30 години „Стотројка“

Оваа година Канал 103, или популарната „Стотројка“, слави 30 години постоење. Честитки за мојата прва медиумска љубов, РАДИОТО, за многу години!!!

Програмата на сто и третата фреквенција која почна како забава за пар пријатели со скратени термини, многу бргу прерасна во мотиватор и инспиратор на музичката, и воопшто, културната сцена во нашата млада држава, давајќи им можност на новите генерации да ја вкусат магијата на програмата во живо. Некои ја искористија можноста на најдобар можен начин, некои истата ја злоупотребија. Во Стотројка стартував пролетта 1997 година со музичката емисија „Анексија“, која се емитуваше во четврток во 22 часот, по култниот хип-хоп термин „Црна хроника“ на Ви-Џи, а пред ноќната програма „Гараж“ на Хинки. Од тој период и потекнуваат единствените фотки кои се дел од постов. Потоа ја стартував и филмската емисија „REDRUM“ по која слушателите повеќе ме препознаваа, и се’ така до 2003 година. Подоцна „Анексија“ се претвори во „Мезанин“ на Радио Равел, а „REDRUM“ во „Филмополис“ на ТВ Телма.

На првата фотка се подготвувам пред стартот на емисијата, а во позадина се гледаат плакатите од „Т-фестивал”, потоа, оној роденденскиот под Кале, со Yоung gods како главни гости, a меѓу нив, секако, Trainspotting. Десно е плакатчето за „REDRUM“ со отпечатокот од прстот.

На втората фотка сум со Ви-Џи, а лево на столбот во студиото е плакатчето за „Анексија“, име инспирирано од романот „Гол ручек“ на Вилијам Бароуз.

На третата сум со покоен Златко Трајковски, кој секогаш носеше интересни ЛП-ја со психоделични обвивки на бендови од крајот на 60-те и почетокот на 70-те. Зад нас мргодно не’ гледа Џон Спенсер додека со Хинки пушиме и разговараме (да, да, се пушеше внатре 😄)

На четвртата фотка е Хинки зад микрофонот во глувата соба, а зад него е плакатот од саундтракот за „Пред дождот“ на Анастасија.

И на петтата фотка сум успеал да го овековечам еден од подрагите техничари, Дејан Јоновски, а во позадина се концертните плакати на “Чиста околина”, Баланеску квартет и ПМГ .

Стотројка неколку пати се обидоа да ја убијат, но со концерти и еден куп поддршка таа остануваше во живот. Радиото веќе неколку години не зрачи програма на сто и третата фреквенција, но момците и девојките со квалитетна програма можете да ги слушате онлајн. Јас се надевам дека статусот на ова култно радио кое на многумина се’ уште им значи ќе биде решен во скоро време, и дека Канал 103 повторно ќе можеме да го слушаме на old school начин, со вртење на потенциометарот и негово позициноирање на познатата фреквенција, од каде ќе го чуеме џинглот: Канал 103 – Државен непријател број 1!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *