„Филм.мкд“, промоција, press release

Почитувани,

утревечер започнува 14. издание на фестивалот на европски филм (Хотел) Синедејс, во чии рамки во понеделник, на 16 ноември, во 19 часот, во Галеријата на МКЦ, ќе се случи промоцијата на книгата ФИЛМ.МКД на Игор Анѓелков. За книгата ќе зборуваат Роберт Насков и Мими Ѓоргоска Илиевска.

Игор Анѓелков (1974) магистрирал на мастер студиите по „Медиуми и комуникации“ на Правниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Со медиско третирање на филмската уметност активно се занимава од 1997 година. Бил член на жиријата на домашните фестивали „Македокс“, „Осфаф“, „Ехо“… „Филм.мкд“ е негова прва теориска книга, по збирката раскази „Кротки приказни“ (2006) и романите „Крај-пат“ (2010) и „Фото синтеза“ (2013).

„Конципирајќи ја книгата со мешавина од интервјуа и рецензии низ кои прави пресек токму на филмот во Македонија во новиот милениум, Анѓелков успева да проникне во филмската приказна на овие простори, создавајќи дело кое од една страна фактографски го проследува филмот во Македонија во 21. век низ сведоштва на директните протагонисти во приказната, а од друга страна истото претставува документ-тестамент за едно време во кое филмската уметност кај нас создаде дела кои од различен агол зборуваат за тешката транзиција, но и нè навраќаат во некои минати времиња, препрочитувајќи ја историјата на автентичен, авторски начин. Имајќи го предвид горенаведеното, сметам дека вакви филмолошки изданија се еден од клучните сегменти за развој на филмската култура, а воедно се потребни и за генерациите кои во иднина ќе го проучуваат македонскиот филм и историјата на македонската кинематографија“.

м-р Мими Ѓоргоска Илиевска

Од воведот во книгата

Уф, ова беше напорно задоволство!

Сè уште приказната во оваа книга не започнала да се одмотува, а веќе имаме два збора за промислување. Па да, напорно беше да се прегледаат повторно 502 емисии, а потоа од маркираните да се извадат потребните интервјуа со македонските филмаџии. Башка првите 170 епизоди беа архивирани на ВХС-касети, а моето видео одамна беше во аут. Имаше денови кога мислев само на плеј-стоп копчињата… плеј-стоп-плеј-стоп-плеј-стоп… и така во недоглед. Но, истовремено сето тоа во мене предизвикуваше огромно задоволство, затоа што сфатив дека во претходните 11 години, колку што магазинот “Филмополис“ се емитуваше во етерот, сум РАБОТЕЛ! И сум сработил еден куп квалитетен материјал поврзан со мојата голема љубов – Седмата уметност. А тоа може да се погледне само од дистанца, откако ќе излезеш од ритамот наречен – една емисија неделно, секој понеделник од 21 часот.

Срдечно,

издавачка куќа ИЛИ-ИЛИ

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *