, но педесетината посетители во кино-салата мислам дека на крајот не зажалија што го избраа токму овој термин од 21 часот, бидејќи режсерот Гентијан Кочи реализирал прекрасен филм. Ако се има предвид дека, за жал, малку знаеме и следиме она што се случува во современата албанска кинематографија, овој пат мамката плус за гледање на ова филмско дело беше наградата „Срце на Сараево“ која Орнела Капетани ја доби во август за најдобра актерка, што воопшто не е за потценување, бидејќи Сараевскиот филмски фестивал е еден од најценетите и највлијателните на овие простори во годините наназад.

Во фокусот на филмот е една самохрана мајка, која во обидот да осигура каков-таков пристоен живот и кров над главата за себе и своето бебе, се нафаќа да ја чува мајката на својата пријателка, која мора да замине во Франција за да го спаси бракот. Таквиот сплет на околности од навидум предвидливата сторија создава лепеза од слоеви, во која од сцена во сцена добиваме мали изненадувања во кои го следиме психолошкиот подем или пад на главната хероина, која постојано е на работ на двете спротивности – како да продолжи со животот одгледувајќи го бебето, во однос на чувањето на старата жена која од неа бара да и’ ги скрати маките. Таа дуалност се одвива во текот на целото дејствие – спиењето на старицата наспроти сонот на бебето во истата просторија е прецизна индикација на режисерскиот модел. Играјќи на оваа карта, авторот на филмот сепак не заборава попатно да чепне и горливи теми од современото албанско општество, па така во неколку навидум небитни ситуации сепак дознаваме за поткупливоста во здравството и поштата, да речеме. Но многу побитна тема која се отвора и се третира во овој филм е положбата на старите и изнемоштени лица во ситуација кога современиот живот го разбил семејството на различни страни од светот, при што пристојниот збор и човековата топлина се повеќе од потребни, како единствен неприкосновен лек за болеста. Но, дилемата која се поставува кај гледачот е дали главната хероина, по низа неочекувани пресврти, со своето делување се претвора во мајка-херој или човечки монструм? Назнаката можеби може да се пронајде во генијално избраниот наслов – „Зора“.

Во последно време слушаме и читаме дека Тирана многу бргу напредува како град и дека урбаните решенија и’ одат во прилог, и таа полека но сигурно добива шмек како било која друга европска метропола. Но, сценаристот и режисер Кочи инспирацијата не ја бара во површниот сјај на велеградот, туку во неговото сиво предградие, онаму кадешто се кријат вистинските приказни и секогаш неизвесните судбини на малите луѓе. Старите згради и куќи кои се пред распаѓање и калта по неасфалтираните улици низ кои возат ислужени автобуси се одлично средство за детерминирање на состојбата на духот на ликовите. Во филмот со медитативно дејствие нема музика, само силината на бебешкиот плач нè информира за случувањата кои следат, додека зборовите се минимални, нема ниту една одвишна реплика, што одлично се надоврзува на споровозното темпо. И како најсилен момент мора да го споменам осветлувањето, кое на моменти на филмската фотографија и’ дава шмек како сликарските платна на фламанските мајстори од минатото.

На крајот е интересно да се истакне дека филмот „Зора“ е ко-продукција помеѓу Албанскиот филмски фонд и Грчкиот филмски центар, а црешата врз шлагот од колачот е зеленото финансиско светло и од европската филмска агенција „Еуроимаж“.

(Текстот е објавен во книгата „Филмски град“ и на kritika.mk)