Илузија што ја победи реалноста на големото платно

Јубилеј – 20 години од премиерата на филмот „Кој го намести зајакот Роџер“: Токму овој наслов беше пробниот балон кој ги постави темелите на иднината на филмот, за едни логична и перспективна, за други – празна и декадентна

Гладот на филмофилите за добри научнофантастични остварувања во последниве десетина години мора барем малку да се нахрани со копање по минатото и со наоѓање ретро-наслови. За сето тоа е виновна напредната технологија, за која речиси сите добри познавачи на филмот се согласуваат дека ги уништува ретките добри сценарија кои одвреме-навреме ќе се појават во големите студија. Едноставно, доволно е да го измачкате платното со илјадници ефекти и приказната да отиде по ѓаволите, со што се постигнува контра-ефект, иако заработката на кино-благајните во најголем број од случаите на крајот завршува со позитивно салдо. Главен „виновник“ за ваквиот тек на настаните е филмот „Кој го уби зајакот Роџер“, кој годинава прославува убав јубилеј – 20 години од неговата светска премиера. Токму овој наслов беше пробниот балон кој ги постави темелите на иднината на филмот, за едни логична и перспективна, за други – празна и декадентна.

По успехот на филмовите „Војна на ѕвездите“, „Блиски средби од трет вид“, „Е.Т.“ и други, време беше смешните кукли и маски да се заменат со нешто виртуелно, но убедливо. За постигнување на целта, алхемиските сили ги здружија компанијата „Вол Дизни“ и магот Стивен Спилберг, кои го креираа првиот долгометражен филм во кој на исто место, во ист простор и во исто време функционираат живите и анимираните ликови. Овој проект бескрајно ја израдува помладата публика, а аналитичарите предвидоа дека овој начин на снимање филмови ќе земе замав во следните години. Со тоа, сиот труд на актерите – како Роберт де Ниро и Ал Пачино, најрепрезентативните претставници на сега веќе постарата генерација карактерни актери, на некој начин падна во вода, бидејќи главниот актер во „Кој го намести зајакот Роџер“, искусниот Боб Хоскинс, цело време морал да глуми пред зеленото платно, замислувајќи дека пред себе има некој противник, што денес е секојдневна појава на сетовите од филмовите. Но интеракцијата на живиот и на анимираниот лик на големото платно изгледа речиси совршено, со што работата влегува во сосема поинаква, паралелна димензија.

Нормално, веќе далечната 1988 година не му припадна, односно воопшто не ја одбележа токму овој наслов, туку тоа беше година во која светот полуде по прекрасниот „Дождливиот човек“ на Бери Левинсон, со Дастин Хофман и Том Круз во главните ролји, филм кој ги собра сите Оскари во главните категории, препуштајќи ја единствено наградата за најдобра женска улога на Џоди Фостер за брилијантната улога во филмот „Обвинетата“. Но, Академијата знаеше да го препознае новиот филмски импулс, доделувајќи му на филмот на Роберт Ѕемекис дури шест номинации, на крајот добивајќи четири од нив, секако, во техничките категории: монтажа, звучни и визуелни ефекти и специјални достигнувања во областа на анимацијата, за кои беше задолжен иноваторот Ричард Вилијамс.

И така, една навидум лесна комедија, во која детективот Еди Валијант истражува сомнително убиство потпомогнат од својот анимиран колега, и во која се појавуваат речиси сите Дизниеви анимирани ликови, како еден вид (индиректна) реклама наменета за најмладите, одеднаш стана историски значаен наслов кој ја промени историјата на правење на филмски спектакли. Најзаслужен за тоа, според многумина, е токму Ѕемекис, чија суптилна смисла за хумор и одлична занаетска поткованост направи овој експеримент да биде „the next big thing!“. Иако за овој филм повеќето од гледачите од оваа, 20-годишна дистанца, ќе ви кажат дека воопшто не им се допаѓа(л), сепак, тој е значаен од сосема друг аспект кој веќе го потенциравме, па затоа компанијата Дизни деновиве му придаде особено значење со повторна проекција за фановите, така на пристоен начин одбележувајќи го 20-годишниот јубилеј.

@Текстот е објавен во неделникот „Глобус“ на 29 јули 2007 година.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *