Треш-естетика на пиедесталот

Во време кога со филмот владее дигиталната технологија, која дури и на нискобуџетните филмаџии им овозможува олабавено да снимат некој наслов кој потоа рамноправно им парира на филмовите во кои се вложени многу пари, „лошите деца“ на Холивуд Роберт Родригез и Квентин Тарантино не се задоволуваат со ваквото, условно, олеснување на работата, туку влегуваат во авантура наречена кино-без-срам-и-перде, носталгично навраќајќи се на Бе-продукцијата од 70-те години на минатиот век, во која нема никакви правила, освен многу крв, луѓе-зомбија и желба за добра забава. Се работи за лудото тричасовно патување насловено „Целовечерна претстава“, дводелен филм кој својата премиера ја доживеа во април, а дефинитивно на светската публика кон него ќе биде целосно свртено во текот на летово.

Авторите на ова остварување името го зајмуваат од целовечерните претстави во драјв-ин кината и во евтините кино сали во предградијата на САД, кадешто речиси за багателна цена публиката се забавувала во иста вечер гледајќи неколку филма, проследени со еден куп најавни трејлери. Тоа е и мисијата на „Грајндхаус“, да направи реминисценција на магијата од вечерното излегување во кино во 70-те години, кога во темнината на киното момчињата и девојките се бакнувале, а потоа оделе на шампита 🙂

Судејќи според нивните претходни филмови, споменувајќи ги, еве, само последните, „Убиј го Бил“ и „Град на гревот“, зошто толку технички софистицирани филммејкери, кои сега веќе имаат моќ да направат што сакаат, снимија филм како овој? Наједноставниот одговор е – зашто им се може, но посоодветниот би бил – затоа што тоа го сакаат, тоа ги развеселува и ги забавува до крајност. Тоа е нивното киношоу кое го засакале уште од мали, кога лентата за време на проекцијата често се кинела, па чекале чичко-операторот да ја смени, без разлика на тоа што она што следело на платното било тотален треш. Но, да се сними ваков филм веројатно значи човек да се ослободи од сите негативности. Родригез и Тарантино на платното, преку своите алтер-ега, се крајно еротични и насилни, како да сакаат да кажат дека кино-храмот е единственото место кадешто и треба да си таков, за разлика од улиците низ американските градови, кои секојдневно се полни со крв.

Иако филмот, под покровителство на браќата Вајнштајн од „Мирамакс“, е снимен со буџет од 53 милиони долари, поради целиот концепт и замисла на творците, ги задоволува сите норми на кич-естетиката. Енергијата која ве заплиснува како да укажува дека навистина се работи за нискобуџетен филм, за на крајот да сфатите дека тој е толку лош – што навистина е добар, па дури и одличен. Камерата често пати врска нема што прави, лошите монтажни резови го дотолчуваат хаотичниот неред во нештата, но по одредено време се навикнувате на оваа естетика бидејќи ТАКА ТРЕБА ДА БИДЕ! Со постојаното инјектирање адреналин од првиот до последниот момент од филмот, во целост се навлекувате на „Целовечерна-та претстава“, потоа, секако, навраќајќи се дел по дел на сцените кои изобилуваат со цитати од филмската кемп-историја, преку насловите како „Точка на исчезнување“, „Валканата Мери и лудиот Лери“ (едн од моите омилени филмови од детството), „Треска на белата линија“…

Првиот сегмент, режиран од Родригез, насловен „Планета на теророт“, е директна посвета на легендарниот автор на зомби-хорор жанрот, Џорџ А. Ромеро. Додека група преживеани се борат против армијата зомбија со човечки облик, акцијата е експлозивна, летаат делови од човечки тела на сите страни, а таа кланица е проследена со минималистичка музика создадена на синтисајзер од страна на Родригез, што е уште една директна посвета, овој пат на Џон Карпентер, кој самиот ја компонираше музиката за повеќето од неговите дела, како „Напад на полициската станица“ или „Суштество“. Меѓутоа, приказната не содржи интересни реплики и набргу станува малку здодевна, со исклучок на легендарната сцена со го-го танчерката Чери (Роуз МекГоувен), на која по губењето на едната нога момчето и’ ампутира орбитален машин-ган, кој коси се’ пред себе. Лудило!

Тарантино со вториот дел „Безбеден од смртта“ оди во друга насока. Станува збор за посвета на бркање-со-коли филмовите од 70-те, како Спилберговиот деби-филм „Дуел“. Но Квентин не би бил тоа што е доколку во 80% во филмот, за жал, неговите ликови, вклучувајќи го и него, не „мрчат“ приказни без врска, кои едвај чекате да поминат. Неговиот дел делумно го вади ликот на каскадерот Мајк, одлично одигран од Курт расел, кој сака своите жртви да ги вози во заштитениот автомобил со 280 км/час, пред да стапне на смртоносната кочница. Со ова режисерот уште еднаш ја применува формулата на реинкарнирање на некоја подзаборавена филмска ѕвезда, како што направи со Траволта во „Палп фикшн“. Изведбата на Расел на психото Мајк, со мали референци на Змијата Плискин од „Бегство од Њујорк“, е полн погодок! Од останатие куриозитети од овој дел, кој на некој начин е филм за женската моќ наспроти машката фрустрација, да споменеме дека најатрактивната ролја, онаа на девојката која за време на финалната бркотница цело време виси на хаубата на Доџ-от, ја толкува Зои Бел, вистинска каскадерка, која ја менувала Ума Турман во ризичните сцени во „Убиј го Бил“. Тарантино и’ ја даде првата вистинска шанса на големото платно.

И на крајот, да кажеме дека покрај овие две луди дела, ќе уживате и во четирите „лажни“ трејлери кои функционираат како врзани додатоци на целовечерната филмска порција, претставувајќи вистински мини-класици. „Мачета“ на Родригез го најавува новиот филм со Дени Техо во издание како никогаш досега, „Немој“ е потсмевање со клише-хорорите на Едгар Рајт („Зоран на мртвите“), „Ден на благодарноста“ е сатира на филмовите на режисерот Ели Рот („Хостел“), додека музичарот Роб Зомби го режираше најоткачениот интермецо-трејлер, „Жени-врколаци во ЕС-ЕС“, со Николас Кејџ како Фу Манчу. И после сево ова, зарем треба уште нешто да се додаде?

@Текстот е објавен во неделникот „Глобус“ на 10 јули 2007 година.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *