Ме израдува насловот на филмот кој Вардан Тозија го снимаше за време на светската пандемија. „М“ веднаш ми асоцираше на славниот истоимен филмски класик од 1931 година на германскиot режисер Фриц Ланг. По култниот „Метрополис“, тој на човештвото му го подари и ова антологиско филмско дело, кое отворено му покажуваше среден прст на растечкиот Нацизам во неговата држава, поради што набргу мораше да ја напушти земјата во пакет со главниот актер во филмот, фантастичниот Питер Лоре, и обајцата Евреи.
„М“ на Тозија сепак означува нешто друго: „м“ како мов, магла, магија… „М“ како Марко (Матеј Сиваков), детето од лисјата, кој како и момчето од сликовницата, ја живее својата приказна изолиран од лошиот свет околу него. Тој е скриен во шумата, а за останатиот дел од планетата не знае ништо. Со својот заштитнички настроен татко (Сашко Коцев) тој живее живот кој, во најмала рака, воопшто не е здрав за него. Настрана прекрасната природа која одлично ја доловува камерата на искусниот Владимир Самоиловски, таа бајковитост е само привидна, бидејќи Марко не е среќно дете, што се гледа и од неговото лице.
Како и во своето деби остварување, и овде режисерот Вардан Тозија се одлучува за фокус врз еден лик кој делува според принципот „сам против сите“. Ако во „Џган“ тинејџерот од домот за згрижени деца, одлично интерпретиран од Мартин Ѓоргоски, се обидуваше да најде свое место под сонцето, во „М“ осумгодишниот Марко се обидува да разбере какво е сонцето надвор од затемнетата шума која го заштитува, но во истовреме и не му дава слободно да дише. „Шумата е голема и може да те голтне“, му вели татко му, чија типизираност и неизнијансираност е контрапродуктивна, и затоа кога кажува ваква мудрост битна за атмосферата во филмот, таа делува неубедливо бидејќи, едноставно, не му верувате.
И тогаш се случува оној посакуван пресврт во приказната. На другиот крај од шумата, ако може така да се каже, Марко го открива Мико (Александар Ничовски), дете со Даунов синдром кое живее во приколка со мајка му, исто така изолирани од надворешниот зол свет. Тие низ својот детски јазик веднаш почнуваат да се разбираат, разменувајќи играчка-робот, како фина метафора за човековата замислена иднина. Сепак, со создавањето на AI, но и со глобалното затоплување и се’ пофлагрантната негрижа на човекот за природата, токму шумата како контекст во кој егзистираат ликовите во филмот, е совршена парадигма за можната човекова иднина. Искрата светлина која гледачот со нетрпение ја очекува, почнувајќи да размислува на овие теми и надевајќи се дека двете полу-семејства на платното на некој начин ќе влезат во одредена комуникација, притоа нудејќи ни безброј многузначности и правци кон кои може да се движи приказната, речиси веднаш е исечена во корен, бидејќи таткото на Марко ја убива мајката на Мико.
Оттука па натаму филмот, за жал, како да престанува да постои. Тој се претвора во зомби-какофонија во која не знаеме каде е главата, а каде опашот. Темите вртоглаво се менуваат, обидувајќи се да се остане во тек со актуелните настани: бегалска криза, заштита на децата, дури и орвелијанскиот „голем брат“ сите не’ гледа… за на крајот сето тоа да биде спасено од заштитничката „самовила“ која бдее над сите нас. Наместо оваа плиткост, веројатно многу повозбудливо за гледачите би било авторот да се задржел на разработка на оние човечки нешта кои се само гребнати на површината и кои се насетуваат во поттекстот на филмот – спротиставување на авторитетите (Марко се буди и му опонира на таткото), светот околу нас се распаѓа на емоционално ниво (и навистина се распаѓа!)… но за тоа треба да си умешен во пишувањето.
Свесен дека Тозија, во пакет со Даријан Пејовски, кој се потпишува како ко-сценарист на „М“, милуваат да снимаат жанровски остварувања и кои со нивните одлични првенци „Џган“ и „Три дена во септември“ донесоа свеж здив во македонската кинематографија, се понадевав дека таа одредница и понатаму суптилно ќе биде одржувана како жар кој постојано тлее и никогаш не згаснува, но за жал, работите не се секогаш такви какви што се очекува. По гледливиот „Мими“ на Пејовски, и Тозија навлегол во зона не до крај дефинирана и разјаснета, од која на крајот не можел толку лесно да се извлече.
Неодамна бев дел од ФИПРЕСЦИ жирито на еден од најценетите филмски фестивали за деца и младинци „Шлингел“ во Кемниц, Германија, и имав можност да гледам различни остварувања во кои главните ликови се деца. Темите кои светските режисери ги разработуваат се разновидни и погледнати од различни аспекти, вклучувајќи меѓу нив и жанровски остварувања од различна провиниенција. Секако, фокусот на „М“ не е исклучиво на детската публика, напротив, но штета е да не се искористи талентот на младите дечки на големиот екран, кои се само средство за реализација на замислата која нуди малку отворени прозорци за размислување по завршувањето на филмската проекција.
Совршено е јасно дека македонските филмови на чии премиери сме сведоци периодов се снимани во тешки пандемиски услови, што го нагласи и продуцентот на „М“ Дарко Попов на премирата на филмот на отворањето на „Синедејс“ (парафразирам): „Јас не знам дали филмот е добар, но знам дека се скапавме од работа за да го снимиме“. Сето ова на некој начин како да ги повлекло и самите сценаристи да го „искористат“ моментот и да го сместат дејствието во пост-апокалиптично милје, создавајќи клаустрофобичен филм кој можеби би функционирал единствено за време на пандемија, кога сите се подисплашени и дремат во своите десетина квадратни метри „слободна територија“, а на ТВ-екранот оди премиерата на „М“. Или пак се работи само за чиста помодност, каде дури и еден Џармуш сними неуспешен зомби-филм, и Столевски имаше обид… Но…
По фамозното „но“, со право се наметнува суштинското прашање: зошто во седмата уметност авторските хонорари за реализација на едно дело се толку високи? Истото важи и за театарските проекти, чии претстави неретко доживуваат премиера, во добар случај реприза, во најдобар случај уште неколку изведби, и оп – папала маца, нема веќе, а доделените средства за нив се огромни! Се разбира, со чест на исклучоците и во обата случаи. Тогаш, каде се тука писателите со нивните скромни хонорари за едно напишано дело за кое издвоиле многу време од својот живот? Во регионот често се случува да се екранизираат расказите или романите на домашните писатели, додека кај нас, во поновата историја, тоа е инцидент. Спрегата филм-книжевност речиси да не функционира, за разлика од минатото, а толку е компатибилна и природна. Затоа, се чини дека конечно дојде време филмаџиите да прочитаат некоја книга од современ македонски автор, таму ќе најдат многу пријатни изненадувања кои можат совршено да функционираат и на големото платно.