Во рамките на проектот „Македонски филм. На големо платно“ на Агенцијата за филм, во понеделник, на 11 мај, публиката бесплатно ќе може да проследи четири репрезентативни куси домашни остварувања: „Човекот со чудна навика да ме мава со чадор по глава“ на Вардан Тозија, „Намини бар еднаш“ на Косара Митиќ, „Борба за смрт“ на Елеонора Венинова и „Пепи и Муто“ на Георги Унковски. Се разбира, бесплатно, со почеток во 19 часот!

Критериумот низ децениите наназад, дури од времето на „Вардар филм“, беше константен: новите филмаџии да го печат својот занает со снимање на краткометражни остварувања, а потоа, доколку го покажат своето знаење, особено доколку освојуваат и награди на фестивалите, да добијат можност и за прв целовечерен филм. Многумина ја искористија шансата, и токму овие четири имиња чии кратки филмови фигурират на програмата во понеделник се вистински доказ за тоа, со веќе реализирани долгометражни дебитантски остварувања зад себе.

Секој нареден ден се чини дека за Петар е полош од претходниот. Се’ додека еден ден не се појави мистериозниот човек кој со чадорот ќе почне да го удира нашиот (анти)херој по главата. Снимен според текстот на Фернндо Сорентино, овој краток филм на Вардан Тозија не’ потсетува на славните раскази на Данил Хармс со апсурден шмек.

Ема чесно го заработува своето парче леб како продавачка до ситните саати. Таа млада, но малку старомодна, и не ја насетува опасноста која ја демне. Успешно миксајѓи ги филмските жанрови, овој крток филм на Косара Митиќ играшена 17 домашни и светски фестивали, најавувајќи го нејзиниот талент кој кулминираше годинава, со учество на Берлиналето со деби филмот „17“.

Двајца стари жители на едно оддалечено село водат огорчена борба околу тоа кој ќе умре прв, за да го добие единствениот преостанат гроб во селото. Во овој ефектен краток филм на Елеонора Венинова, исполнет со црн хумор, брилјираат актерските ветерани на македонското глумиште, Мите Грозданов и Илија Струмениковски.

Принуден на предвремено пензионирање, ветеранот детектив Пепи (Пепи Мирчевски) е оптоварен со тоа да му покаже на својот помлад заменик, Муто (Сашко Коцев) како да стане вистински детектив. Уште една урнебесна приказна од младиот македонски режисер Георги Унковски, кој потоа го сними наградуваниот краток филм „Налепница“, за минатата година комплетно да созрее со целовечерниот деби филм „Диџеј Ахмет“.
Секој понеделник во 19 часот, уживајте во бесплатните проекции на македонските филмови во „Синеплекс“.
