Пофалба на Другоста

Кон 63. издание на Филмскиот фестивал во Краков, со фокус на Меѓународната селекција на документарни филмови

Полска е земја со голема филмска традиција, со безброј значајни филмски фестивали и со многу туристи од сите краишта на светот. Мојата прва посета на оваа земја на североистокот од Европа се случи во својство на член на ФИПРЕСЦИ жирито на еден од најстарите филмски фестивали на Стариот континент. Краков е еден од ретките полски градови кој Нацистите во Втората светска војна не го чепнале, оставајќи го неговото градско јадро сосема сочувано и за следните генерации. Токму оваа убавина годишно ја посетуваат во просек околу 10 милиони туристи, и со право, бидејќи градот има што да понуди. Во таа богата понуда спаѓа и филмскиот фестивал во Краков, кој по 63 пат, на едно место, го собра најдоброто од меѓународната документарна продукција, кратките филмови, националната селекција и, за пошироката публика, документарците за современите музички херои. Една седмица брилијантна понуда од приказни распослани низ целиот град, во прекрасни кино храмови, и навистина верувам дека на публиката и’ беше тешко што да избере да погледне.

Интернационалната компетиција на документарни филмови се состоеше од 15 наслови, за кои со колегите долго дискутиравме за нивниот несомнен квалитет. За крајниот избор и победникот одлучуваа нијанси, и навистина им честитам на селекторите, кои дефинирале одлична понуда која изобилуваше со различни актуелни теми. Генерална карактеристика за повеќето од нив беше тоа што, најверојатно поради околностите во изминатите неколку години, во дел од филмовите главни ликови беа самите автори, кои ја раскажуваа својата животна приказна, што и не зачудува ако знаеме дека за време на светската пандемија навистина беше тешко да се реализира одредена замисла со поголема екипа на луѓе. Исто така, впечатливо беше се’ поавтентичното користење на архивскиот материјал во рамките на документарната приказна, како авторски сензибилитет кој се препознава и му дава длабочина на сработеното.

Во визуелниот спектакл за норвешките фјордови „Songs of Earth“, режисерката Маргрет Олин уште еднаш „не’ предупредува“ за важноста на нашиот однос кон природата, бидејќи од природа доаѓаме, и таму на крајот и ќе се вратиме. Тоа добро го знаат протагонистите во „Unpaved“ на Микаел Липински, кои бегајќи од неправедноста во урбаното, живеат во хармонија со природата таму некаде, во длабоките шуми на Орегон.

Неправдата кон човековите суштества е редовна тема во креативната документаристика. За лошиот однос кон жените во Турција ни раскажуваат авторите Ник Рид и Ајсе Топрак во прекрасниот „My name is Happy“, додека Тунде Сковран ја разработува темата на родовата определба во „Who I am not“.

Актуелната војна во Украина како последица на режимот во Русија е одлично доловена во документарните филмови, белоруско-шведската копродукција „Motherland“ на Александер Михалкович и Хана Баџијака, и холандско-рускиот „The Dmitriev affair“ на Џесика Гортер. Причина – последица!

И на крајот од овој хајлајт од одлични остварувања, животот и смртта како две страни на истото огледало. Иранската кинематографија ни подари уште едно незаборавно остварување, „Silent house“ на братот и сестрата Фарназ и Мохамед Реза, кои низ приказната за семејството Јурабчиан која се случува низ неколку декади, гледаме директно во очи на променливоста на животот со сите успони и падови, истовремено станувајќи свесни и за промените на политичкиот, општествениот и социјалниот контекст во оваа древна земја. Како спротивност, но не како конечност, туку како дел од патувањето на овој свет, низ прекрасен хумор е доловена и смртта во феноменалниот „Much ado about dying“ на ирскиот автор Сајмон Чејмберс, во приказната за актерот кој и во деветтата деценија од животот е полн со енергија и изненадувања.

Како заедничка поврзувачка нишка на сите споменати остварувања е „Другоста“, онаа која човековото битие различно од нас го прикажува во полн сјај, со сите животни предизвици и премрежија кои ги носи на својот грб. Можеби затоа конечниот избор на добитникот на наградата на ФИПРЕСЦИ жирито и не беше толку тешка, затоа што „Is there anybody out there?“ на Ела Гленданинг ги сублимира на едно место сите овие работи, сето тоа поврзуваќи го една конзистентна слика за „Другиот“, која не ве остава рамнодушни. Филмот ја следи потрагата на авторката по личност со иста попреченост како и нејзината, документирајќи ја и неочекуваната бременост, истражувајќи го искуството да се биде инвалид и емотивниот предизвик да се стане мајка. Образложението веројатно во кратки црти објаснува се’: „За решавање на недоволно застапеното социјално прашање со решителност, храброст и разновидни филмски средства. Во срцето на самиот проблем, режисерот поставува суштински прашања за современите перцепции за „другоста“ и „нормалноста“, избегнувајќи едноставни или конвенционални одговори“.

Се’ на се’, годинашното издание на филмскиот фестивал во Краков покажа како со одлична организација, многу гости и фантастична филмска програма, Седмата уметност ja одржува својата моќ во можноста на светот да му ги покаже сите негови доблести и мани, и понатаму задржувајќи го статусот на водечка уметност.

ФИПРЕСЦИ жири: Антонис Лагаријас (Франција), Павел Мосаковски (Полска) и мојата маленкост

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *