„ФИПРЕСЦИ“ во Лајпциг за „AUBER 89“ на Џузепе Скилачи

Во саботата вечер во Лајпциг беа доделени наградите за најдобрите остварувања на 69-тото издание на фестивалот за документарен и анимиран филм. Во селекцијата која содржеше одлични креативни документарци што раскажуваат за актуелните животни прашања низ светот, ФИПРЕСЦИ жирито имаше тешка задача да го одбере најдобриот, бидејќи секој филм претставува свет за себе. По жестоката дискусија со колегите Матијас Дел и Марко Д’Агостино, одлучивме престижната награда на најстарото здружение на филмски критичари во светот да ја доделиме на француско-италијанската копродукција насловена „Auber 89“ на режисерот Џузепе Скилачи.

Филмот на италијанскиот режисер со француска адреса на најдобар можен начин ни покажува како со случајно пронајдени архивски снимки може да се направи ангажиран креативен документарен филм, кој враќајќи не’ во времето кога луѓето се’ уште комуницирале меѓу себе за доброто на заедницата, всушност зборува за сегашноста, често пати поставувајќи го прашањето „каде згрешивме во минатото и што требаше да направиме, за денес да живееме подобро“.

Образложението за наградата, прочитано на сцената при свечената церемонија, е следното:

„Жирито на ФИПРЕСЦИ оддава признание на филм кој постигнува извонреден подвиг – да биде истовремено интелектуално сложен и широко достапен. Тој раскажува длабоко човечки приказни, истовремено занимавајќи се со политичките прашања кои денес се исклучително актуелни. Преку темелно архивско истражување, филмот ги реконструира противречностите на капиталистичката модерност: напредокот и пропаѓањето, миграцијата и изолацијата, експлоатацијата и еманципацијата… сето тоа раскажано низ очите на еден елоквентен и емпатичен протагонист“.

На крајот, како најава за заокружување на фестивалскиот престој во Лајпциг, за неколку дена ќе го објавам интервјуто со авторот на филмот-лауреат, г-нот Скилачи 😉

@ DOK Leipzig 2026 (photographers: Rebecca Schöler; Susann Bargas Gomez)