При распад на системот, Анѓа сепак одбра љубов

Интервју со Драгана Костадиновска, актерка

Иако македонската и светска премиера “Балканот не е мртов” ја доживеа на последното издание на фестивалот “Браќа Манаки” во септември минатата година, сепак, домашната публика во филмот на режисерот Александар Поповски, по текст на Дејан Дуковски, ќе може да ужива дури во следниот период. Носечката женска ролја, онаа на Анѓа, ја игра младата и перспективна актерка Драгана Костадиновска, која за прв толкува главна улога на големото платно. Во следните редови, освен за ова искуство, со Драгана промуабетивме и на други интересни теми

Да почнеме со можеби клучниот момент, одлуката да студирате на Факултетот за драмски уметности во Скопје, во класата по глума. Што беше пресудно да ја фатите оваа насока во животот?

Нема романтична приказна во врска со мојата одлука за студирање на Факулетот за за драмски уметности. Не сонував кога бев малечка дека ќе станам актерка, и не им глумев на роднините на фамилијарните средби. Прв пат на сцена стапнав на приемниот испит на ФДУ. Средно училиште учев во медицинскиот училишен центар “Панче Караѓозов“ и бев тргнала да станувам хирург, но во четврта година во состојба на “black out” (како што тогаш ми беше интересно да ја нарекувам), решив дека треба да се запишам на ФДУ и да станам актерка. Од оваа перспектива во тоа извесно заматување на свеста ги препознавам оние најискерени моменти на контакт со себе, кои веројатно кога сме помлади, деца, најгласно ги слушаме и подоцна за жал успеваме да ги пригушиме. Секогаш кога го слушам тој внатрешен глас, нерационално, правам најдобар избор…така и не згрешив при изборот на високо образование.

Колку сте задоволна од самите студии, како основа за понатамошна актерска (и човечка) надградба?

Имав среќа да учам пред се кај голем човек и голем уметник, професорот Кирил Ристовски. Нашата академија многу изгуби со неговото заминување од овој свет. Одлично е тоа што стручните и животните лекции на великани како него остануваат врежани некаде длабоко, и ако не си успеал тогаш, како помлад да ги разбереш, подоцна ти излегуваат во пресрет. Професорот и тогашната асистентка, а сега професорка, Зоја Бузалковска, солидно не подготвија за понатаму. Сигурно е дека имаат значаен удел во тоа што голем дел од нашата класа е активна на театарските сцени.

Како се случи соработката со режисерот Александар Поповски и добивањето на главната ролја во филмот “Балканот не е мртов”?

Од претходно имавме соработка со Александар, всушност мојот прв професионален  театарски ангажман беше во негова претстава – “Дон Жуан“. Тогаш се уште бев на Академија, трета година, и тој не повика сите девојки на аудиција за улогата на Дона Елвира. Тоа воедно беше и мојата прва аудиција за театарска претстава. Улогата во филмот ја добив исто така, како што е редот, на аудиција.

Дали претходно ја гледавте претставата, ја имавте прочитано драмата на Дуковски, што можеби беше иницијација за одигрување на оваа улога?

Се разбира дека ја имав гледано претставата и го имав читано текстот, режисерот и писателот се наши култни автори… но не би рекла дека претставата на било каков начин влијаеше врз моето портретирање на ликот. Сепак станува збор за различни медиуми, а јас сум сензибилитет сама за себе и припадник на сосема друга генерација.

Колку ликот на Анѓа ве “измачуваше” и бараше енергија за креација се’ додека не ја добивте крајната експресија која можеме да ја видиме во филмот,  на големото платно?

Тоа е слатко измачување, впрочем како што е секогаш кога правиме нешто што многу го сакаме и притоа истото сакаме да го направиме најдобро на свет. Го обожувам ликот на Анѓа. Околу нејзините две љубовни приказни се конфонтираат морални, политички, национални и верски прашања. При крајот од филмот има една реплика: “ Вие си ги теравте инаетите, а јас си ја тргав маката. Не знам каде му згрешив јас на Бога, се да се скрши на моја глава. Ништо не ми е јасно, а се ме боли…“ Сепак во околности  на распаѓање на еден систем и нејзино соочување со осуда, таа како решение на се понудува и одбира љубов. Тоа што од неа го пронаоѓам кај себе е моето неумеење да бидам практична, присебна и себична кога треба да манипулирам со чисти и искрени емоции. А енергија?  Во процесот на подготовки и снимање на филмот ја вложив сета енергија што ја поседував, и плус залихите за следните неколку месеци :-).

Освен првата главна улога во целовечерен филм, какво е Вашето искуство со филмската уметност? Во кои наслови претходно игравте на целулоидната лента?

Претходно имам снимано неколку кратки филмови со колеги од мојата генерација на ФДУ. Првото искуство воопшто ми беше со Вардан Тозија. Се сеќавам дека неколку години подоцна се сретнавме во ноќен клуб случајно и ми кажа “И тебе ти беше првпат и мене ми беше првпат, сега ги гледам и своите недостатоци и твоите, важно е да си ги препознаеме и да учиме“. 🙂 Тој краток филм се викаше “Северен лет”. Потоа, додека се уште бев студент, работев серија за МТВ, “Обични Луѓе“, со врвна актерска екипа: Перо Арсовски, Никола Ристановски, Катерина Коцевска, Софија Куновска…. толку бев радосна што работам со нив… до ден денешен ги почитувам со иста мерка и покрај тоа што сме имале повеќе заеднички проекти и сме имале прилика да соработуваме рамо до рамо како колеги. Понатаму снимав кратки филмови со Марко Ѓоковиќ и Коста Анастсовски, соработки кои исто така ми се многу драги.

 Во меѓувреме, го калите театарскиот занает. Публиката може да ве види на сцената во МНТ во Скопје. Со какви проекти сте преокупирани таму?

Задоволна сум од мојот ангажмна во мојата матична куќа. Од некои претстави повеќе, од некои помалку… Но ако резимирам, во овие пет години во МНТ, главно сум среќна.

Неизбежно е прашањето за вечната дума меѓу театарот или филмот. Што Ви е вам подраго?

Вечната дума ќе остане заради тоа што тоа се сосема различни медиуми и не гледам зошто би се споредувале. Задоволство ми е да работам и филм и театар.

Професијата е само дел од животот. Кои работи го преокупираат Вашето слободно време? Урбаност или природа? Некое хоби, можеби?

Се сложувам дека професијата е дел од животот и не се идентификувам со неа. Во слободното време правам работи што ме возбудуваат во конкретниот период. Секогаш сум во некој “проект“ во мојот “приватен“ живот. А социјализацијата, гледањето филмови, читањето, слушањето музика, интересот за било која сфера на уметноста, контактот со природата, работата на себе – физички и духовно… сето тоа ми е начин на живот, начин на акумулирање на енергија и ентузијазам.

И на крајот, збор-два за Вашите омилени филмски жанрови, режисери, актери и актерки?

Повеќе ја сакам Европската кинематографија. Обожавам француски фимови. Омилен режисер ми е Михаел Ханеке, сакам убави глумици и заносни жени како Бет Дејвис, Кејт Бланшет, Марион Котијар… и шармантни херои како Спенсер Траси… ете… одговор како од лексикон во петто одделение, кратко и јасно :-).

(Објавено во магазинот „МОЈ КЛУБ“)

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *