Еден од најочекуваните филмски проекти ова лето беше четвртото продолжение на „Терминатор“, со работен наслов „Иднината почнува“ и со конечен поднаслов „Спасение“. Нормално, во овој период од годината, во кој царуваат блокбастерите, филмот потпишан од режисерто Мек Џи заработи еден куп банкноти на бокс-офисот, но тоа пред се’ се должи на долгиот историјат на овој проект, чија филозофија во средината на 80-те години од минатиот век ја креираше Џејмс Камерон, чија автентична визија за (пост)апокалиптичната иднина на човештвото уште тогаш на публиката и’ ја замрзна крвта во вените, сместувајќи ја во клубот на зависници од новата филмска сторија. Магијата продолжи со уште помоќниот „Терминатор 2: Судниот ден“, според мене, најдобриот во серијалот, за дури по 12 години, откако Камерон крена раце од проектот, режисерот Џонатан Мостоу да ја продолжи сагата со задоволувачкиот „Терминатор 3: Побуна на машините“.
Долго време најавуван како досега невиден спектакл на сребреното платно, четвртиот дел, и покрај триењето на рацете на продуцентите, според реакциите на критичарите и обожавателите, не ги оправда очекувањата докрај. Продуценти на овој проект се сосема нови имиња во филмската индустрија, кои кариерата ја граделе, пред се’, на Вол стрит. Виктор Кубичек и Дерек Андерсон токму на њујоршката берза донесоа еден робот-Терминатор за да чукне на ѕвоното кое го означува почетокот на секој работен ден, како дел од скапата промотивна кампања која и’ претходеше на премиерата на филмот. И обајцата се големи фанови на „Терминатор„ серијалот, а како дел од мултикомпанијата „Хеликон“ успеаја да ги откупат правата за следните три филма, вклучувајќи го и овој, во кои, според најавите, Кристијан Бејл ќе биде носител на главната ролја, а ќе ги режира споменатиот Мек Џи.
Годината е 2018. Судниот ден се случи и армија од Терминатори владее со планетата Земја, убивајќи се’ околу себе. Поголемиот дел од преживеаните се дел од „Отпорот“ и тие живеат за да се борат, односно, се борат за да преживеат, но само еден човек меѓу нив знае што ги очекува, и токму тој може да ги води луѓето во војна против машините. Неговото име е Џон Конор.
На прв поглед филмот изгледа одлично. Пост-апокалиптичната фотографија и одличната работа на арт-директорот се прилично убедливи, а и приказната на почетокот ветува, но и покрај импресивните сцени кои експлодираат во умот на гледачот, најголемиот недостаток на филмот е што приказната понатаму е прилично тенка. Сценаристите Џон Бранкато и Мајкл Ферис како да не знаеле во која насока да ја продолжат филозофијата околу ликот на Џон Конор, со што „Спасение“ станува прв филм од серијалот снимен без срце. Злобниците би рекле „па кому му е важна филозофијата на Камерон од пред 25 години? Важно е само да биде брзо и гласно!“ Да, можеби новите генерации навлечени на Плејстејшн бараат повеќе софистицирани роботи и ефекти, а помалку поетика, и веројатно тука „лежи зајакот“. Четворката, за разлика од класиците кои претходно ги сними Камерон, повеќе е наменет за регрутирање на нова публика, отколку за досегашните обожаватели на серијалот. Едноставно, не можете да го избегнете фактот дека филмот како да не сака да го надгради, туку да расчисти со минатото, поставувајќи семе во сосема нова почва, која дали ќе стане плодна, останува да видиме.
Како и да е, по гледањето на првите два дела од „Терминатор“, во кои целата своја параноја Камерон ја претвори во прекрасна креација, толку се соживеав како гледач со случувањата внатре, што чувствував дека на човековата цивилизација навистина и’ претсоти голема опасност. Но по гледањето на овој филм, излегов од кино салата и си реков: „ОК, тоа е тоа“, и ништо повеќе. Веројатно слично чувство со мене делат милиони обожаватели низ светот, кои, иронично, честопати во своите коментари го менуваат името на филмот во „The End Begins“ („Почеток на крајот“), или пак во „Terminator: Stagnation“ („Терминатор: Стагнација“). Сигурно славната реплика „I’ll be back“ следните години ќе ја чуеме во најмалку уште два дела, но вистинските љубители на серијалот можеби уште во следната прилика ќе кажат: „Hasta la vista, baby!“ За жал!
@Текстот е објавен во неделникот „Глобус“ на 18 август 2009 година.