Кога ќе се спомене жанрот „научна фантастика“ во книжевноста, првите асоцијации се имињата на Артур Кларк, Исак Асимов и Френк Херберт, меѓу другото, и поради успешната екранизација на дел од нивните романи, потоа, Вилијам Гибсон и Брус Стерлинг заради „киберпанкот“ и освежувањето на жанрот во последните две децении од минатиот век, и, ако одиме подалеку во минатото, неодминливите Жил Верн и Херберт Џорџ Велс. Листата секако е многу подолга, но ете, ги споменавме можеби најважните и најпопуларните носители на научната фантастика во литературата. Но кој е првиот автор со зачуван ракопис кој ја пуштил својата фантазија до неограничени пространства, успевајќи да создаде привлечна приказна која и по толку многу време е релевантна и денес, во новиот милениум? Одговорот е Лукијан од Самосата, кој во вториот век од нашата ера ја напишал „Вистинска приказна“, праќајќи ги читателите дури на Месечината.
Лукијан од Самосата (неговото родно место денес се наоѓа во Турција) е асирски реторичар кој пишувал и творел на грчки јазик. За време на својот 55-годишен животен век (125-180), авторот зад себе оставил над сто дела, од кои повеќето се зачувани. Меѓу нив и „Вистинска приказна“, на радост на целото човештво. Тој е запаметен и каков творец на кованицата „морософи“, која значи „глупави мудреци“, односно, „мудри глупаци“, како антипод на „филозофи“, со значење пријатели на мудроста. Впрочем, и целата „Вистинска приказна“ е составена од кованици со кои изобилува делото, кои благодарение на преведувачката Светлана Кочовска Стевовиќ се прекрасно прилагодени и звучат примамливо и на македонски јазик.
Дополнителниот квалитетот на оваа книга, покрај преводот, е во многуте фусноти и дообјаснувања. На ова книжевно патување ќе ги сретнеме Хомер со „Одисеја“, Платон и „Политеја“, Овидиј со „Преобразби“ итн, со кои, како читатели, добиваме увид во старогрчката книжевност и ги продлабочуваме своите знаења, или подобро, ги надополнуваме дупките кои постоеле во (не)познавањето на оваа материја. Истовремено, забелешките претставуваат и увид во дел од тоа што досега е преведено на македонски од старогрчки јазик, па така, во една од фуснотите ќе забележиме: „Ова е, веројатно, пародија на еден дел од Херодотовата историја, во кој Херодот пишува дека во земјата на Скитите на некоја карпа покрај реката Тирас имало трага од Херакле што личела на стапало од маж, но била долга два лакти (Her. 4.82). Види: Херодотова историја, превод од старогрчки, предговор, белешки за писателот и делото, коментари на текстот Даница Чадиковска, Зумпрес, Скопје, 1998, стр. 281“. Драгоцено!
Првата зачувана научно-фантастична книга во историјата е поделена во две поглавја. „Книга прва“ започнува маестрално: авторот вели дека покрај науката, човек одвреме-навреме треба да здивне и да се забавува со четива од фантазијата, наведувајќи автори како Ктесија (старогрчки историограф и лекар) и Јамбул (старогрчки писател и трговец), кои оставиле прекрасни записи пред него, чие дејствие се случува во егзотичната и непозната Индија, како и на Островот на сонцето, која веројатно е прва утописка приказна во историјата. За жал, и обете се загубени и незачувани. Затоа и два пати претходно нагласив дека делото на Лукијан е првиот зачуван ракопис кој се занимава со фантастиката.
Интересно, во воведот, Лукијан претходните автори ги нарекува лажговци, оградувајќи се од текстот кој следи за читање. „Но, моите лаги се многу почесни од лагите на другите поради едно: со тоа што признавам дека лажам, јас, всушност, ја кажувам вистината“. Аха, кој лаже – половина му се простува 🙂 Тука веднаш сфаќате дека се работи за мангуп, за човек кој одлично го владее материјалот, но покрај тоа што решил да замине на патување во далечни светови, сепак, врз сето тоа додава и доза на хумор и иронија. Затоа овој ракопис е навистина исклучителен, тој се разликува од се’ друго зачувано од тоа време, благодарение на љубопитноста на писателот да си поигра со жанровите како авантуристички роман, научна фантастика, сатира и пародија.
Приказната тргнува од пловидбата со коработ на главниот лик со екипажот преку Гибралтаровиот теснец, работ на светот во она време. Се работи за вечната тема во литературата на заминувањето од и враќањето кон домот, кое како основа ја постави Хомеровата „Одисеја“, а на врвно стилско рамниште ја донесе Ирецот Џемс Џојс во генијалниот „Улис“. Со стигнувањето на патниците на еден непознат остров, Лукијан прави антиципација 13 века пред Колумбо да стапне на новиот континент, односно, како тоа би можело да изгледа во стварноста. Низ реките тече вино, а рибите се полни со шира. Па кој не би посакал да биде патник на овој брод, особено по водењето љубов со жените-винови лози и опиеноста од сексот со нив.
На следното копно на кое наидуваат тие се сретнуваат со коњомршојадите, мажи кои јаваат на мршојадци кои, пак, најчесто имаат три глави. „Фантази“ жанрот во Холивуд, особено откако технологијата напредна, е преполн со филмови со хибридни ликови кои, ете, можеби црпат инспирација уште од вториот век од нашата ера, од литература како оваа. Но Лукијан не застанува тука. Во игра ја внесува и неизбежната митологија. Името на кралот Ендимион не е земено случајно, тој во грчката митологија бил љубовник на божицата на Месечината, Селена, но според Плиниј постариот, тој бил и првиот набљудувач на единствениот Земјин сателит. „Ендимион рече дека сме на Месечината, земјата што ние ја гледаме оддолу“. Да, Лукијан во книгата веќе не’ однесе таму, многу пред Нил Армстронг да ја каже легендарната реченица „Ова е мал чекор за човекот, но голем за човештвото“, стапнувајќи врз месечевата површина.
Сепак, Земјаните веднаш дознаваат за војната на Селенитите со жителите на Сонцето, што асоцира на големата вселенска сага „Војна на ѕвездите“ на Џорџ Лукас, во која секој со секого (може да) војува. Впрочем, како и на планетата Земја. Тука преведувачката Кочовска Стевовиќ се соочува со вистински предизвик – да образува зборови кои обично се кованици од два збора, и со тоа најблизу да ни ја долови фантазијата на Лукијан и она што сакал да ни го претстави преку неговото дело. Облакотанчари, стеблопечуркари, песјожелади… се плејадата нови животи со кои читателот од вториот век требало да се соочи и добро да ги соџвака во својата имагинација.
Сепак, решавањето на конфликтите од страна на Лукијан исклучиво со војни го сметам за слабост на овој ракопис, од друга страна, сосема разбирајќи го контекстот и времето во кое е настанато делото. Крајот на војната меѓу Сонцето и Месечината е одбележан со склучување на мировен договор и со свикување на две собранија, каде пристутните гласаат, што претставува демократија во нејзиниот изворен облик. Тие дури лицитираат и со ѕвездениот простор, што и кому ќе им припадне, со што се создава првиот интергалактички сојуз во историјата на литературата. „Мировниот договор меѓу Сончаните и Месечинците е пародија на формата и стилот на договорите што неретко се среќаваат во античката историографија. Се смета дека Лукијан бил најмногу инспириран од описот на Тукидид на мировниот договор меѓу Атина и Спарта“, нагласува преведувачката во фуснотата, и со тоа се’ станува појасно.
Од првата книга, додека нашите херои се’ уште се на Месечината, би сакал да го нагласам и извадокот, за мене многу битен, кој гласи: „Кај нив човек се смета за убав ако е ќелав и ако нема коса, а луѓето со долга коса им се одбивни. На кометите е поинаку. Таму луѓето со коса ги сметаат за убави“.
Ти благодарам, брату Лукијан, еве, ти праќам срдечни поздрави од 21 век, и ветувам дека никогаш нема да се упатам кон кометите 😉
„Книга втора“, пак, ја содржи фасцинантната приказна за влезот во утробата на еден кит. Сето тоа нежно не’ потсетува на маестралните книжевни дела „Моби Дик“ и „Пинокио“, додека бегството од неговата внатрешност и патувањето по млечното море на мегдан ги повикува Жил-Верновите книжевни соништа. Сето ова од „Вистинска приказна“ прави вистинска матица за случувањата во подоцнежната книжевност. Но, нешто повеќе за ова – кон крајот од текстот.
Книжевните теоретичари сметаат дека генерално, во вториот дел од книгата Лукијан прави пародија на описите во Херодотовата историја, поврзана со митски личности, но и со историски ликови. Писателот родум од Самосата во неговото дело „Како треба да се пишува историјата“ (Аз-Буки, 2004) нагласува дека историјата е онаа која кај него како автор е во фокусот, но не можеме да преминеме преку впечатокот дека во овој роман таа му служи само како параван за делување во рамките на нови, измислени светови. Еве опис на еден од посетените градови на турнејата на екипажот:
„Бевме одведени во градот, на гозбата на Блажените. Целиот град е од злато, а ѕидот околу него е од смарагд. Има седум порти и сите се направени од едно стебло цимет. Основата на градот и површината внатре меѓу бедемите се од слонова коска. Храмовите на сите богови се изградени од скапоцениот камен берил107. Во нив има големи жртвеници направени од еден блок аметист, а врз нив се принесуваат хекатомби. Околу градот тече река од многу убаво мирисливо масло, со широчина од сто и длабочина од пет кралски лакти, таман колку да може да се плива во неа. Бањите им се како големи куќи од стакло, кои се затоплуваат со циметово дрво. Наместо вода во кадите има топла роса“.
Интересно, на таа гозба присуствуваат многу познати личности – Ајсоп, Диоген итн, а Лукијан без влакна на јазикот ги опишува нивните карактери. И конечно, како јагода на шлагот од книжевниот колач – средбата со легендарниот Хомер. Меѓу другото, вели главниот лик, го прашав и од каде е, укажувајќи му на тоа дека ова прашање кај нас e сè уште предмет на дебати. Фуснотата ни објаснува: „Во антиката седум градови се натпреварувале за честа да бидат признаени како родно место на Хомер: Хиос, Смирна, Колофон, Саламина, Родос, Агрос и Атина“. „На крајот, ми кажа дека е од Вавилон. Исто така, сакав да дознаам дали е вистина тоа дека „Одисеја“ ја напишал пред Илијада, како што тврдат многумина. Рече дека тоа не е точно“. За жал, како привршува делото, така авторот како да заборавил на научно-фантастичниот елемент. Но, и за тоа има решение, најавувајќи дека за многу пропуштени работи ќе ни раскаже во следните книги. Но, Лукијан никогаш не го исполнил ова свое ветување. „Еден разочаран писар на маргината на својот ракопис напишал дека ова е најголемата од сите лаги на Лукијан“. Штета!
Вистинска непознаница е дали делото на Лукијан било популарно и како се третирало во векот во кој живеел. Но со сигурност се знае дека тоа повторно е откриено со векови подоцна, дури во Ренесансата, и доживеало бројни преводи и од имиња како Томас Мор и Еразмо Ротердамски. За влијанието на романот „Вистинска приказна“ сведочи и фактот дека тој ќе биде инспирација за многу дела во европската книжевност, меѓу кои се и „Патување на Месечината“ на Сирано де Бержерак, „Гуливеровите патувања“ на Џонатан Свифт и „Патувањето на Пантагруел“ на Франсоа Рабле. Но, во текот на освртот веќе споменавме многу моменти кои на овој или оној начин можеме да ги препознаеме и во другите дела од научната фантастика. Затоа, слободно се наметнува заклучокот дека делото на Лукијан од Самосата не само што ја носи титулата „прв научно-фантастичен роман во историјата на книжевноста“, туку и дека е еден од највлијателните во својот жанр. Освен тоа, неговата интертекстуалност е толку игрива, што тој претставува вистински предвесник на она што во втората средина на 20 век ќе го сведочиме како „постмодернизам“ во литературата. Повторно препрочитувајќи го, секогаш во него ќе пронајдете нешто ново како референца, кое можеби и Вас ќе ве инспирира да седнете и да напишете своја верзија на „вистинска приказна“. Дали како лажговци или не, воопшто не е важно, само пуштете ја фантазијата во ворп брзина 😉