„Ако“ од Радјард Киплинг

Англискиот писател Радјард Киплинг се’ уште ја држи титулата „најмлад книжевен Нобеловец“. Тој ја доби престижната награда во 1907 година на 41-годишна возраст. Неговата најпозната песна „Ако“ (If) ја напишал три години подоцна, и во многу анкети е прогласена за најубава на сите времиња. Песната му ја посветил на својот син.

Денеска Ана Пејчинова ја доби наградата „Драги“ токму за преводот на поезијата на Киплинг („Избрани песни“, Полица, 2024). Честитки за авторката, која во моментов е актуелна со авганистанските дневници насловени „Пустинско срце“ (ИЛИ-ИЛИ, 2026). Во продолжение, нејзиниот препев на легендарната „Ако“:

Ако ладна глава чуваш кога други, в метеж,
својата ја губат и тебе те кудат,
ако веруваш во себе и покрај сечиј сомнеж,
а пак да имаш слух и кога те судат;

Ако можеш да чекаш без премор и прекор,
ако лажат за тебе, да не лажеш ти,
ни ако те мразат, да не мразиш сит,
ни да се топориш со збор и со лик;

Ако можеш да сонуваш – но сон да не ти е власт;
ако можеш да мислиш – но мисла да не ти е цел;
ако можеш да се соочиш и со Триумф и со Пропаст
и со двата измамници да се справиш исто, зрел;
ако можеш да истрпиш да чуеш твоја вистина
искривена од подлец да смами глупав в замка,
да видиш се’ што си створил во урнатина,
да се веднеш и градиш пак со изабена рамка:

Ако можеш се’ што си стекнал да ставиш на купче
на коцка, и со едно фрлено париче
да загубиш се’, и пак нов да почнеш круг,
а да не речеш ни збор за загубата пред друг;
ако можеш да стегнеш срце, нерв и жила
да ти служат долго откако сотрени се,
и така да издржиш, и кога немаш веќе сила,
само волја што вели: „Крени се!“;

Ако говориш пред толпа, а сочуваш доблест,
ил’ одиш со кралеви во простодушност,
ако ни душман ни другар не ти се на совест,
ако сметаат на тебе, но со умереност;
ако можеш да исполниш безмилосна минута
со шеесет мига вредни долг пат минат,
твоја е Земјата и се’ што таа има,
и – поважно – ќе бидеш Човек, сине!