Архива за месец: мај 2017

Кон финскиот филм „Другата страна на надежта“ на Аки Каурисмаки

Кога зборуваме за помали европски кинематографии, финската секако е една од нив. Истата најчесто се поистоветува со имињата на браќата Мика (постариот) и Аки (помладиот) Каурисмаки, кои, интересно, од нивниот прв наслов од 1980 година па наваму, досега продуцирале 1/5 од финските филмови, што е за голема пофалба. Под продуцентска контрола на нивната куќа „Вилеалфа“ (крстена во чест на „Алфавил“ на Жан-Лик Годар), браќава прават крш со нивните остварувања, снимајќи прекрасни приказни полни со емпатија во кои најчести (анти)херои се маргиналците, луѓето од предградијата, кои тешко се снаоѓаат во турбулентните модерни времиња. Истовремено тие мудро ги користат адутите како разоружувачкиот хумор на најнеочекувани места и сатирата како дозиран лек против малоумноста, сето тоа водејќи на моменти и кон апсурдот како посакувана дестинација, како и постојаната игра со структурата на самиот филм и сесрдното кршење на филмските конвенции како алатка која е својствена само за овие „налудничави“ фински браќа.

Читај повеќе

Кон класикот „Кум“ на Френсис Форд Копола

На неодамна завршениот Трибека филм фестивал во Њујорк, после четириесет и пет години, на сцената заедно седнаа творците на легендарниот „Кум“ (The Godfather): режисерот Френсис Форд Копола и актерите Роберт де Ниро, Ал Пачино, Роберт Дивал, Дајан Китон и Џејмс Кан. Освен носталгичното потсетување на 70-те и 80-те, времето кога се оформи култната трилогија, пред преполната сала се зборуваше и за (не)можноста да се сними и четврто продолжение.

Читај повеќе

Кон класикот „2001: Одисеја во вселената“ на Стенли Кјубрик

По освртот кон „Граѓанинот Кејн“, еве мал осврт и кон еден од најдобрите визионерски филмови во филмската историја, „2001: Одисеја во вселената“, кој следната година ќе наполни 50 години. Иако неговите главни креатори, Артур Кларк и Стенли Кјубрик, одамна не се меѓу нас, се надеваме дека јубилејот ќе биде достојно одбележан, на радост на фановите ширум светот.

Читај повеќе

Кон класикот „Граѓанинот Кејн“ на Орсон Велс

Секогаш кога по повод некој јубилеј се прават избори на најдобри филмови во историјата на кинематографијата, во кои учествуваат битни филмаџии со своите мислења, „Граѓанинот Кејн” на Орсон Велс во многу случаи е на самиот врв, или пак во групата „Топ 5 филмови на сите времиња“. Првенецот на Велс скрши многу правила во филмскиот јазик, но измисли и неколку нови, кои подоцна сесрдно ги прифатија и ги употребуваа во своите филмови останатите филмаџии од неговата генерација.

Читај повеќе

Кон „Патерсон“ на Џим Џармуш

„Ја палам цигарата и ја почнувам филмската рецензија…“
„Патерсон“ можеби не е најдобриот филм на Џим Џармуш, но сигурно не е и најлошиот. А зарем Џармуш има лош филм?

Читај повеќе

Кон британскиот филм „Јас, Даниел Блејк“ на Кен Лоуч

Од нигде никаде, добивам мејл дека мојот работен стаж брои толку и толку години, месеци и денови. Уф, си мислам, државнава администрација конечно почнала да работи нешто за што сите граѓани ја плаќаме. Сепак, нешто не ми штима. Забележувам дека фалат година и некој месец стаж. Одвојувам време и влегувам во бирократскиот државен лавиринт. И бидејќи е нивна, а не моја грешка, еден ден не е доволен. Едноставно, велат, при преселбата во новата зграда којзнае каде им се архивираните документи, и сето ова го кажуваат со насмевка на лицето. Океј, навикнат сум уште од студентски денови да висам на шалтер. На Правниот факултет имаше една службеничка пред пензија кај која ти беше страв да се обратиш, а камоли да средиш нешто. Дури на крајот, кога дипломирав, ја начекав во добро расположение и релативно брзо и без нервози ми ги среди документите. Но, да се вратиме назад. Од шалтер на шалтер, приказната ме врати кај книговодителот, па повторно назад во зградата на институцијата. Доколку не беше љубезна една од службеничките и реши случајот да го истераме до крај, кафкијанскиот процес ќе си потраеше. Колку, не знам. Но нејсе. Мојот случај е ситен во однос на приказните за кои слушам од пријатели и за кои одвреме-навреме читам во весниците. Има граѓани, наши сограѓани, чиј работен стаж е преполовен, некому фалат три, некому пет, некому десет, некому дваесет години. А фирмите затворени. Кому да се пожалат, каде да се обратат? А требало да си уживаат во заслужената пензија. И не е само оваа приказна со работниот стаж. Што да кажеме за лихварските банки кај кои пола луѓе во државата се задолжени и се на работ на егзистенција? А извршителите, работат ли работат. За проклети 190 денари за националната телевизија која константно сервира партиски вести се блокираат трансакциските сметки. Што да кажеме за катастарот? По повторното мерење, 20%-30% од земјиштето со сопственост преминува во рацете на Република Македонија. И оди докажи го тоа. Со години ќе играат пинг-понг со тебе. А ти си само чесен граѓанин кој плаќа данок и сака да има пристоен живот. И ништо повеќе.

Читај повеќе

Кон „Дух во школка“ на Руперт Сандерс

За разлика од рецензиите во изминатиот период каде фигурираа филмови претежно од 2016 година, овој пат одиме со топ актуелен наслов. Имено, на покана на пријателите од компанијата за визуелни ефекти „FX3X“, присуствував на светската премиера на филмот „Дух во школка“ во Синеплекс, која паралелно се случуваше и во останатите градови од светот. По малку сушниот период и чекањето да завршат Оскарите, ова е новиот проект на кој работеа компањоните од студиото во Аеродром, и тие го имаат ексклузивното право кога работат на некој филм, премиерата на истиот да се случи во исто време со неговата светска премиера. Не се информирав на кој дел од специјалните ефекти работеле момците и девојките од „FX3X“, но сè ми се чини дека ова е можеби досега најкомплексниот филмски проект во кој учествувале, поради густината на сликата и деталите во истата, и еден куп леери и леери кои треба да се исцинцелираат до перфекција. Уште едно големо браво за нив!

Читај повеќе