Кон „Патување пеш“ на Тамара Котевска

По супер успешната приказна со „Медена земја“ заедно со Љубомир Стефанов, двојната номинација за Оскар и еден куп фестивалски награди, пред режисерката Тамара Котевска е бурната 2024 година која сметам дека ќе и’ припадне во целост. Taa има одличен нов документарен филм „во ракавот“, на кој штотуку му следи интензивна промоција. Светската премиера на „The Walk“ се случи на 9 ноември на фестивал во Њујорк (Doc NYC), а од вечерва почнува и европското патешествие на филмот со премиера на фестивалот во Женева (FIFDH), а веднаш потоа и со пет проекции на фестивалот во Копенхаген (CPH DOX). Затоа велам дека токму оваа година треба да ја покаже и докаже моќта на сликите кои ги содржи ова 80-минутно ремек-дело, кое ги поседува сите елементи потребни за еден ваков проект: актуелност, политичка ангажираност, свесност, сочувство, кревање на свеста за бегалците, кинематичност…

Од микро светот на пчеларката Атиџе, чиј чесен пристап кон животот од неа направи светска сензација, овој пат Котевска раскажува приказна која оди по обратен редослед – светската бегалска криза на која сме секојдневни сведоци да ни ја доближи на човечко, интимно ниво, чувствувајќи ја болката на раселените, оние кои го го изгубиле својот дом, особено најмладите и најбеспомошните меѓу нив. А што претставува домот? Пружените алишта кои ги дувка ветрот на жицата, гулабите в лет кои асоцираат на слобода и безгрижност, спомените на детството кои го носиме во нас… Сето ова како чувство доминира на почетокот од приказната за Асил, сириската бегалка во Турција, чија иднина е сосема неизвесна. Решетките зад кои го гледа зајдисонцето се нејзината моментна реалност, додека врз родниот град Алепо секојдневно паѓаат стотици бомби.

За да биде видлива нејзината судбина, која ја делат уште десет милиони деца-бегалци под 18-годишна возраст, позната јужно-африканска работилница за кукли го креира нејзиното алтер-его, куклата Амал, која тргнува на пат преку пустината се’ до европската „рута на бегалците“, за да го изоди патот на беспомошните кои бараат свое место под сонцето и со тоа да ги направи видливи невидливите, оние на кои највеќе им треба подадена рака. Амал, чие име значи „надеж“, европските граѓание не можеле да не ја забележат кога поминувала низ нивниот град поради нејзината големина и секако, приказната која ја претставува, но не секаде таа е добредојдена. Снимателите Самир Љума и Жан Дакар будно ја следат ситуацијата на јужната граница на Европа, каде Атињаните бескомпромисно ја напаѓаат групата која мирно минува низ улиците на стариот град, во кој демократијата како да го изгубила здивот. Следат Лампедуза и островите во Средоземјето кои чуваат многу тажни приказни за потонатите бегалци.

Во Италија, логично е Амал да појде да се запознае со Џепето, креаторот на Пинокио. За жал, не. Таму таа се сретнува со актуелниот папа, кој не пропушта да се слика со неа за промотивни цели. Исто како и европските бирократи во Стразбур, кои‘ и подаруваат  пасош на Амал, за малку посеверно, во Градот на светлината, по влез со познатата француска музичка шансона истата да се растопи низ улиците каде спијат бегалците под мостовите, гетата, крај Сена… Патувањето на Амал, барем во филмот на Котевска, завршува на крајната граница, на брегот на Нормандија, на апокалиптичната плажа  која пред 80 години го означи почетокот на крајот на лудилото на Втората светска војна. Европа – превртена историја, како да сака да поентира режисерката.

Тамара Котевска „се приклучува“ на проектот со куклата Амал, со која управуваат вистински бегалци, Фида Зидан од Палестина и Муиад Румие од Сирија, со чии животни судбини исто така ќе бидеме запознаени. Но ова не е документарен филм за самиот проект, туку Котевска прави свое, автентично видување на целата приказна, со уметнички интервенции, многу симболика и отворен ум за актуелниот бегалски проблем низ прекрасен ритам на филмот, во соработка со монтажерот Мартин Иванов. Да, куклата Амал и нејзиното патување се во фокусот, но режисерката на многу суптилен начин, преку паралелно дејствие, не’ соочува со вистинското девојче, со сиријката Асил, која го поставува клучното прашање: Што е дом? И на него дава прецизен одговор: Луѓето околу тебе и нивната безбедност. Зашто, ѕидот зад кој моментно живее не може да спречи светлината на животот да влезе внатре, како што гласи графитот, а бродот во кој се нишаат девојчињата во еден забавен парк во една од последните сцени на филмот, колку и да е нестабилен, тој е сепак момент за остварување на детските соништа, и широките детски насмевки се неминовност. На сето ова одлично се надоврзува музиката на Дуке Бојаџиев, која на овој интернационален ко-продукциски проект му даваат силна доза на македонски бои и шарм.   

Се надеваме дека куклата Амал со целата нејзина симболика, по засега осум илјади изодени километри низ светот, тешејќи ги оние на кои им треба утеха, ќе имаме можност да ја видиме налето и кај нас, на македонската премиера на филмот. Дотогаш, секако, посакуваме што повеќе фестивалски награди и многу позитивни одгласи и написи за филмот, со надеж дека истиот ќе изврши големо влијание врз оние кои треба да стават крај на лудилото кое во последниве години се случува насекаде и недалеку од нас. Во име на човештвото, стискаме палци!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *