Кон филмот „Cecil B. Demented“ на Џон Вотерс

Во светот на филмот има малкумина автори коишто во текот на својата долгогодишна кариера можат да се пофалат со доследност и конзистентност на својот филмски јазик. Еден од ретките е човекот што доаѓа од зафрлениот американски град Балтимор, режисер чијашто филмска естетика е уникатна и единствена, која несомнено го прави голем auteur, но не со кренат нос, туку со многу истенчена смисла за самокритика. Дами и господа, мистер Џон Вотерс!

Балтимор е местото во кое веќе триесетина години се одвиваат едни од најбизарните приказни во историјата на независниот филм. Вотерсм и покрај зрелоста, не сака да ја прекине папочната врвка со градот кој не нуди речиси ништо интересно, па затоа во фокус влегува она несекојдневното и гротескното. Почнувајќи од култниот „Pink flamingos“ (1972), „Female trouble“ (1974), „Polyester“ (1981) и „Hairspray“ (1986), неговите чеда од првата творечка фаза, преку „Cry baby“ (1990), „Serial mom“ (1994) и „Pecker“ (1998) од вториот авторски период, па се’ до новиот филм „Полудениот Сесил“, кај Вотерс е видлива неговата преданост кон евтините продукциски можности надополнети со проѕирен аматеризам при снимањето и кадрирањето, но и со ронка самосвест притоа, цитирајќи и некои филмски великани како Орсон Велс, на пример. Таа иронична „поза“ на режисерот неговите филмови ги прави уште попарадоксални, така што публиката зазема екстремни позиции при гледањето на некој негов наслов, односно, неговите филмови или се омразени од дното на душата, или се полнокрвно прифатени од фановите. Трета солуција не постои.

„Полудениот Сесил“ е филм којшто премиерата ја доживеа на годинашниот филмски фестивал во Кан. Најзначајниот филмски настан на европско тло отсекогаш имал заштитничка улога кон американската indie продукција, меѓу кои, покрај Вотерс, спаѓаат и Џармуш, Спајк Ли, Содерберг итн. Честа неговиот нов филм да биде една од канските атракции е признание што Вотерс, несомнено, го заслужува. Интересни се приказните во кои се вели дека во недостиг на ѕвезди од поголем калибар, улиците на Кан биле преполни со фоторепортери кои ги сликале токму протагонистите во филмот на Вотерс, меѓу кои предничела Мелани Грифит, која подолго време беше заборавена од филмаџиите, па еве, Вотерс прави „тарантиновски“ потег и ја враќа во посакуваниот фокус.

Хани Витлок (Мелани Грифит) е холивудска ѕвезда која доаѓа во Балтимор на премиерата на својот најнов филм „Some kind of happiness“. Eкипа на филмски фанатици на чело со Сесил (Стивен Дорф) низ герила акција од премиерата прават хаос, грабнувајќи ја актерката за потребите на својот филм. Нивното животно начело е дека комерцијалните филмови се „срање“ и дека само уметничките филмови пропуштени низ документаристички објектив можат да го спасат светот. Ваквиот екстремен идеализам во текот на филмот ги преминува сите граници, дури се користи и оружје кое предизвикува жртви, за на крајот зборот „компромис“ да ја преземе контролата во свои раце. Умно, зарем не? Особено затоа што Вотерс своите ставови ги провлекува низ филмското сиже.

„Полудениот Сесил“ е филм којшто, за нијанса, е технички подотеран од претходните филмови на Вотерс. Тоа само ја потврдува неговата тенденција полека но сигурно да навлезе во мејнстрим продукцијата, која носи посигурни пензионерски денови. Филмот е преполн со мастурбативни гегови и бизарни моменти, по што Вотерс и стана препознатлив, но сепак е дело што може да го гледа и вашата тетка, да речеме. Сето тоа е далеку од јадењето на кучешки г.мна на Дивајн во „Розевите фламингоси“ од 1972 година, сцена што тогаш го шокираше светот. Но, тоа е тоа. Eppur si muove.

@Текстот е објавен во октомврискиот број на „Урбан магазин“ 2001 година.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *