Кон „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветановски

По редицата анимирани проекти, меѓу кои најуспешен е серијалот „Светот на Биби“, а во очекување на амбициозниот „John Vardar vs The Galaxy“ кој уште од 2017 година се најавува како првиот македонски анимиран игран филм и најголемиот копродукциски анимиран проект на Балканот досега, режисерот Гоце Цветановски деновиве ни го претстави својот прв долгометражен филм насловен „Бизнисот на задоволството“. Македонската премиера на ова остварување се случи на затворањето на „Синедејс“, а пред тоа филмот, за загревање, беше прогласен за најдобар долгометражен филм на фестивалот „Во палатата“ во Софија, каде што ја имаше и светската премиера.

Во мрачната атмосфера на скопското подземје се одигрува приказната за трговијата со жени во која е вмешан синот на една позната политичарка. По исчезнувањето на нејзината пријателка, новинарката подготвува тајна операција да го разоткрие овој свет на криминал, лаги и интриги, каде полицијата е корумпирана и не смее ништо да стори, а протагонистите се само кукли чии конци ги влече некој друг над нив.

Клишеизираната поставеност на нештата во овој жанровски политички трилер не дава многу простор за развивање на фантазијата кај гледачот. Целта на филмаџијата е да го постигне ефектот на веќе видените остварувања со иста или слична тематика на побогатите продукции, и со тоа се ограничил самиот себе во постигнувањето на посакуваниот ефект. Сепак, најголем пропуст е тоа што ниту еден од ликовите не го запознаваме во целост, онака како што доликува. Тие остануваат во зоната на еднодимензионалноста, оптеретени со улогата која сценариото тенко им ја скроила. Затоа кога на крајот од филмот загинува Јон, публиката не сочувствува со тоа.

Добар потенцијал лежел во улогата на „босот“ игран од Дамјан Цветановски, но кога коцките се помешале, а маниризмот во пристапот замешал прсти, на крајот неговата пречеста појава на екранот дури почнува и да иритира, бидејќи е константно повторување на веќе виденото. Штета, бидејќи во претставата „Чудна случка со кучето во ноќта“ на Зоја Бузалковска во Драмскиот театар е брилијантен. Но, театарот е едно, а филмот нешто сосема друго – стара, веќе одамна апсолвирана констатација!

Единствениот позитивен момент кај филмот е неговата визуелна спастреност благодарение на одличната работа со камерата и густата фотографија низ ноќните скопските улици на снимателот Фејми Даут („Медена земја“), но за жал тоа не е доволно за комплетирање на впечатокот од кој не можев да се отргнам при банализацијата на секојдневието на големиот екран. Затоа природно се поставува прашањето: Зошто овој филм не бил реализиран како неколкуепизодна телевизиска серија која се чини дека би била многу погледана и покоментирана? Па барем тоа е модерно во последнава декада.

Има една реченица во филмот која ја изговара еден од главните ликови, кој вели дека „системот не трпи отпор“. Па да, ако се снимаат вакви филмови, на системот совршено му одговара тоа, бидејќи не ги разголува неговите аномалии, туку баш напротив. Филмската уметност треба и мора да го прави токму тоа. Истиот лик, пак, во една сцена напоменува и дека не сака целиот живот да снима свадби, затоа инсистира да успеат во намерата да го раскринкаат подземјето и со тоа, на некој начин, да ги задоволат своите лукративни потреби.

Затоа на Цветановски му посакувам поголем успех со анимираните филмови, територија на која добро го владее занаетот, бидејќи „Бизнисот на задоволството“ е само уште едно задоволително деби.  

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *