Педесет и две години по нејзиното завршување, шаховската олимпијада во Скопје и понатаму останува една од најголемите спортски манифестации одржани во нашата метропола. Од 18 септември до 13 октомври 1972 година, Скопје бил светскиот центар на шахот, каде истовремено, и за прв пат, се одржале и машката (јубилејна, 20-та) и женската (5-та) шаховска олимпијада. Поради добрите искуства, оттогаш олимпијадите во двете конкуренции се организираат истовремено.
На насловната фотографија гледаме оригинален експонат од шаховската олимпијада изложен во Музејот на град Скопје како дел од постојаната поставка. На Олимпијадата зеле учество рекордни 373 натпреварувачи, меѓу кои 35 велемајстори и 68 интернационални мајстори, од вкупно 63 земји. Натпреварот бил организиран според Бергеровиот систем, а на настанот биле одиграни вкупно 2728 партии, со темпо на игра од 2,5 часа за првите 40 потези, со додаток од еден час за следните 16. Сите натпревари и главни настани, кои биле предвидени во програмата на Олимпијадата, се одржале на Скопскиот саем, кој за жал, веќе го нема.
По катастрофалниот земјотрес во 1963 година, на Скопје му требала светска промоција, а шаховската олимпијада била идеален момент за тоа. Настанот бил беспрекорно организиран и добил високи оценки од ФИДЕ. Поради терористичкот напад на олимпијадата во Минхен два месеци претходно, шаховската олимпијада во Скопје поминала под силно обезбедување. На олимпијадата бил ограничен бројот на земји-учеснички на 60, но уште три репрезентации допатувале во Скопје. На олимпијадата за првпат учествувале Велс, Малезија и Ирак, додека Родезија и ЈАР, кои исто така требало да учествуваат на настанот, не добиле југословенски визи. По овој проблем, на следниот конгрес на ФИДЕ било одлучено на ниту една шаховска олимпијада во иднина да не им се гарантира учество на земји кои нема да ветат дека ќе учествуваат, а притоа имаат проблеми.
Од другите куриозитети поврзани со овој голем спортски настан во Скопје во 1972 година, издвојуваме:
- Алдо Хаик од Франција бил најуспешниот шахист на Олимпијадата, остварувајќи 11 победи од 12 партии со успешност од 91,7%. Единствената партија којашто ја загубил била од шахист со рејтинг. Но, и покрај ова достигнување, неговиот резултат се сметал за негативен.
- Меѓународниот мајстор Владимир Савон бил единствениот шахист кој не бил велемајстор, а настапувал за репрезентацијата на СССР на една шаховска олимпијада.
- Австралискиот велемајстор Валтер Браун поставил три рекорди: тој бил единствениот шахист којшто освоил 17½ бодови, единствениот шахист којшто одиграл 22 партии и единствениот шахист којшто победил во 15 или повеќе партии.
- Јенс Еневолдсен од Данска одиграл партија на шаховските олимпијади по пауза од 39 години. Со ова, тој станал шахист со најдолга пауза меѓу две одиграни партии на шаховските олимпијади.
- Велемајсторот Николас Росолимо бил единствениот шахист во историјата, кој настапил за една иста репрезентација двапати на шаховските олимпијади, по пауза од подолг временски период, во кој настапил за друга репрезентација на истото натпреварување. Во 1950, тој настапувал за Франција, а во 1958, 1960 и 1966 за САД, по што во 1972 повторно за Франција.
На крајот, да споменеме дека репрезентациите на СССР биле најуспешни во обете конкуренции, со што го освоиле единаесеттото последователно злато во машка и петтото во женска конкуренција. Медали освоиле уште и репрезентациите на Унгарија (сребро) и СФРЈ (бронза) во машка, и Романија (сребро) и Унгарија (бронза) во женска конкуренција.