BLACK IS BASIC – 50 години творештво на Мице Јанкуловски

Од 18 август до 15 септември,  љубителите на ликовната уметност се во можност да проследат една изложба од светски калибар. Во Националната галерија на Македонија, објект „Мала станица“, во тек е изложбата насловена „МИЦКО, Мице Јанкуловски, 50 години творештво“, со која уметникот го одбележува своето присуство на уметничката сцена пет декади во континуитет. Иако првично најавена до 28 август, сепак поставката која содржи 150 слики во 50 полиптиси, под кураторство на Корнелија Конеска, доби зелено светло за уште петнаесетина изложбени денови, што е одлична можност за оние кои не ја посетиле, да го сторат истото во следниот период.

Одамна не сум бил во „Мала станица“. Тој објект ми е драг бидејќи бев дел од неговата благородна мисија со „ИЛИ-ИЛИ“ од 2006 до 2009 година, но потоа истиот како да се изгуби од мапата на значајни културни точки во градот, и само спорадично знае да организира нешто што ќе го привлече вниманието на јавноста. Културните политики, впрочем, никогаш не ни биле посилна страна.

Сепак, „Мала станица“ како репрезентативен објект со голем изложбен простор овој пат ја има честа да ги вдоми делата на македонскиот уметник Мице Јанкуловски од неговиот серијал „Форма“, кои во изминатите години му донесоа и неколку меѓународни признанија. Имено, Јанкуловски лани ја доби престижната награда за најдобар уметник „Ел Греко“ на „Арт Тесалоники 2019“ во Грција, потоа, наградата за животно дело „Лоренцо ил Мањифико“ на Биеналето 2019 во Фиренца, Италија, а пред две години и наградата „Уметник на светот“ на Биеналето во Ларнака, Кипар.

Во каталогот на Националната галерија е нагласено дека „после 50-години творештво во различни медиуми, МИЦКО Мице Јанкуловски денес слика само со црна боја. На самите почетоци, слика различни форми во различни бои истражувајќи го визуелниот ефект и движење како резултат од нивната меѓусебна интеракција како форми и како бои, за да после 50 години открие дека црната ги содржи сите бои, дека природно се движи светлината, па почнува да слика големи платна со форми и растери само со црна боја, кои, вклучувајќи ја светлината како интегрален дел на сликата – предизвикуваат бескрајни сензации…“

И токму тоа е главниот предизвик за секој посетител на изложбата – менувањето на местоположбата како набљудувач пред огромните платна кои како да сакаат да ве впијат, но вие вешто ја избегнувате таа стапица и се обидувате да ја одгатнете нивната мистериозност, проучувајќи ги деталите, и прашувајќи се како уметникот го постигнал посакуваниот ефект.

Кога почнува да слика само со црна боја, покрај од боите, тој се ослободува и од четките, но што е уметноста ако не „… елиминација на непотребното“?, цитиран е славниот Пикасо како еден вид објаснување на минимализмот во пристапот на Јанкуловски. За подобро поимање на неговата уметничка визија, во централната просторија на вториот кат се проектира и видео запис, проследен со фина, амбиентална музика, чии звуци одекнуваат во празниот простор наоколу.

Во луксузната монографија излезена неодамна, а посветена токму на јубилејот „50 години творештво на Мице Јанкуловски“, различни историчари на уметност и куратори препознаваат различни димензии во неговото сликарство. Еве дел од нивните импресии:

„Јанкуловски одржува еден сосема поинаков пристап: тактилност, одлучност и матрица на свесност“. (Александр Боровски, раководител на одделот за нови трендови и Лудвиг музејот при Рускиот државен музеј во Санкт Петерсбург)

„Необичниот аспект на композициите на црни слики на Јанкуловски открива многу за начинот на кој уметникот го гледа и претставува светот преку дводимензионални форми кои се чинат како облеани со космичка енергија, а со тоа и како идеални или имагинарни ‘живи суштества’ чија очигледна неподвижност сугерира статус на незабележливо, но континуирано движење или промена“. (Д-р Мелани Зеферино, историчар на уметност и куратор, Фиренца, Италија)

„Сликарските композиции на Јанкуловски ни овозможуваат пристап во светот на евокативни, длабоко софистицираните слики на целиот космос на неговата внатрешна визија. Тие, иако апстрактни, имаат скоро историско влијание. Драмата на историјата се носи со новото“. (Проф. Манос Стефанидис, уметнички критичар, куратор и публицист, Атина, Грција)

„Во делата на Јанкуловски, црната како ‘не-боја’ е протагонист на финалната слика која резултира во еден вид на ‘пофалба на црното‘.“ (Енцо ди Мартино, историчар на уметност, Венеција, Италија)

„Сликите на Јанкуловски можат да се гледаат како скулпторски површини, каде филозофскотрансцендентално-геометриската форма и начинот на кој таа се артикулира дава важен аспект на жанрот. Светлината ги опишува површината и формите, точката на гледање ги дефинира позитивните светли и негативните темни структури на уметничките дела. Монохроматската, црна површина игра улога на мултидимензионален предмет: оној што треба да се истражува“. (Д-р Жолт Петрани, раководител на одделот за современа уметност при Националната галерија на Унгарија, Будимпешта)

Ако за белата боја се вели дека рефлектира и истовремено ги содржи сите бои на спектарот, а за црната дека апсорбира се’ околу себе како „црна дупка“, сликите на Јанкуловски се некаде помеѓу овие две крајности, како платна кои и покрај одбивноста која ја рефлектираат на прв поглед, сепак во себе кријат неверојатно мултиплицирани димензии кои на моменти се откриваат пред вас како љубопитен посетител, а во други моменти мудро се кријат зад замислената идеја на авторот. Затоа ова можеби не е изложба за широк аудиториум, но дефинитивно го има оној шмек од европските и светските галерии, кога во дел од моментот ви светнува во главата дека присуствувате на нешто големо и значајно.

 

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *