погали ме, погали ме сега:
смачкан – погали ме сега.
спушти ги дланките
врз моите гради, нема потреба
ништо да си кажеме. не сега:
се препознаваме во секој
взаемен поглед. знам дека
во ноќва ќе побараш најбрз превоз
до големата соба, до мојата прегратка,
до нашиот простор. до креветот во кој
со месеци не сме легнале заедно. до
твоите прсти во мојата коса, ќе побараш
најбрз превоз. ќе тргнам кон тебе,
ќе те пречекам на половина автопат,
ќе те гушкам додека ми ја размачкуваш
маскарата врз кошулата; погали ме сега.
ќе ти ги стивнувам липотите, ќе те учам
само од среќа да плачеш; погали ме сега
додека околу нас фрчат километри и шуми
и асфалтот баботи под нас додека го гонам
таксистот што побргу кон големата соба.
за да те однесам на безбедно, кај што никој
нема да ти го чуе здивот бескрајно распослан,
одомаќен, низ целото мое тело; погали ме сега.
додека ти ги галам уморните стапала: патуваш,
ти патуваш толку долго кон мене, јас сум твоето
секогаш жедно устие кое длаби водопади чекајќи
те. зашто најубавите виножита се врз водата
што се истура; погали ме сега, додека врз тебе
прскам љубов и топлина и нежности
полни тишина која се’ знае. погали ме,
погали ме сега.
@„Песни од големата соба“ (Блесок, 2014)
Во сеќавање на Игор Исаковски (19.09.1970 – 15.12.2014)