„Људи одлазе, и одлазе, и одлазе. Овде је досадно, сви су побегли на неко западније место… И ако сам негде стигао било је изнутра, у себе у себе у себе и никако споља…“
Никогаш досега не сум бил на концерт на tribute бенд. Едноставно, не ми се допаѓа таа приказна, зашто ќе отидеш полн со предрасуди и триста неодговорени прашања, и тоа ќе ти пречи да се опуштиш и да уживаш во музиката која ја сакаш. Океј ми е да се отиде во некое клупче, бендот да свири познати „ствари“ и со пријателите прописно да се изжуркаш. Затоа официјалното постоење на трибјут бендови отсекогаш ми било фејк. But… Never say never!
На почетокот од месецов од Public room најавија дека ќе организираат концерт на белградскиот трибјут бенд „Круг“, во кој членува ритам секцијата од последниот албум на ЕКВ, „Неко нас посматра“. Хммм… Драгиша Ускоковиќ Чима и тапанарот Марко Миливојевиќ направија одлична работа на „лебедовата лесна“ на Катарина, а свиреа и на албумот снимен во живо „Као у сну“. Па, си велам, овие луѓе директно ја почувствувале енергијата на Милан и Маги, работеле заедно со нив, поминале низ процесот, а сега сакаат да ја зачуваат таа незаборавна приказна која ја создадоа овие прекрасни музичари и луѓе. Има тука нешто…
И, по неколку дена, излегува информацијата дека билетите за концертот се распродадени Фуцк! Знаев дека ЕКВ има многу фанови овде, но дека толку бргу ќе се распродадат билетите, за мене беше изненадување. Добро, просторот не е голем, се тешев… и оп! Најава за втор концерт следниот ден. Недела во 17 часот. Оф, после ручек, таман те фатила сиеста, си прилегнал лево или десно, треба да одиш да се журкаш. Еј, старче, дај не заебавај, се прекорив. Имаш ти голем мотиватор за оваа приказна. Само прашај, и се’ ќе ти се разјасни.
Интересно, ЕКВ е еден од оние бендови кои како се менуваат генерациите, нивната популарност не само што се одржува, туку и постојано расте. Во тоа се уверив и на концертот синоќа во Скопје. Секако, основата на публиката ја чинеше мојата генерација пред влезот или завлезена во педесетката, но имаше и млади деца кои ги пееја песните на глас, и тоа баш ме израдува. Меѓу нив е и мојот подмладок. Ја прашав ќерка ми дали сака да одиме на концертот, и без додатно ништо да праша, само ми рече: „Купувај веднаш билети!“ Па викни некој од друштво, предложив. „Никој не слуша ЕКВ, за жал“, ми возврати. Ете, the case is solved. Одиме ние, заедно!
И така, недела, 17.00, ние сме подготвени за добра забава. Се прашуваме дали ќе дадат се’ од себе како на синоќешниот концерт, судејќи според реакциите на социјалните мрежи, или ќе бидат малку исцедени. Како и да е. Излегуваат четирите момци, на чело со гитаристот и вокалист Немања Дашиќ, некогашен лидер на „Вампири“, потоа, клавијатуристот Дејан Томовиќ со Топ-ган-цвикерите, и веќе споменатиот пар Ускоковиќ-Миливојевиќ, кои тивко не’ воведуваат во ЕКВ приказната. Секако, во првиот дел поминуваат низ материјалот од споменатиот албум од 1994 година „Неко нас посматра“, дозволувајќи ни да уживаме во живо во носечката тема, но и во „Just let me play some modern RNR music“, „Понос“, „Заејдно“ и неизбежната „Анестезија“.
Така е момци, рокенрол мјузик, и ништо повеќе! Публиката полека се загрева, и веројатно после секоја нова тура пивца и песни, атмосферата се’ повеќе се вжештува. Со подмладокот ги пееме на глас речиси сите песни кои беа отсвирени синоќа, а богами, момците можеа да свират уште пар саати, зашто ЕКВ има завидна колекција од прекрасни сонгови. И тогаш сфаќам дека песните од ЕКВ, и можеби од уште еден-два бенда, ги знам напамет речиси сите, ако не и сите, до збор. Неретко ми се случува некој стих да употребам во секјдневниот говор, или да цитирам во некој текст, но она што е најважно, пораките кои Милан ни ги „подари“ преку неговите текстови претставуваат modus vivendi, начин на живеење, еден посебен светоглед кој поаѓа од основната точка – човечноста. Да се биде добар, па макар и се’ што си градел дотогаш да замине за многу кратко време во една луда и безмилосна братоубиствена војна.
Роден сум на 5 ноември. За жал, на тој датум замина и Милан во вечноста. Затоа секогаш кога го славам роденденот, гледам да сум во „Круг“ во Аеродром кај Лазе, или ако не можам, барем мал дел од прославата да помине во знакот на музиката на ЕКВ. Во чест на Милан. А синоќа во негова чест момците од „Круг“, на првиот бис, се навратија и на неговата основна музичка приказна каде започна се’ – Шарло акробата. Добро, тој стартуваше во „Лимуново дрво“, но песните на „Пакет аранжман“ се неговото официјално дискографско деби, кое засекогаш останува во срцата на фановите.
А „Срце“ беше една од последно изведените песни на трибјут концертот. И „Земља“, зашто ова е земја за сите наши луѓе и деца, каква и да е. И секако, големото финале, за значењето да биде полнозначно: „Овај круг сам смислио, овај круг сам створио…“ Да, дочекав да одам на концерт со ќерката на кој професионално се изведуваат теми на еден од бендовите на мојата младост. И немаше предрасуди и жалопојки, туку само убавини, зашто песните/делата се оние кои остануваат. Кругот, дефинитивно, е тркалезен!