Награди на 76. издание на Венециската Мостра

Претседателката на жирито, аргентинската режисерка Лукреција Мартел, ги соопшти наградените филмови на годинашното издание на филмскиот фестивал во Венеција. Одлуките ги донела заедно со колегите во жирито: режисерката Мери Харон, актерката Стејси Мартин, кинематограферот Родриго Прието и продуцентот Пирс Хендлинг. „Златниот лав“ за најдобар филм во 2019 година на најстариот филмски фестивал во светот го доби „Џокер“ на режисерот Тод Филипс.

https://www.youtube.com/watch?v=-_DJEzZk2pc

Приказната за Бетменовиот немезис ги воодушеви сите пред се’ благодарение на маестралната изведба на актерот Жоакин Феникс, кој сепак не ја доби наградата за најдобар актер, која отиде во рацете на домашниот актер Лука Маринели за улогата во адаптацијата на класикот „Мартин Идн“ на Џек Лондон.

Филмот на ветеранот Роман Полански, „Офицерот и шпионот“ за аферата „Драјфус“ ја доби втората награда по тежина, Grand jury prize. Иако изборот на овој филм во официјалната компетиција од 21 наслов беше критикуван од многумина познавачи на седмата уметност, сепак публиката беше воодушевена од него, а Мартел рече дека и кај членовите на жирито немало никакви двојби, исто како и кај колегите од ФИПРЕСЦИ жирито, кои му ја доделија наградата на филмот на Полански од страна на здружението на филмски критичари.

Рој Андерсон беше прогласен за најдобар режисер благодарение на новото остварување насловено „За бесконечноста“.

Франсцуската актерка Аријана Аскарид беше прогласена за најдобра актерка, за улогата во филмот „Глорија мунди“.

За најдобро сценарио беше прогласено она на Јонфан од Хонг Конг, интересно, за анимираниот филм насловен „No. 7 Cherry lane“.

За најдобар документарен филм на венецискиот фестивал наградата отиде во рацете на бразилската режисерка Барбара Паз за „Babenco: Tell me when I die“, приказна за режисерот Хектор Бабенко кој беше познат по својот социјален ангажман во филмовите.„You will die at tventy“ на суданскиот режисер Амџад Аби Алала, пак, ја доби наградата „Луиџи де Лаурентис“ и беше прогласен за најдобар дебитантски филм.

https://www.youtube.com/watch?v=8cACsDAP5-0

И на крајот, да споменеме дека според написите, меѓу очекуваните можни добитници, а на крајот всушност „лузери“, беа филмовите на Бред Пит, вселенскиот еп „Ад астра“, потоа, новиот филм на Стивен Содреберг, „Перење“, со Мерил Стрип во главната ролја, и за љубителите на независниот американски филм, новото остварување на Ноа Баумбах, „Приказна за бракот“, всушност, приказна за разводот со Скарлет јохансон и Адам драјвер во главните ролји.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *