пишува: Максим Ристески
Игор, здраво, како си? Ја прочитав „Мина“, и многу ми се допадна. Настрана од тоа што Мина објективно била изразито колоритна личност (статистички контрастна), ти мајсторски топло ја сугерираш нејзината субјективна особеност за тебе, често новооткриена (во процесот на градење на романот), со сила на откровение што ја пренесуваш и низ симболиките со многу питка асоцијативна, интерактивна моќ.
Мина дефинитивно е супер жена, која и покрај сите саможртви што ги подразбира мајчинската љубов (во нејзиниот случај оплодена со распрснување (нели, Мина е мина! : ) ) на повеќе личности со кои била обесштетена за нејзиниот загубен син), и покрај сите здравствени проблеми, таа не ја губи животната радост, туку само ја продлабочува. Веројатно затоа и сосема си ја зачувува еросноста, женската и општочовечка привлечност (и во однос на спротивниот пол, и во своевидните престижни општествени средини, а и за нас како читатели).
Многу ми се допадна и како си го структурирал романот: низ еден длабоко самосвесен процес, органски поврзан со главната нишка на нарацијата, си го нашол и фатил суштествениот паралелизам што постои и ги поврзува сите книжевни автори, без разлика на нивните особености.
На позадината од сликањето на Мина, си го (авто)портретирал и архетипот за писател, кој знае дека тајната (вредноста) на минатото е во тоа како (и колку богато како материјал за пишување) сме си го вообличиле во наши сопствени, „необјективни“ слики (ментално видливи), звуци, мириси, амбиенти… Во таа смисла, верно си го олицетворил писателот како рецептор и емитер, визави „машинското“ паметење: конкретно, како во твоите описи на старите фотографии во романот, каде што објективно напишаното од светлината е само мапа по која (според ненаметливиот ориентир на водичот) можеш да стигнеш до многу моменти на уживање.
Искрено уживав додека ја читав „Мина“, бидејќи многу уверливо ме ставаше во амбиенти. Честитки и голем поздрав!