„Евангелие по Ф.М. Достоевски“ на новосадскиот театар на МОТ

Годинашното издание на фестивалот „Млад Отворен Театар“ синоќа и официјално беше затворен со претставата „Евангелие по Ф.М. Достоевски“ на Српскиот народен театар од Нови Сад. Убава коинциденција, или уште подобро, програмска стратегија беше моментот фестивалот да се отвори и да се затвори со Достоевски. На стартот гостуваше Загрепскиот театар на младите со дводелната „Браќа Карамазови“ во режија на регионалната ѕвезда Оливер Фрљиќ, а синоќа во МКЦ гледавме фрагменти од делата на рускиот класик, во режија на Јернеј Лоренци. Очигледно, универзалните думи на Фјодор за човековата егзистенција, возвишеност и ништожност во ова (светско) лудило што ни се случува повторно се релевантни, како никогаш досега.

Кога ќе се спомене референцата „Достоевски“, веднаш се мисли на сеопфатноста на една човекова мисла „заробена“ во рамките на книжевноста. Денес и еден Иги Поп во своите песни го спомнува рускиот писател. Затоа беше предизвик да се погледне што подготвил одличниот новосадски ансамбл, на каков начин „го спакувал“ Достоевски во три ипол часовна претстава. Во таква ситуација, најдобро е да отидете без претходни истражувања, без предрасуди и сосема отворени за едно ново театарско и возбудливо искуство.

Сцената на салата „25 мај“ синоќа беше прилагодена да ја долови Русија на Достоевски од 19 век. Со минимални средства, но со многу чувство за естетика до најситни детали, преку претставата се телепортиравме во светлиот и мрачен свет на писателот во кој живеел, творел и од кој се инспирирал. За доловување на современоста во која живееме и во која се одигрува претставата во моментот, сценографијата беше облагородена и со современи детали, како фотографии на актерите од детството кои играат на сцената. Сепак, главната поента е во кастингот. Сите актери кои синоќа ги толкуваа ликовите на Достоевски беа како да се дојдени со воз директно од 19 век, иако нашите железници во моментов се во колапс (на ова најрадосна би била Ана Каренина на современикот на Фјодор, колегата Толстој).

Но, шегата на страна. Синоќа гледавме сериозно добра претстава која на оние „скарани“ со Достоевски им направи одличен вовед во неговото дело, а на неговите љубители им ја долови сликата која сами си ја создале во главата преку друг медиум – театарскиот. Тука веднаш се наметнува сосема релевантното прашање кое синоќа на паузата го постави почитуваниот Сашо Огненовски: „Зошто Достоевски нема напишано ниту една драма, а сите негови дела веќе век и половина се најпоставуваните на сцените ширум светот?“

Оставајќи им го одговорот на книжевните и театарските теоретичари, а враќајќи се на режисерската визија на Лоренци, „Евангелие по Достоевски“ е сугестивно парче театарска уметност кое вознемирува, иако навидум изгледа камерно и статично. Првиот дел е своевиден „хајлајтс“ и се состои од извадоци од разни приказни, раскази и романи од рускиот автор, и секој од деветте актери на сцената има свои „пет минути“. Дејствието е прераскажување на настаните со мали перформанс интервенции, оставајќи го гледачот самиот во главата да ја оформи сликата за вредноста на описите на Фјодор. Едноставно, како да сте влегле во една руска куќа од 19 век, оганот баботи во аголот, а на слабата светлина со која создава сенки низ собата, надополнета со атмосферата на музичкиот квартет, ги слушате приказните за човековите доблести и мани низ говорот на професионалните актери. Тие се опуштени и се обидуваат да ја вклучат и публиката во разговорот и играта меѓу нив, а дискурсот постојано се менува од текстот за претставата по Достоевски, до личните размислувања на самите актери за истиот тој текст кој го изговараат. Во еден момент тие прават мала дигресија и едноставно велат „Кога го читав Достоевски подготвувајќи ја претставата, баш си помислив зошто го кажал тоа и во кој контекст? Тогаш сфатив дека…“ и следи необременетото мислење на актерот за делото кое го игра. Тоа создава ефектен спој на уметноста и реалноста, во кој и ние, публиката, сме валидни соучесници.

Но, опасноста е во тоа што таквата поставеност на нештата ја остава публиката во недоумица: дали да остане и на вториот дел, по петнаесетминутната пауза? Всушност, тоа го кажаа и самите актери во текот на претставата, дека постојано им се случува на вториот дел публиката да биде малтене преполовена. Сепак, универзумот на Достеовски и неговите размислувања на вечните теми кои го окупираат човештвото не се за сечиј стомак. Но, тие што (ќе) ја напуштат/иле претставата, гадно се измамија/ле.

Токму вториот дел е оној кој ја заокружува приказната на вистински начин. За разлика од првиот, камерниот дел, во вториот светот се превртува на глава, и енергијата која зрачи од сцената ви ја превртува утробата, особено ако претставата ја следите од првиот ред. По маестралниот полчасовен монолог на Иван Карамазов (Душан Вукашиновиќ), поради енергијата која ја извади од себе морав да станам од местото крај него и претставата да ја догледам до крај од задниот ред. Ме разнесе, но затоа доби заслужен аплауз среде претстава, што не е толку вообичаен момент во театарот. Токму тој говор беше мотиватор за раздвижување на работите на сцената пред нас и доведување на нештата до едно контролирано крешендо.  

„Филозофскиот фокус на „Евангелие по Ф.М. Достоевски“ е сконцентриран околу прашањата дали Бог постои и ако постои, зошто создал таков пекол на Земјата каде што живееме во толку многу болка и страдање; и ако не постои, каква надеж имаме за да излеземе од оваа беда и суровост? Лоренци и Старина (соработник на текстот) првенствено ги поставуваат овие прашања со прикажување приказни за детските страдања. И навистина, детето е толку важен лајтмотив, што сликата на детето е на постерот за претставата (младиот Раскољников). Да го преформулираме прашањето на почетокот на параграфот – ако децата како најневини човечки суштества толку многу страдаат на Земјата, дали тоа е доказ дека Бог не постои или дека е крајно суров?“

Така гласи краткиот опис на претставата која синоќа „не’ разнесе“ на сцената на МКЦ, соодветно воведувајќи не’ во последната сцена, на која една дама во публиката беше замолена да го ниша столот во кој претходно седеше отец Зоксим, замислувајќи дека во него има дете, бидејќи токму детските гласови беа оние кои на крајот, преку аудио запис, ни ги дадода најточните и најфасцинантни одговори за тоа „Што е Бог?“, „Што е добро, а што зло?“, „Дали постојат рај и пекол?“; „Што се ангели, а што ѓаволи?“… Затоа што и самиот Достоевски вели дека децата се највозвишените суштества на Земјата, нивните очи се цела вселена, a нивниот изглед некаде до седумгодишна возраст е совршен. Навистина, дали сте виделe неубаво дете до таа возраст? Секако не! Се’ е во срцето, токму она крваво срце полно со љубов кое доминираше на платното во позадината во последниот дел од претставата.

Српскиот народен театар од Нови Сад успеал во овие времиња-невремиња да го реактуелизира ликот и делото на Достоевски преку пост-театарска поставка која возбудува и отвора многу прашања. А како би изгледал театарот без провокација? Поради сето ова, претпоставувам дека „Евангелие по Ф.М. Достоевски“, и покрај острата конкуренција, како што е наведено во соопштението, едногласно ја понел наградата од жирито за најдобра претстава на неодамнешното 50. издание на Интернационалниот фестивал за алтернативен и нов театар „Инфант“.   

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *