Годината беше 2020, пандемијата сите не’ излудуваше, но Скопскиот џез фестивал си имаше редовно издание во Националната опера и балет во третата недела од октомври. Со маски и раздалечени бајаги еден од друг, проследивме неколку навистина возбудливи концерти, впрочем, како и секогаш кога се работи за институцијата СЏФ. По еден од нив, на враќање дома преку плоштад, Мартиновски на неколкумина од нас во групата ни соопшти дека за време на концертите, доколку е силно инспириран од музиката која ја слуша во моментот, го вади мобилниот телефон, и на една софтверска програма црта слики. Четири години потоа, Марта со своја изложба во МКЦ!
„Звучни слики” е прва самостојна изложба на писателот и професор Владимир Мартиновски, во која се вкрстуваат две негови пасии: музиката и сликарството. Изложбата е сочинета од педесетина дигитални цртежи, акрилици на платно и хартија, како и серија акварели, чии заеднички именител е доживувањето на музиката.
Дигиталните дела се настанати за време на концерти, а сликите во различни формати визуелно го слават чинот на музицирање, во обидот на ликовен начин да се доловат различни мелодиски и ритмички структури. Токму затоа на отворањето проследивме и музички настап во живо на Нинослав Спировски и Дени Омерагиќ (Одрон, Светлост), придружени од авторот на изложбата.
Владимир Мартиновски е поет, раскажувач, книжевен критичар, преведувач и антологичар. Тој е е редовен професор на катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески” при УКИМ, каде што ја извршува функцијата декан од септември 2023 година. Добитник е на неколку награди за поезија, расказ и критика, а неговата поезија е преведена на дваесетина јазици. Изложбата ќе биде отворена до 20 март 2024 година.
Честитки, генерацијо!