Повторно човечко присуство на Месечината по пет ипол децении

2024 и 2025 година се чинат возбудливи во однос на најавите на НАСА дека повторно ќе ја врати човечката нога на површината на Месечината. И не само ногата, туку и целиот човек, a со тоа и човештвото 🙂 Шега на страна, програмата „Артемис“ е прилично амбициозна, и после многу направени тестови, кон крајот на годината ќе изведе маневар кој ако се покаже успешен, можеме да очекуваме веќе следната година, ушушкани во домашните фотелји, со пуцки во рацете, да го повториме искуството на претходната генерација, која во 1969 година ја имаше таа привилегија да го следи директниот пренос од слетувањето на Месечината за прв пат и изговарањето на онаа славна реченица на Нил Армстронг: „Ова е мал чекор за човекот, но голем за човештвото“.

Месечевата програма „Артемис“ планира да испрати луѓе на Земјиниот сателит кон крајот на 2025 година. Дотогаш НАСА со полна пареа врши тестови на матичната планета. Во октомври 2022 година астронаутите Дру Фјустел и Зина Кардман изведоа лажна прошетка по Месечината, и обајцата носејќи одела за обука тешки 36 килограми, со цел да го симулираат движењето и тежината на вистинското одело во рамките на слабата лунарна гравитација. НАСА веќе долго бара месечеви пејзажи овде на Земјата. Меѓу нив спаѓа и вулканското поле во Аризона со стотици угаснати вулкани.

Луѓето на Месечината ќе слетаат со ракетата „Орион“ која на пробниот лет во 2022 година, како дел од проектот „Артемис 1“, на командното место имаше хуманоидна кукла со име Кампос, како и два женски „фантоми“, односно вештачки торза. Куклата е крстена е по Насиниот инжинер кој помогна да се спаси посадата на Аполо 13 во 70-те години на минатиот век. Во текот на 25-те дена, 10 часа и 53 минути, тест куклите се вивнаа на речиси половина милион километри од Земјата, за потоа да се вратат назад со брзина од 40 илјади километри на час. Куклите снимија се’ што астронаутите би можеле да доживеат во текот на летот, вклучувајќи ги и вибрациите, зрачењето и забрзувањето.

Кога „Артемис 2“, првата програмска мисија со посада од четири астронаути, според плановите, во ноември оваа година ќе лета 10 дена на 10.500 километри од/околу Месечината, со неа ќе управува астронаутот Виктор Гловер. Тој е роден во Калифорнија и досега има 3000 часови лет во вселената и шест месеци поминати на Меѓународната вселенска станица. Тој, по повод претстојниот предизвик, изјави: „Секогаш кога некој ќе постигне нешто, коментарите се „ја освои Месечината“. Ќе биде сјајно за нашата генерација повторно да се освои Месечината“. Инаку, друштво ќе му прават астронаутите Кристина Кук, Рид Вајсмен и Џереми Хансен, како „гостин“ од канадската вселенска агенција. 

Интересно, во исто време (ноември годинава) НАСА планира да почне да лансира делови од малото вселенско летало „Gateway“ во орбитата околу Месечината. Оваа станица ќе служи како појдовна точка за повеќенеделните мисии до лунарната база, но сето тоа се’ уште е само замисла, бидејќи огромната инфраструктура е преголем залак за САД да ја изградат сами. Затоа се повикуваат на соработката при изградбата на МВС со Русија, Канада, Европа и Јапонија, истовремено повикувајќи ги и приватните компании да се вклучат во игра. Во каква комбинација е Илон Маск во сето ова, засега е непознаница 🙂

Доколку се’ биде океј, а искрено веруваме во тоа, во ноември 2025 година, со мисијата „Артемис 3“, луѓето конечно, после повеќе од 50 години, ќе стапнат на површината на Месечината. Потоа следи планот за проценување и утврдување на подолга човечка присутност на земјиниот сателит. За разлика од Аполо мисиите, каде претежно доминирале машки астронаути, во случајов се планира да се испрати првата жена и првата обоена личност на Месечината, како мал ексклузивитет. Возбудливо, нели, па тоа е само за десетина месеци (Артемис 2) и уште една година потоа (Артемис 3). Подгответе ги пуканките уште денес 😉

Инаку, Насиното возило за истражување на вселената е ровер кој може да собере две личности на две недели. И тоа заедно со астронаутите во ноември 2022 година се тркалаше по пустината во Аризона, успешно поминувајќи го тестот. Се претпоставува дека ваквите возила не само што ќе се движат низ прашливите површини на земјиниот сателит, туку слични на нив во иднина ќе се тркалаат и по површината на Марс. Би сакал и тоа да го доживееме како човештво.

Да, активностите околу повторното слетување на Месечината се генерална проба за првиот лет до Марс со човечка посада, кој се планира да се оствари во 2030-те. Со моторите кои денес ги има, се претпоставува дека до црвената планета ќе се патува седум до девет месеци. Па и не е многу, остварливо е. Само да не и’ го скратат буџетот на НАСА, како што обично се случувало во минатото. Тука следи она македонското: Посакуваме сите да се вратат живи и здрави. Плановите се тие, останува да бидеме трпеливи до нивната крајна реализација. Со успех!!!

Планината „Олимп“ на Марс (20 км) е највисоката во нашиот соларен систем

извор: National geographic

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *