Почнувајќи нешто пред пандемијата, па се’ до денес (што значи – цирка две години), одејќи или возејќи велосипед низ скопските улици ги забележував актуелните скопски графити и ги ставав на ФБ, каде наидуваа на прекрасни коментари – од политички до хумористични. Во овој текст ги собирам на едно место, фино надоврзувајќи се на претходните текстови на оваа тема.
Пред 17 години приредив едно мало книже во кое на едно место ги собрав графитите низ светските метрополи, со специјално поглавје – СКОПСКИ ГРАФИТИ!
Подоцна сфатив дека шест години претходно, за време на мојот ангажман во ТВ Сител, сум говорел, погодувате, токму за ГРАФИТИТЕ и нивното значење!
Токму затоа, овој прилог е одлично надоврзување на таа моја фасцинираност од уличната спреј-филозофија, но овој пат зачинета со актуелните графити низ скопската метропола крај кои секојдневно минуваме, и кои на суптилен на чин ни ги размрдуваат мозочните вијуги. Фото серијалот кој следи содржи графити-пораки и визуелни графити. Се надевам дека ќе се потсетите каде сте ги виделе низ градот, а доколку не, тогаш дека ќе уживате во духовитоста на истите 😉
А сега и визуелните графити-бравури, секако, овој пат без коментари. Започнуваме со една Мондријан барака на бул. Октомвриска револуција 😉
И на крајот, една приказна инспирирана од графитите забележани додека за време на речиси празниот град (26 март 2020 година) се движев пеш кон ИЛИ-ИЛИ по Илинденска. Прво приказната, па графитите од кои произлезе истата 😉
Кратка-кратка кротка приказна
Одам пеш кон книжарница. Се разминувам само со неколку сограѓани. Помислувам на Бруно Ганц во „Небото над Берлин“. Попатно ги читам графитите и се насмевнувам.
Пристигнувам. Полн сум со кислород, но ми треба противтежа. На враќање, нема кој да те опцуе ниту кога на миг си тркнал до локалниот гранап.
Ова е тажен и прекрасен свет… тажен и прекрасен свет.