Скопскиот гитарист и автор Влатко Стефановски во саботата на 30 август со своето трио го промовираа најновиот блуз албум. По тој повод беше гостин во Радио Равел и со Игор Анѓелков си муабетеа за суштината на блузот како музички стил и инспирација
Игор: Ја слушнавме темата „Рок ме бејби“ од најновиот албум на Влатко Стефановски насловен „Thunder from the Blue sky“, блуз албум што утре ќе биде промовиран во летниот клуб „Хард рок“. Како сте деновиве, додека трае оваа интензивна медиумска презентација на новиот материјал?
Влатко: Па добро, не ми паѓаат тешко овие обврски. Човек треба само да стигне навреме. Добро е човек да ја информира јавноста за тоа што ќе се случува.
Игор: Овој албум го најавивте уште минатата година, на летниот скопски блуз-фестивал. Дали уште тогаш беше подготвен материјалот, или откако го најавивте, седнавте да го сработите?
Влатко: Не. Иницијалната каписла беше да учествуваме на овој блуз-фестивал и седнавме и извежбавме неколку блуз теми и видов дека тоа добро звучи, и си реков: зошто тоа да не го снимиме како студиски албум. Така прочепкавме по некои други теми и идеи и можам да кажам дека се’ што смисливме, ставивме на овој албум. Задоволен сум од самиот процес на производство, свиревме во живо, без наснимувања, не се служевме со играчките од современата технологија, без да поправаме или слично. Блузот треба да се отсвири во еден здив. Треба да се отсвири заедно, без многу мудрувања. Не треба да се експериментира. Тоа е музика на чувство, на момент, и треба и така да се прави.
Игор: Вашите постојани придружници Џоле и Дино, овој пат надополнети со гостите Јан Акерман и Дамир Имери, се вашата екипа на албумот. Како се разбравте на ова снимање?
Влатко: Па супер се разбравме. Тоа се соработници со кои соработувам со уживање. Со Дино и Џоле осум години патуваме низ светот, не го знам бројот на концерти што сме ги работеле досега. Добро ни оди свирењето, добро се смееме и имаме прилично кул однос едни кон други. Акерман, на мое големо задоволство, дојде во Скопје и снимавме во моето студио. Го донесе своето име, презиме, гитара и некои играчки од педали и… да не речам дека донесе многу скапа гитара што вреди едно 200-300 илјади долари. Навистина ме почести со неколку солоа, со неколку ритам-гитари, со неколку хармонии и со неколку брилијантни места на албумот.
Игор: Кога сме кај гитарите, знаеме дека сте колекционер на многу од нив. Дали за снимањето на овој албум користевте можеби некоја специјална, засебна гитара прилагодена на овој звук, на овој жанр?
Влатко: Да, имам омилена гитара и досега немам снимено блуз албум затоа што досега немав токму таква гитара. Дури пред три години од Загреб купив еден „Стратокастер“ кој е роден за свирење блуз, и верувајте, целиот албум, со исклучок на две песни, е снимен со „Фендер стратокастер“. Кога таа гитара ќе ја вклучиш во појачало и кога ќе отсвириш два-три акорди, ќе сфатиш дека е родена за блуз.
Игор: Добро, ама таа гитара не свири самата, треба да се отсвири на неа…
Влатко: Добро, јас сум голем љубител, мераклија на гитари, со други зборови, болен сум по таа „прича“ за купување на нови гитари, за освојување на нови звуци. Стално мислам дека ми фали нешто за да го постигнам совршенството, меѓутоа тоа не постои, убав е само патот кон него. Процесот е вреден. Така што прилично сум пребирлив кога се работи за гитари, жици, магнети, појачала… И за моја среќа, многу сум пропатувал и сум влегол во најдобрите гитар-шопови, знам како одат работите, знам колку нешто чини и колку истото вреди.
Игор: Ова е прв блуз албум во вашата кариера, но колку тој се провлекуваше низ вашата музика сите овие години наназад? Дали има некое парче во „Леб и сол“ ерата, или за време на вашата соло кариера, за кое може да се каже дека влече корени од блузот?
Влатко: Еве, сега ќе ви кажам. „Абер дојде Донке“ од вториот албум на групата е чист блуз. Сите македонски традиционални песни што сум ги отсвирел на поинаков начин се, всушност, блуз. За мене „Си заљубив едно моме“, „Со маки сум се родила“ и „Учи ме мајко, карај ме“ се чисти блузови. Зборувам во поширока смисла на зборот, во смисла на националното и во пристапот. Тоа за мене е чист блуз и јас постојано го барам блузот во македонската музика. Тоа е „state of mind“, „state of soul“, не се тоа само тие три акорди од блузот. Така и ќе го почнеме концертот, без многу заобиколување, директно со блуз.
Игор: Тука неминовно се поставува прашањето; црн или бел блуз?
Влатко: Па како што јас не ги делам луѓето на црни или бели, за мене добра музика е добра музика, и не е важно дали ја прават белци или црнци. Морам да признаам дека јас до блузот стигнав преку белиот блуз, британскиот, и она што Џон Мајал и Блузбрејкерси го правеа, и така допрев до гитарите на Ерик Клептон. И после кога човек ќе почне да копа, ќе видиш од каде тоа дошло. Дека дошло од делата на Мисисипи, па потоа од урбаниот блуз од Чикаго, и дека од тој блуз се запалиле и Ролингстоунси и целата британска сцена од тоа време, и ќе видиш всушност од каде сето тоа почнува. Мене ме фасцинираше една плоча од бел гитарист, Мајк Блумфилд, Американец чиј саунд страшно ме импресионираше кога бев дете и додека растев. Да не го спомнувам Хендрикс, кој е црн, но белата публика го направи „Бог на гитарата“. Па тој во Британија ја направи својата кариера.
Сега можеме многу да збориме што е добро, а што не е. Некој може да каже дека белите музичари ја краделе таа музика од црните музичари, дека имале неоколонијалистички пристап. Можеме да збориме дека белите дечки во шоу-бизнисот ги земаат работите, а дека црните дечки ги измислуваат работите. Најголема бела рап-ѕвезда е Еминем, најголема рок-ѕвезда беше Елвис Присли. А Чак Бери го измисли рокенролот. И така можеме да зборуваме до утре сабајле. Не е тоа битно, битно е она што мене ме импресионира кај блузот. Тие три акорди, тој „twelve-bar-blues“ што го викаат, тоа е толку едноставна форма, а притоа служи како писта за полетување и свирење на најлудите ствари и компонирање. Или, како што вели Јан Акерман, со поголемо задоволство би свирел три акорди пред 10 илјади луѓе отколку 10 илјади акорди пред тројца.
Игор: Да се навратиме на вашата летна турнеја која еве, се’ уште е во тек. Колку концерти имавте и како поминавте кај публиката?
Влатко: Поминавме феноменално. Верувајте, се бараше карта повеќе секаде каде што свиревме. И луѓето откачија на она што го свиревме од блуз материјалот. Оној мал број на албуми што се обидовме промотивно да ги поделиме луѓето просто ги разграбаа. Во тој поглед беше прилично драматично и густо. Имавме пет феноменални концерти со Акерман и уште дваесетина други со моето трио, имав и еден концерт со Тадиќ и со Теодосиј Спасов и Филхармонијата во Софија, имав и два соло-настапи со гитара во Никшиќ и Нови сад, настапувавме на етно-фестивали, џез, блуз фестивали… значи свртевме феноменален круг и драго ми е што летово ќе го заокружиме во голем стил, со свирка дома, во Скопје, пред скопската публика која е прилично софистицирана, прилично е разгалена, која ги гледала сите големи ѕвезди на Скопскиот џез фестивал, на Оффест, на сите други големи фестивали што се случуваат. Полека доаѓаат и ѕвезди како Лени Кравиц, кои само ќе ги кренат стандардите и на нашата работа и на нашето дејствување.
Игор: ОК, ви посакувам добра свирка утревечер во „Хард рок“.
Влатко: Ви благодарам. Ве поздравувам вас, од Радио Равел, и секако, слушателите, и би ве замолил да продолжите да пуштате добра музика, продолжете во тој стил за да можам кога ќе мотам по радио станиците, да застанам на вашата. Имате многу добри емисии со многу добра музика.
@Текстот-интервју е објавен во септемврискиот број на месечникот „Лајф магазин“ во 2008 година.