Сенката на Носферату

Филмот „Сенката на вампирот“ на режисерот Елијас Мериж за снимањето на класикот „Носферату“ на Фридрих Вилхелм Мурнау пред точно 80 години, ја разбуди мојата желба за подлабоко истражување и нурнување во мистиката околу оваа култна вампирска приказна, која по турбулентните случувања околу нашите глави во последниве месеци, повторно се актуелизира, овој пат не како одблесок од некои стари времиња исполнети со романтизам и крв, туку како појава на лицата што секојдневно ги гледаме околу нас. Еве го резултатот:

Кој е вампирот?

Фридрих Вилхелм Пламп е роден во Билефелд во 1888 година, а подоцна го присвоил уметничкото име Мурнау, откако, јужно од Михнен, почнал да се дружи со сликарите Василиј Кандински и Франц Марк, а благодарение на својот пријател Албин Грау – и со Алфред Кубин и прашките готик писатели Густав Мејринк и Франц Кафка. Така се оформил кругот на модерните експресионисти, кои имале заеднички вкус и авангарден поглед кон нештата, но и строго професионален однос кон работата.

Военото искуство на Мурнау е пресудно за неговиот печат во германската кинематографија. По војувањето на Прускиот фронт во 1915 година, кон крајот на војната со својот Luftwaffe тој ги надлетува Франција и Швајцарија. Така германскиот романтик број 1, преку летањето, и ја стекнува својата репутација, бидејќи неговата љубов кон нежните движења на камерата се смета дека е потсвесна реминисценција на неговите авио летови и бојата на небото за време на војната.

За снимањето на „Носферату“ се врзуваат многу чудни личности, но дефинитивно најмистериозното име меѓу нив е Албин Грау, кој стои зад костимите и декорот, но тој е и движечка продукциска сила на филмот. За него се знае дека студирал источна филозофија, бил фан на Алистер Кроули, но и добар пријател со некои истакнати уметници, како писателот-сликар Алфред Кубин, сценаристот Хенрик Гален и еден од тројцата врвни директори на фотографија во најсилната продукциска куќа UFA во тоа време, Фриц Арно Вагнер.

Германија во 1921/22 закрепнува од крвавата Прва светска војна и е преполна со нагрдени и намачени лица. Ваквата состојба уште повеќе ја отежнува епидемијата која се пренесува од Шпанија, чии смртни последици процентуално биле фатални за многу повеќе Германци отколку жртвите во претходната војна. Во такви услови, појавувањето на големото платно на „Носферату“ било повеќе од потребно. Месец-два пред самото снимање, Грау објавува еден текст во магазинот Buhne und Film за тоа зошто се решил да работи токму на ваква, вампирска приказна. Тој како и Мурнау, учествувал во војната како германски војник на фронтот во Србија, кадешто, стациониран во некое село, ја слушнал чудната приказна на некој жител за својот татко, кој откако бил убиен и запален, уште од 1884 година почнал да се појавува во селото како вампир. Инспириран од егзотичноста на приказната на селанецот и поврзувајќи ја со близината на Трансилванија и тамошните вампирски легенди, Грау „се навлекол“ на вампиризмот кој го опседнувал се’ до моментот кога, заедно со Мурнау, решаваат да го реализираат „Носферату“.

Во основата…

…на Nosferatu, Ein Symphonie des Grauens (Носферату, симфонија на хоророт, 1922), всушност, лежи приканата на Брам Стокер за грофот Дракула, кралот на Трансилванија, но бидејќи Мурнау и неговиот продуцент не успеале да ги откупат правата за екранизација на оваа книга од сопругата на Стокер, која ги поседувала авторските права, тие само го смениле името на вампирот (гроф Дракула – гроф Орлок) и неговото место на живеење (Трансилванија – централна Европа), додека другиот дел од приказната е ист: Харкер заминува кај грофот за да потпишат договор за откуп на земја во својот роден град, но откако гроф орлок на фотографија ќе ја види Харкеровата свршеница Мина, причината за средбата се менува од корен и приказната се развива во друг митски правец, во кој се испреплетуваат љубовта и сексуалноста од една и бесмртноста и жедта за живот од друга страна.

Хомо-хетеро-фобичност

Повеќето културни студии за приказната за Носферату (но и за Стокеровиот „Дракула“) ја истражуваат релацијата на митот за вампирот со историската и новата политичка појава на женската сексуалност. Така, често сомнабулната Мина и нејзината пријателка Луси се споредувани со хистеричните жени од париското подземје, фотографирани со новата камера на Алберт Лонд, додека двајца млади доктори од Германија и Австрија, Јозеф Бројер и Зигмунд Фројд, суптилно и испитувачки ја набљудувале сесијата од страна. Но, Мурнауовиот „Носферату“ е насочен кон друга сексуална патологија. Вампирите во филмовите вообичаено се бисексуални, кокетирајќи со двата пола преку многуте невести во замокот и со своите поданици и познаници (Ренфилд и Харкер). Мурнау на сето тоа додава животински инстинкти, претворајќи го својот омилен лик во повлечен ѕвер со шилести уши и голем нос, така одвојувајќи го од волшебната денди појава на Бела Лугоши, а подоцна и на Кристофер Ли од Дракула-серијалите. Токму таквиот спој ги привлекол сите филмски работници што работеле на овој проект смртно да се заљубат во Носферату и неговата појава, која зрачи со еротски набој на некој извртен и вонземски начин.

Писателот Џим Шепард, пак, овие мали нијанси во митот и’ ги припишува на хомосексуалноста на Мурнау, за која вели дека е клучна и за неговиот живот и за неговите филмови. Таквиот заклучок го донел по смртта на неговиот интимен пријател Ханс Еренбаум-Дегеле на источниот фронт, инаку еврејски банкар и колекционер на слики, чија мајка го згрижила Мурнау по неговото враќање во германија кон крајот на војната.

