Ме израдува насловот на филмот кој Вардан Тозија го снимаше за време на светската КОВИД пандемија. „М“ веднаш ми асоцираше на славниот истоимен филмски класик од 1931 година на германскиот режисер Фриц Ланг. По култниот „Метрополис“, тој на човештвото му го подари и ова истоимено антологиско филмско дело, кое отворено му покажуваше среден прст на растечкиот нацизам во неговата држава, поради што набргу мораше да ја напушти земјата во пакет со главниот актер во филмот, фантастичниот Питер Лоре, и обајцата Евреи.

„М“ на Тозија сепак означува нешто друго: „м“ како мов, магла, магија… „М“ како Марко (Матеј Сиваков), детето од лисјата, кој како и момчето од сликовницата, ја живее својата приказна изолиран од лошиот свет околу него. Тој е скриен во шумата, а за останатиот дел од планетата не знае ништо. Со својот заштитнички настроен татко (Сашко Коцев) тој живее живот кој, во најмала рака, воопшто не е здрав за него. Настрана прекрасната природа која одлично ја доловува камерата на искусниот Владимир Самоиловски, таа бајковитост е само привидна, бидејќи Марко не е среќно дете, што се гледа и од неговото лице.

Како и во своето деби остварување, и овде режисерот Вардан Тозија се одлучува за фокус врз еден лик кој делува според принципот „сам против сите“. Ако во „Џган“ тинејџерот Филип од домот за згрижени деца, одлично интерпретиран од Мартин Ѓоргоски, се обидуваше да најде свое место под сонцето, во „М“ осумгодишниот Марко се обидува да разбере какво е сонцето надвор од затемнетата шума која го заштитува, но во истовреме и не му дава слободно да дише. „Шумата е голема и може да те голтне“, му вели татко му предупредувајќи го на опасностите што го демнат надвор од „границата“.

И тогаш се случува оној посакуван пресврт во приказната. На другиот крај од шумата Марко го открива Мико (Александар Ничовски), дете со Даунов синдром кое живее во приколка со мајка му, исто така изолирани од надворешниот зол свет. Тие низ својот детски јазик веднаш почнуваат да се разбираат, разменувајќи играчка-робот, како фина метафора за човековата замислена иднина. Сепак, со создавањето на AI, но и со глобалното затоплување и се’ пофлагрантната негрижа на човекот за природата, токму шумата како контекст во кој егзистираат ликовите во филмот, е совршена парадигма за можната човекова иднина. Искрата светлина која гледачот со нетрпение ја очекува, почнувајќи да размислува на овие теми и надевајќи се дека двете полу-семејства на платното на некој начин ќе влезат во одредена комуникација, притоа нудејќи ни безброј многузначности и правци кон кои може да се движи приказната, речиси веднаш е исечена во корен, бидејќи таткото на Марко ја убива мајката на Мико. Оттука па натаму темите во филмот вртоглаво се менуваат, обидувајќи се да се остане во тек со актуелните настани: бегалска криза, заштита на децата, дури и орвелијанскиот „голем брат“ сите не’ гледа… за на крајот сето тоа да биде спасено од заштитничката „самовила“ која бдее над сите нас.

Совршено е јасно дека македонските филмови на чии премиери сме сведоци периодов се снимани во тешки пандемиски услови, што го нагласи и продуцентот на „М“ Дарко Попов на премирата на филмот на отворањето на „Синедејс“ (парафразирам): „Јас не знам дали филмот е добар, но знам дека се скапавме од работа за да го снимиме“. Сето ова на некој начин како да ги повлекло и самите сценаристи да го „искористат“ моментот и да го сместат дејствието во пост-апокалиптично милје, создавајќи клаустрофобичен филм кој најсовршено би функционирал доколку пандемијата се’ уште траеше, кога сите се подисплашени и дремат во своите десетина квадратни метри „слободна територија“, а на ТВ-екранот оди токму премиерата на „М“. Се разбира, никој од нас не посакува такво сценарио.

Неодамна бев дел од ФИПРЕСЦИ жирито на еден од најценетите филмски фестивали за деца и младинци „Шлингел“ во Кемниц, Германија, и имав можност да гледам различни остварувања во кои главните ликови се деца. Темите кои светските режисери ги разработуваат се разновидни и погледнати од различни аспекти, вклучувајќи меѓу нив и жанровски остварувања од различна провиниенција. Добро е што фокусот на „М“ не е исклучиво на детската публика, туку и врз возрасните, затоа ова жанровско остварување можеби најдобро е да се консумира заеднички, и да се дискутира и низ призмата на детските очи, и низ фокусот на возрасните гледачи. Како кај докторските дијагнози – секогаш е посакувано и „второто“ мислење.
