Балкан експрес спаѓа меѓу најинтересните бендови во моментов на македонската алтернативна сцена, но баш и не се утепаа од работа и имаат многу малку снимки. Како и да е, со нив ја започнуваме малата серија на „рокенрол интервјуа“.
Одсеопфатното лудило кое веќе долго време лебди над градот-црв, се обидовме да најдеме спас и позитивна енергија надвор од него, на периферијата, „каде дивите пци верно го чуваат духот на тишината“. И додека црвениот бус за Драчево со број 41, шраф по шраф, ја зголемува својата брзина, во неговиот миризлив и од провев одвеан багажник двете електро-глави на Вампира и Лудвиг со нетрпение го очекуваа оној момент на мостот кога нивните внатрешни органи барем за момент ќе ги променат своите места, на тој начин постигнувајќи хај-прашина во мозокот. In-Out, Input-Output… Спој во колата за комуникација. Репрограмирање, молам.
– Лудвиг, Лудвиг, влегуваме во подземјето – ме протресе охрабрувачкиот глас на Вампира.