Сепак, сексуалноста во филмот на Мурнау е и извор на злото: Носферату е појава полна со желби, кои мора да бидат употребени во повисоки цели, а Мина, изразувајќи го спојот меѓу желбата, љубопитноста и хоророт, типични за патријархалното воспитување на женската сексуалност, мора да умре заедно со вампирот. исто така, и љубовниот триаголник што се појавува во приказната е интерпретација на замаглената структура на сексуалната привлечност и амбивалентност. Така се издвојуваат две целини: хетеросексуалната, за која зборувавме и која е очигледна, и хомосексуалната, преку хомосоцијалната врска на Харкер и Ренфилд, како вампирски жртви. Ова само ја потврдува констатацијата на многу истражувачи, кои и покрај многу спротиставености, се согласуваат дека фокусот на експресионистите е насочен претежно кон кризата на машкиот идентитет и латентната бисексуалност во филмските приказни од тој период, претставена преку љубовен триаголник или, во ретки случаи, преку отворената шизофрена љубов кон својот деловен партнер.

Елијас, Фауст, Доријан Греј…

Актуелниот филм на Елијас Мериж, „Сенката на вампирот“, ја носи идејата дека улогата на Носферату не е одиграна од актер, туку од вистински вампир. На таа тема пишува и Аду Киру во својот есеј од 1953 година, Le Surrealisme au cinema. Имено, во ролјаа на Носферату, на крајот од филмот е потпишан познатиот театарски актер Макс Шрек, но добро познато е дека тоа е само кавер финта на режисерот. Кој, всушност, се крие за Носферату? Можеби, самиот Носферату? Актерот-како-ѕвезда-како-вампир, барајќи свежа крв и напаѓајќи ги невините жртви, во филмскиот бизнис е е само обина метафора – поентира Киру во својот текст.

Друг интересен детаљ кој датира од дамнешни времиња, а е најекспониран во приказните за Фауст и мефисто, е продавањето на сосптвената сенка, односно душата на жртвата. Со мала модификација, во „Сенката на вампирот“ режисерот ја жртвува својата главна актерка на вампирот-актер поради задоволителелн уметнички ефект, но откако ќе се премине границата на лудилото, камерата мора да продолжи да снима, и снима, и снима… Со ова режисерот Мериж го поистоветува режисерот Мурнау со жедта за крв на вампирот, со што Фауст и мефисто, како и Мурнау и Носферату, во случајов се играчи од истиот тим.

Вампирските филмови, во суштина, ја бараат енергијата на младоста, љубовта и вечниот живот, зачинети со прашања за вистината, убавината и перфекцијата на артифициелното од страна на амбициозните уметници или лудите научници. Резултатот секогаш е повеќе од она што тие го барале, умирајќи во ужасна агонија, како Оскар-Вајлдовиот Доријан Греј, или страдајќи над својата вистинска судбина, барајќи ја назад својата сигурна и безболна смртност. И во обата случаја, протгонистите завршуваат како ѕверови, екскомуницирани од средината на обичните луѓе, за која толку многу копнеат да ги прифати.

Мурнау и Ланг на кауч кај Фројд

Носферату и Дракула се можеби единствените митови што ги продуцираше технологизираното време. Според Фридрих Китлер, Дракула е личност што на светската врата влезе заедно со машината за чукање, грамофонот/фонографот и киното. Колку тој мит ни кажува за (зло)употребата на овие нови технологии се’ уште е неразјаснета работа. Тука не смее да се заборави и психоанализата, чиј роденден и со ист датум како и на претходно споменатите појави. Фројд бил во право кога нашишал дека психоанализата и киното ја срушиле доминацијата на литературата и уште повеќе ја зголемиле репетитивноста на човековото искуство. „Тие се претворија во слики и звуци, текст и насоки, манифестирајќи физички симптоми на фантомска сензација“.

Оваа опсервација на тема „технолошки достигнувања“ можеби треба да се смести во еден поширок контекст вклучувајќи го и Метрополис-гуруто Фриц Ланг, а паралелите што можат да се анализираат во филмскиотпристап на двајцата современици-експресионисти наведуваат на заклучокот дека грешката на филмот на Мериж не е во фикцијата дека во внатрешноста на Макс Шрек се крие вистински вампир, туку во потентноста на митот за Носферату транспониран во денешниве турбулентни времиња, како паралелна фрустрација со прашањето: Како и колку технологијата и мас-медиумите успеаја да го сменат начинот на живот во последниов век, иако одговорот, нели е сосема очигледен. Затоа, како препорака, најдете време и погледнете ги „Метроплис“ и „Носферату“ еден по друг и потоа споредете ги. Резултатот може да биде и повеќе од интересен!

Крајот е почеток е крај

Мурнау почина во неразјаснета сообраќајна несреќа на 11 март 1931 година близу Санта Моника, додека се подготвувал со брод да отпатува во Њујорк, иако неговиот астролог го предупредил дека тие денови не треба да патува. Девет дена по неговата смрт премиерно бил прикажан неговиот последен снимен филм Tabu, A Story of the South Seas, кој се смета за негов интимен дневник, но и за еден вид суптилно продолжение на „Носферату“. Тој филм, воедно, претставува и последен егземплар на германскиот експресионизам кадешто конфузната битка меѓу животот и уметноста ја доби Уметноста, како поавтентична, повистинита и посилна од суровата реалност.

@Текстот е објавен во октомврискиот број на „Урбан магазин“ 2001 година.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *