Седум години по првенецот „Три дена во септември“, режисерот Даријан Пејовски ни го „подарува“ својот втор долгометражен игран филм едноставно насловен „Мими“. Снимен на модерен начин низ скопските улици, мудро избегнувајќи го споменичното шаренило и нагласувајќи го урбаното наследство на градот по фаталниот земјотрес, филмот ни ја раскажува приказната за психологијата на провинцијата наспроти метрополата (не штедејќи ја ниту едната ниту другата како начин на светоглед во животот), на крајот протнувајќи и нотка на универзалност преку мајчинството како чувство кое токму во овие „модерни“ времиња е ставено на испит.
Не случајно почетокот на текстот го нагласува деби остварувањето на Пејовски на кое се надоврзува актуелниот филм, затоа што и обата наслова се реализирани на сличен начин, следејќи ја естетиката на психолошката драма (можеби и на трилерот), нешто што кај режисерот како наклонетост може да се види и во неговите претходни остварувања. И, уште поважно, и во обата филма главни (анти)хероини се два силни женски лика, кои се обидуваат да ја прилагодат својата психа на светот кој ги опкружува, детерминира, и на некој начин, моделира. Но, ако во деби филмот таа доза на мистериозност и не-до-крај разголеност на карактерите ја оправдуваше жанровската ориентираност, во „Мими“ црно-белата поставеност на нештата и праволиниската нарација ја прават приказната крајно предвидлива и ја банализираат улогата на филмската уметност, ускратувајќи ја нејзината моќ за поинаков поглед врз нештата.
„Слатка си, ќе се снајдеш“, и’ вели поранешната келнерка со манекенска убавина Сара на студентката Мими, која по траумата поради изгубеното бебе, се обидува да го надмине клишето дека судбината на девојките од внатрешноста е рано да се омажат, да родат деца и без борба да и’ се препуштат на здодевната инерција на животот. Со таа реплика авторот на филмот ја конкретизира „филозофијата на паланката“ која по триесет транзициски години стана единствената прифатлива мантра во целото општество. Но, животот е отворена солуција која може и да ве изненади. На тој начин добиваме скопска варијанта на „Обучена да убие“ на де Палма, со таа разлика што овде патологијата е прикажана како не(до)разјаснета вселена, дури и за самиот автор.
Сценаристот Пејовски, за разлика од режисерот, не навлегол подлабоко во психологијата на една деликатна тема, само површно чепнувајќи ги нејзините потенцијали, создавајќи картонски, плакатирани ликови кај кои нема изненадувања и своевиден шок, напротив. Крајната трансформација на Мими се случува неубедливо, иако веќе час ипол сме ја следеле нејзината услов(е)на промена. Како и таа до крај да не е изненадена од своите постапки. Истиот впечаток важи и за Сара. Дејствието одвреме-навреме ќе „пушти“ по некоја квака за која треба да се фатиме, но истата не ја разработува, таа останува само на ниво на можност, и затоа цело време се има чувство дека во филмот фали уште нешто.
Затоа и останува отворено она главно и клучно прашање кое веројатно и’ се вртка и на Мими низ главата: Која сум јас? Дали сум јас – јас, или тоа е некој друг? Колку моите желби и потреби се само мои, или се наметнати од конктекстот во кој егзистирам? итн. Иако, свесни сме дека на истото може да се гледа и од поинаква гледна точка. Имено, навистина живееме во површни времиња, и можеби намерата на сценаристот и режисер била да се прикаже токму таа површност во односите, каде на непозната девојка и’ доверувате да ви го чува бебето, не претпоставувајќи дека ќе го разбудите емотивниот „монструм“ во неа, или пак, премисата дека треба да се омажиш за богат дечко е нешто што и понатаму го „вози“ светот напред. Да не бидеме наивни. Сепак, кризата на идентитетот е сложена матрица која филмот може добро да ја разобличи, но треба да се знае како. Еден од начините е со повеќе поминати километри зад себе.
И на крајот, она што како еротски набој скриен зад аголот го гледавме и почувствувавме кај Јана и Марика во превенцот, надополнето со темата „Фам фатал“ на Леб и сол, овде, за жал, е спуштено на пониско рамниште токму поради претераното и очигледното инсистирање на истото, со што само се постигнува контраефект. Она што на Пејовски можеше да му се припише како „храброст“ во дебито, овде, по редицата телевизиски проекти, се разводенило и претставува само ординарен тек на нештата.
Затоа „Мими“, како и многу други остварувања кои следат по успешен првенец, го има оној т.н. „синдром на втор албум“ позајмен од терминологијата на музичката индустрија. Прашањето „како да се продолжи понатаму“ може да се согледа од различна перспектива која може да се однесува како на личниот ангажман во однос на својот повик, така и во однос на кинематографијата на која делото и’ припаѓа. Овој филм, иако претендира на универзалност, во неговиот код можеме да препознаеме само локален предизвик, што секако, не мора да значи дека тоа е лошо, затоа што новите пост-пандемиски генерации треба да размислуваат и на вакви теми, необременети со стапицата на размислувањата за историјата и идентитетот присутни како во секојдневието, така и во минатото на македонската кинематографија. Можеби на тој начин мувлосаните цевки кои постојано капат конечно ќе бидат заменети со нови, а во базенот конечно ќе биде ставена нова, филтрирана вода во која ќе созерцуваат и Маја од „Сестри“ на Дина Дума, и Марго од „Северен пол“ на Марија Апчевска. Којзнае!?