На актуелниот филмски фестивал во Сан Себастијан, кој трае до 28 септември, традиционално, на отворањето беше доделена највисоката награда „Филм на годината“ на меѓународното здружение на филмски критичари „ФИПРЕСЦИ“. Годинашен лауреат е грчкиот режисер Јоргос Лантимос за неговиот филм „Poor things“, кој имаше фестивалска проекција вечерта по доделувањето на ова значајно признание.
Во гласањето учествуваа 791 филмски критичар од целиот свет, кои ја избраа оваа британска продукција меѓу сите филмови кои премиерно беа прикажани по 1 јули 2023 година. Другите четири финалисти беа „Nu astepta prea mult de la sfârsitul lumii / Do not Expect Too Much from The End of the World“ на Radu Jade, „Aku Wa Sonzai Shinai / Evil Does Not Exist“ на Ryusuke Hamaguchi, „All of Us Strangers“ на Andrew Haighand и „Daney anjir maabed / The Seed of the Sacred Fig“ на Mohamad Rasoulof.
„Сиромашни нешта“ ја имаше својата премиера во 2023 година на венециската Мостра, каде го доби „Златниот лав“ за најдобар филм. Наградата го означи почетокот на брилијантната меѓународна турнеја во која филмот доби многу ловорики, вклучувајќи два „Златни глобуси“ и пет „БАФТА“ награди, како дополнение на единаесетте номинации и четирите добиени Оскари, меѓу кои и оној за најдобра актерка во името на Ема Стоун.
Од инаугурирањето на наградата во 1999 година, „Гран-прито“ на ФИПРЕСЦИ досега им припадна на извонредни филмаџии: Maren Ade, Pedro Almodóvar, Paul Thomas Anderson, Alfonso Cuarón, Jean-Luc Godard, Ryusuke Hamaguchi, Michael Haneke, Aki Kaurismäki, Richard Linklater, Terrence Malick, George Miller, Cristian Mungiu и Chloé Zhao. Создавачот на „зачудните“ филмови, грчкиот режисер Јоргос Лантимос годинава со право се приклучи на ова фантастично друштво, бидејќи тој е еден од ретките режисери кој во новиот милениум снима филмови што никого не оставаат рамнодушен и кои секогаш се очекуваат со нетрпение.
@Published by San Sebastian International Film Festival and FIPRESCI – The International Federation of Film Critics