„По осумте фестивалски денови исполнети со, за разлика од претходните години, помал број филмови, и секако, релативно солидната посетеност од страна на домашната публика, 15-тото издание на Скопскиот филмски фестивал најдоброто го чуваше за последниот ден. Еден домашен фестивал мора во рамките на својата програма да има македонско целовечерно остварување, и ако лани тоа беше случај со ‘Панкот не е мртов’ на Владимир Блажевски на отворањето, овој пат го видовме ‘Жената што си ги избриша солзите’ на Теона Митевска на затворањето на фестивалот.“ Веројатно со воведот во емисијата сум кажал сè, па останува само да го пренесам комплетниот текст од прилогот во „Филмополис“ број 392, во кој ја покривме премиерата на третото остварување на сестрите Митевски. И овој пат свесен за одредени слабости на филмот, сепак, во однос на нејзините две претходни остварувања, „Жената што си ги избриша солзите“ е солиден филм, кој има европски шмек. Токму затоа и доби позитивна и преодна оценка во рецензијата во „Нова Македонија“. На крајот од краиштата, важно е работите да одат напред… или можеби само стареам и омекнувам? Којзнае.
По светската премиера на престижниот Берлински филмски фестивал, каде што беше дел од втората по важност селекција насловена „Панорама“, третото целовечерно остварување на Теона Митевска, „Жената што си ги избриша солзите“, својата македонска премиера ја стартуваше минатиот петок, за деновиве, поточно, во следните три седмици, да биде дел од домашниот кинорепертоар. Според она што можевме да го видиме на платното, ова е најзрелиот филм на Теона Митевска досега, односно споредено со нејзините претходни остварувања, овој пат публиката навистина има можност да гледа филм со одлични актерски остварувања, на чело со маестралната Викторија Абрил. Сестрите Митевски ги прашавме колку е комплексно да се продуцира еден ваков проект, кој потоа се претставува на Берлиналето, каде што на некој начин е репрезент на целата наша кинематографија.
Лабина Митевска: Па морам да признаам дека не беше едноставно, особено бидејќи се работеше за четири копродукции, четири земји што беа вклучени во проектот, како и 15 различни националности што заеднички работеа на филмот. Но, од друга страна, мислам дека филмот носи еден нов, висок квалитет, што сме принудени да го имаме, да го доловиме, бидејќи креативците доаѓаат од цела Европа и мислам дека таа креативна продукциска енергија е многу убава.
Теона Митевска: Дефинитивно се согласувам дека е комплексно дело во однос на сценаристичката структура, како и во однос на пораките. Можеби како стареам станувам покомплексна, но воедно и поедноставна. Во однос на формата, мислам дека таа многу прецизно ја следи емоцијата на двете жени, кои ги толкуваат главните улоги во мојот филм.
Л.М.: Ова ми е трет филм како продуцент и секогаш мислев дека ќе биде полесно и полесно, но не е. Секој филм, но особено овој, е најтежок што досега сум го продуцирала, не само од аспект на буџет и големина на самиот филм, снимање во Германија и во Македонија, туку и да се има европска дива како Викторија Абрил не е едноставно. Среќа што таа е прекрасна личност, човек и уметник, па сето тоа беше малку полесно, но сепак тремата што ја имавме претходно и за време на снимањето, си останува.
Приказната во филмот ја следи судбината на две жени во Франција и во Македонија, кои ќе се спојат под чудни околности. Едната бара одговори за загубата на својот син и отуѓувањето од сопругот, а другата се обидува да го најде својот изгубен сопруг и да го зачува синот, односно, се работи за приказна за две жени, за две различни општества и за односите со нивните деца. И додека Абрил одлично се носи со ликот на француската антихероина, чиј син се самоубива уште во почетната сцена, тогаш македонската жена е претставена низ призмата на јуручката заедница, каде што Лабина Митевска ја игра девојката што го чека своето момче да се врати од Франција, соочена со стегите на својата култура. Следното прашање се состоеше во тоа колку време му беше потребно на сестринскиот пар да влезе во психата на Јуруците, нешто што фантастично го направи фотообјективот на Роберт Јанкуловски во 90-тите, и секако, Билјана Гарванлиева во својот наградуван документарен проект пред неколку години.
Л.М. Теона истражуваше околу година ипол бидејќи не е едноставно да навлезеш во нивниот живот и нивните традиции, зашто тие не се толку отворени. Таа цело време ми зборуваше за нив и некаде три месеци пред почетокот на снимањето, јас заминав таму, живеев со нив, зборував, ги чувствував, и затоа сметам дека за да се направи сериозна улога, мора да се направи и сериозно истражување.
Т.М. Долго време истражував, ми се чини околу две ипол или три години. Тоа беше постепено, чекор по чекор мое приоѓање, со првиот збор, па со некаква комуникација… станува збор за многу интересно малцинство, многу интересни луѓе и култура, мислам дека за мене е големо задоволство да ги претставам во филмот, да зборувам за нив. Имам голема почит кон тоа што тие го живеат, кон тоа што тие го претставуваат, како самите себе, така и за Македонија. Не беше лесен процес, но секогаш е така. Секој мал етникум се обидува на некој начин да се заштити, но во еден момент кога ќе те прифатат, пред сè како индивидуа, тогаш сè е толку лесно. Значи, немам сретнато поубави и поотворени луѓе откако ќе се помине таа бариера од Јуруците.
– Тогаш станувате нивен вистински пријател!?
Т.М. Да, останувам нивен пријател доживотно.
Во филмот, покрај Абрил и Митевска, играат и француските актери Жан Мари Калеи и Арбен Бајрактарај, потоа словенечкиот актер Петар Мусевски, како и нашите: Петар Горко, Фирдаус Неби, Жаклина Стевковска-Дрнашин, Маја Вељковиќ, Рујиш Беговска, Темер Ибрахим, Береда Решхит. Сценографијата е на Вук Митевски, a монтажата на Николас Гастер од Велика Британија. Музиката е од „Љубојна“ и од авторот на современа класична музика, Арво Прат, најдобро занаетски сработениот дел во филмот му припаѓа на директорoт на фотографија Матјаж Ердели од Унгарија, кој за разработка на секоја сцена во филмот ги избрал најдобрите можни агли за снимање, со што одлично ја доловува психолошката состојба на протагонистите во приказната. Всушност, најинтересен е моментот кога таа, приказната, започнала да се отплеткува во умот на Митевска?
Т.М. Сè почна со нешто што мене ми се случи. При монтажата на филмот „Јас сум од Титов Велес“, кој го работев во Париз, една вечер, при враќање дома, еден човек скокна од прозорец и умре пред моите очи. Таа емоција, да ги поминеш последните седум минути од нечиј живот, повлече многу прашања во мојата глава. Се прашував што морало да му се случи на овој човек да одлучи да си го скрати својот живот? Тоа беше почетното. После тоа жена, мајка, дете итн.
Во последните моменти пред првата македонска проекција на филмот, нè интересираше какви емоции имаат неговите авторки, односно, каква емоција носи самиот филм, и секако, каде е потешко пред премиерата: пред странските или пред домашните гледачи?
Л.М. Секогаш си повозбуден пред твојата публика, но мислам дека тоа е нормално.
– Како поминавте оваа година во Берлин?
Л.М. Фантастично, Мислам дека реакциите од публиката беа многу убави, имавме седум преполни проекции, така што навистина убаво се чувствувавме.
Т.М. Ова е многу суров во секој поглед, во емоцијата полн со тага, желба, доста длабок, но со себе носи огромен force.
Л.М. Филмот е поканет на многу фестивали, полека работиме и на дистрибуција во Белгија, Словенија, Германија и во Франција, и мислам дека филмот го чека светла иднина.
Буџетот на филмот на сестрите Митевски изнесува 1.930.000 евра, од кои македонскиот Филмски фонд учествува со 500.000 евра, а тој стоеше и зад целосната промоција и презентација на филмот во Берлин. Филмот е копродукција меѓу четири земји, а ја доби и поддршката на европскиот филмски фонд Еуроимаж. Продуцент од Македонија е „Сестри и брат Митевски“, од Словенија во проектот влезе „Вертиго филм“, од Белгија „Antre chien e lup“, и од Германија „Osterlicht production“. Покрај македонскиот Филмски фонд, филмот е поддржан и од филмските фондови на Словенија и на Белгија, како и од престижниот германски МДМ. Извршни продуценти се „Луминари продукција“ од Македонија, претставуван од Ана Јорданова, коja првпат учествува во долгометражен филмски проект.
(Интервјуто е емитувано во „ФИЛМОПОЛИС“ 392, а транскриптот и воведниот текст се објавени во книгата „ФИЛМ.МКД“)