„Силјан штркот Шанца“ од Дуковски во МНТ

Ете, имавме среќа после долго време да ја „начекаме“ претставата која својата премиера ја доживеа во 2016 година, и лека-полека стана навистина култна во Македонскиот народен театар. Впрочем, дуото Дуковски-Јаниќијевиќ уште од студентските денови на „Светло сиво“ ветуваше таква разврска, и во оваа претстава ги имаме во сиот свој сјај.

Одамна немам гледано поразиграна претстава. Наследството на Цепенков е одлично драматуршки прилагодено од страна на Дуковски низ текст кој изобилува со хумор и сатира, а сето тоа режисерот Јаниќијевиќ мајсторски го пакува во современа претстава која може да комуницира со публика од 7 до 77 години. Бенд на сцената, доволно врева за акција, бои кои ве опседнуваат, смеа насекаде… „Силјан штркот“, со онаа додавка „Шанца“ навистина изгледа модерно и прилагодено за 21 век!

Секако, ова се само импресии на еден гледач кој не е доволно стручен да напише издржан театарски осврт со сите мастрафи, оставајќи им го тоа на професионалците, кои за жал, се бројат на прсти. Затоа во продолжение ќе пренесам дел од текстот на официјалната страница на МНТ, во кој се потенцира важноста на овој проект:

„Ако за театарот се вели дека е игра, илузија, магија… тогаш во него најмногу, најискрено, највнимателно… ужива детето. А, зборовите на големиот Илија Милчин „театарот го одложуе својот долг кон најмладите гледачи, давајќи им можност да се забавуат и поучуат во спектакли блиски на нивниот степен и свет на познанија и претстави“, по повод премиерата на првата македонска детска претстава, поставена на сцената на Македонски народен театар, најдобро го потврдува ова. МНТ прв ја согледува потребата од негување најмлада публика – децата, со што создава услови за формирање куклен театар. Поради тоа во 1946 година, само една година по неговото формирање, МНТ формира и „Куклена сцена“ иницирана и остварена од режисерот Светлана Малахова и актерот Петре Прличко, која на плакатот за првата претстава е назначена како „Куклен театар за деца“. Во 1949 година и официјално прераснал во „Градски куклен театар“, чиј директор бил Лазар Балабанов. Во сезоната 1957/58, под раководство на Ристо Стефановски, театарот се реорганизирал во „Младинско- детски театар“.

„Силјан штркот“ премиерно била прикажана на 21 април 1946 година на сцената на МНТ, најпрво во драматизација на Петре Прличко, според избор од македонското народно творештво, објавено во трудовите на Марко Цепенков, а сега во драматизација на Дејан Дуковски, потпирајќи се и продолжувајќи ја таа традиција. Претставата во годиниве наназад е ретко на репертоарот, и затоа кога ќе ја постават, зграпчете ја можноста и погледнете ја, нема да зажалите 😉

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *