Конечно, прозниот мајстор кој со децении наназад ja облагородува македонската книжевна сцена со прекрасни приказни, заслужено се вброи меѓу добитниците на наградата „Роман на годината“ за своето дело со генијално долго-осмислен наслов. Можеби тоа го заслужи уште со прекрасниот „Маџун“, мојот дефинитивен фаворит од неговата густа творечка библиографија, но Влада Урошевиќ и понатаму не престанува да изненадува со нови дела од својата книжевна лабораторија, па еве, во подготовка е новата збирка раскази „Вонземјанки“ со поднаслов „Раскази од Латинскиот кварт“, која во издание на ИЛИ-ИЛИ ќе излезе оваа пролет, на радост на бројните читатели и обожаватели.
Во време кога новата генерација на македонски автори (барем повеќето од нив) милува да пишува кратки, но силни романи, прилагодувајќи се на општата клима и брзиот начин на живеење и конзумирање на нештата, Урошевиќ уште на почетокот од својот нов роман ни предочува нешто важно, нагласувајќи дека напишал „старовремски роман“, така разрешувајќи ги сите можни дилеми. Супер, си помислив, периодов баш ми треба вакво четиво, кое според непишаните правила на „старата писателска школа“, ќе раскаже приказна која е доволно долга и длабока, за да може човек без предрасуди да се нурне во неа и со денови да живее со ликовите кои таа ни ги подарува. И секако, очекувањата беа сосема исполнети. По „Маџун“, писателот создал уште едно маестрално дело, на некој начин надоврзување на светот од претходникот, со таа разлика што дејството се одвива половина век поназад, на преминот од 19 во 20 век, во пророчкиот и секогаш возбудлив fin de siècle, кој отсекогаш носел нови визии за иднината.
Мирисот на клавчињата и гроздоберот, историјатот на скопските маала (Махаџир маало го оформиле босанските бегалци од режимот на Австро-Унгарија), присуството на француски археолози во Скупи… се нешта кои го градат духот на овој роман. Но и покрај ова богатство од слики, на него би погледнал од една друга перспектива, а тоа е развојот на дејствието од ракурс на местата на случување. „Секој текст, секоја книга е шума низ која читателот тргнува по различни патеки, пристапни и непристапни, изодени или полни со грмушки, за на крајот од неа да излезе како сосема нов човек“, вели славниот Умберто Еко во „Шест прошетки низ наративните шуми“. Затоа нагласувам дека избирам една од можните патеки, бидејќи можностите на движење низ овој богат ракопис се безбројни.
Ревносниот создавач на скопски митови и хроничарот на маалскиот живот во метрополата низ целиот дваесетти век овој пат приказната ја раскажува низ неколку клучни градски точки, кои иако не се далеку една од друга, сепак нудат различни перспектви на доживување. Првата од нив е новоотворената аптека во старата скопска чаршија, во која трговијата цвета, а скопјанките низ неа шетаат облечени во најнова мода. Иако би било очекувано аптеката да му припаѓа на некој од тогашните скопски Евреи, во романот на Урошевиќ нему му ја доделува офтамолошката ординација, додека Гркот Костаки кадросува во дуќанот за фотографии. Напредниот дипломец Никола Пустополски е штотуку вратен од Париз, и во неговиот роден град сака да ги донесе најсовремените достигнувања на медицината. Зашто, кој го има иљачот, тој ја заслужува највисоката почит од неговите сограѓани: и францускиот конзул ќе го спаси од гастритисот, и верскиот реиз од водата во колената, и турскиот полицаец од несаканата импотенција. Тој преку весниците е запознат со најновите случувања во Градот на светлината, и на сонародниците им раскажува за грандиозноста на Ајфелововата кула, за моќните цепелини, за раскошните книги на талентираниот Жил Верн кој бил примен лично од Папата Леон 13.
Семејната куќа крај Вардар е второто место во кое дејствието е на границата помеѓу реалното и надреалното. Она што Урошевиќ отсекогаш милувал да го негува во неговата проза, наклонетоста кон фантастиката, на минуциозен начин се провлекува и низ овој возбудлив роман. Духот на анамата е сеприсутен, а обезглавениот коњаник е убава паралела со фантазмагориите на совремниот филмски маг Тим Бартон. Сепак, и во таква ситуација, книгите во домашната библиотека, кои се педантно наредени по наслови, оддаваат впечаток дека се’ ќе биде во ред. Да, се ќе биде во ред, бидејќи иако ова е „вистинита“, сепак е „не многу веројатна приказна“.
Како контрапункт на овие состојби, го имаме мочуриштето како симбол на неочекуваното, оностраното, зачудното. Во него авторот го сместува Гетеовиот Мефистофел како фигура која опоменува и не дозволува ниту момент на опуштање. Неговото проклетство е проклетство и на луѓето во неговата околина, како потсетник дека ова е сепак Балкан, и следствено на тоа, се’ е возможно. Оддалечено само неколку километри од градското јадро, мочуриштето е територија на разбојници и разни битанги кои скржаво го чуваат хаосот на минатото, не дозволувајќи му на новото време да стапне и на скопската калдрма, иако новиот изум, чоколадото, веќе пристигна во чаршијата, како замена за докажаниот локум.
По мајсторското сопоставување на овие спротивности, истовремно претставувајќи ни ги редицата од ликови кои го сочинуваат романот и кои хронолошки го градат дејствието кое гордо граби напред, класичниот момент кај ваквите „старовремски“ романи, моментот на пресврт некаде на средината од книгата, се навестува со доаѓање на невремето кое значи само едно нешто – неволја. За што попрецизно да го опише духот на времето, писателот ги употребува сите можни празноверија со кои бил опседнат „нашиот“ човек: духови, вештерки, соништа, отрови… како мала фолклорна енциклопедија која никогаш нема да биде довршена. За излез од неа, потребен е здивот на Европа.
Хотелот „Европа“ во Солун е слика и прилика на стариот континент во мало. Гостите од различна провиниенција ја надополнуваат мулти-култи сликата на улиците на приморскиот град преполни со Евреи, Турци, Ерменци, Арнаути, и по некој француски морнар. Секој со својата улога во овој микс од култури и нации. Токму во градот на бреговите на Егејското море ќе се случи претставата на која Урошевиќ и’ вдахнува доза на мистерија, атмосфера која потсетува на ремек-делото „Волшебникот“ од Џон Фаулс. Озирис и Изида, Египетската книга на мртвите и хиероглифите, мумијата и Инхеумон се дел од богатата ризница со која писателот ја плете приказната која повторно не’ враќа во Скопје, каде Младотурците-анархисти напаѓаат полициска станица во чаршијата, како детерминација на еден подоцнежен настан со Гемиџиите во главната ролја, кои пак повторно не’ враќаат во неизбежниот Солун. Јин-Јанг!
И, крајот го краси делото. Скопје го плакне дождот откако претходно врз неговите урбани слоеви налегнала тенка пустинска прашина, феномен кој одвреме-навреме се случува и ден-денес, кога некој од соседите наутро на паркингот пред зграда ќе се изнапцуе дека токму вчера ја измил колата, а денес веќе целата е бербат. Скопје и Каиро се можеби географски далеку, но во прозата на Уроешвиќ тие постојано се допираат преку разните магични леери кои писателот вешто ги крои. Така времето се поништува, тоа престанува да постои, минатото станува иднина, иднината – сегашност, а сегашноста – вечност, бидејќи и онака, на самиот крај, токму сахарската прашина повторно ќе покрие се’, зачувувајќи ги нештата од заборав. Впрочем, како и книжевноста.
„Основното правило при соочувањето со белетристиката е дека читателот мора молчешкум да го прифати фиктивниот договор што Колриџ го нарекол „времена верба во чудата“. Читателот мора да знае дека тоа што се раскажува е замислена приказна, но не смее да верува дека писателот раскажува лаги. Според Џон Серл, авторот едноставно се преправа дека ја кажува вистината. Ја прифаќаме фиктивната спогодба и се преправаме дека тоа што се раскажува навистина се случило“, пишува Умберто Еко, земајќи го антологискиот историски роман „Војна и мир“ како пример. „Тој започнува со еден долг вовед на француски јазик, што многу кажува за руската аристократија во 19 век. Една од основните спогодби на секој историски роман е дека колку и да се воведат имагинарни ликови во приказната, се’ друго треба, повеќе или помалку, да одговара на тоа што се случило во таа ера во реалниот свет“, заклучува Еко. Затоа, со својата остроумност и длабока симболика, овој „старовремски“ роман на Влада Урошевиќ повторно ги бранува духовите на македонската книжевна сцена, уште еднаш докажувајќи дека таа е разновидна и возбудлива како никогаш досега.