Интервју со Улрих Зајдл, лауреат на „КинеНова#9“

Кога станува збор за австриската кинематографија, несомнен суверен е омилениот и наградуваниот филмски автор Михаел Ханеке. Меѓутоа, паралелно со неговата работа течеше и онаа на Улрих Зајдл, ништо помалку квалитетен и провокативен автор, чии филмови, како и неговиот писател сонародник Томас Бернхард, ја соголуваат малограѓанска Австрија. Ја имав честа да го интервјуирам добитникот на наградата за исклучителен придонес во филмската уметност на годинешниот фестивал, чии филмови „Рај: Надеж“ и „Рај: Љубов“ ќе имате можност да ги гледате во среда (20:30) и во петок (22:30) во Домот на култура „Билјана Беличанец“ (Киноверзум) во Кисела вода.

(c)IngoPertramer_2022_2023

Пред да одиме со интервјуто, мало интро за ликот и делото на австрискиот сценарист, режисер и продуцент.

Улрих Зајдл е роден во Виена, Австрија во 1952 година. Студирал филм на Филмската академија во Виена. Неговиот краток документарен филм МАТУРСКА ПРОСЛАВА (1982) за малку ќе довел до негово исфрлање од филмското училиште, како поради „морално и етички сомнителната“ содржина на филмот (се сметало дека во него ги исмева своите субјекти), така и поради неговата форма: Зајдл беше обвинет за презентирање на неизмонтиран филм. Пред да режира наративни играни филмови, Зајдл ги режираше наградуваните документарни филмови: ДОБРА ВЕСТ (1990), ЉУБОВТА НА ЖИВОТНИТЕ (1995) и МОДЕЛИ (1998). ИСУС, ЗНАЕШ (2003) беше премиерно прикажан во официјалната конкуренција во Карлови Вари, каде ја освои наградата за најдобар документарен филм, додека ВО ПОДРУМ (2014) и САФАРИ (2016) беа прикажани надвор од конкуренција во Венеција.

Неговото долгометражно деби КУЧЕШКИ ДЕНОВИ (2001) ја освои Големата специјална награда на жирито на Венецискиот филмски фестивал. УВОЗ, ИЗВОЗ (2007) беше премиерно прикажан во официјалната конкуренција во Кан. Следеше неговата меѓународно признаена, наградувана трилогија РАЈ, со РАЈ: ЉУБОВ (2012), РАЈ: ВЕРА (2012) и РАЈ: НАДЕЖ (2013) премиерно соодветно прикажани во конкуренција во Кан, Венеција и Берлин. Неговото најново остварување ДИВИ ИГРИ (2023) е комбинирана и проширена верзија на неговиот диптих составен од филмовите РИМИНИ (во конкуренција на Берлинале 2022) и СПАРТА.

Господине Зајдл, во Вашата биогарфија има една кратка реченица што вели: „Пораснал во римокатоличко семејство и иако во еден момент посакал да стане свештеник, сепак студирал новинарство и драма, а потоа и филм“. Кој е тој означувачки, клучен момент што Ви го определил понатамошниот живот, па се решивте за седмата уметност како Ваш животен повик?

– Во оваа смисла немаше клучен момент. Покрај студиите, се занимавав и со фотографија и со ликовна уметност. Освен тоа, навлегов и во обичниот работен свет затоа што морав да се самоиздржувам. Работев како магацински работник, во одделот за пакети при Поштата, како возач, како продавач, како доставувач на телефонски именици, стоев на улица за да вршам анкети за истражување на јавното мислење, одев од врата до врата за да продавам лексикони, бев детектив и, меѓу другото, заработував и како лице за медицински опити. Но во текот на многу години во мене потајно пламтеше желбата да станам режисер, сè додека еден ден не собрав храброст да конкурирам за упис на Филмската академија во Виена.

Бидејќи КИНЕНОВА е фестивал што ги слави дебитантските, први и втори филмови на режисерите, би сакале ли да се потсетите кои беа вашите главни преокупации за реализирањето на вашите први филмови, краткиот EINSVIERZIG [Метар и четириесет] (1980) и DER BALL [Матурска прослава] (1982)? Што му се вртеше во тој период на младиот филмски автор во умот?

– Тогаш стануваше збор за тоа да си ги проверам сопствените таленти и да експериментирам со нив. Во EINSVIERZIG [Метар и четириесет], со неконвенционални слики портретирав човек со низок раст во неговата животна стварност како претставник на луѓето што психички или физички не одговараат на нормата. За филмот DER BALL [Матурска прослава] ме инспирираа раните дела на Жан Есташ. Врз основа на документацијата од збиднувањата на една матурска прослава на гимназијата во градот Хорн, се создаде демаскирачки филмски портрет на провинцијалното гратче во кое пораснав.

Австриската кинематографија, условно, е мала кинематографија. Кој момент го сметате за клучен за Вашата поголема видливост во европски и во светски рамки? Се разбира, една од клучните работи е квалитетот на Вашите филмови, но колкава улога играат учествата на фестивалите, наградите и поврзувањата со другите колеги?

– Според формата и изразните средства, австрискиот филм е мошне разновиден и разнообразен. Спектарот ги опфаќа сите видови од експерименталниот филм, па сè до играниот кинофилм. Режисерките и режисерите поаѓаат по сопствени, индивидуални патишта, за кои не постои колективна програма и усогласено кредо. Околноста што е ова можно во мала земја, на крајот на краиштата, е поврзано и со тоа што државните институции за поддршка на културата веќе со децении ја поддржуваат продукцијата на авторски филмови според уметнички мерила и се грижат да не го запостават подмладокот. Во овој контекст не би сакал да премолчам ни дека Ulrich Seidl Filmproduktion веќе подолго време овозможува и продуцира филмови на следната, млада генерација режисерки и режисери, кои досега сите постигнаа успех на најзначајните меѓународни филмски фестивали.

За филмот MODELS [Фотомодели] ја добивте Наградата од публиката на Сараевскиот филмски фестивал за време на неговите почетоци. Во меѓувреме стана еден од најсилните филмски фестивали во овој регион. Како гледавте на Сараево и на Босна тогаш, неколку години по завршувањето на војната, а како денес, по тридецениска дистанца од крвавите настани, особено поради фактот што еден нобеловец, сограѓанинот Петер Хандке, отворено зазеде страна во 90-тите години на минатиот век.

– За жал, не можам да Ви одговорам на ова прашање. Само еднаш во животот сум бил во Сараево, град што од многу аспекти засекогаш ќе ми остане во сеќавањето, а особено Сараевскиот филмски фестивал, на кој во текот на неколку години се прикажаа неколку мои филмови и за MODELS [Фотомодели] ја добив Наградата од публиката. Но не ми прилега да се изјаснувам за регионални современоисториски настани со кои не сум се занимавал задлабочено и кон кои како незасегнато лице немам ни пристап.

Колку е политичкото важно во Вашите остварувања? Колку сакате отворено да кокетирате со него, а колку суптилно да го скриете и да го провлечете низ Вашите приказни?

– Нема што да се крие. Што ли воопшто би требало да се крие? Моите приказни се автентични, се напојуваат од стварноста на нашиот живот, а и покрај тоа се фикционални. Меѓутоа, моите филмови, кои априори немаат политичка содржина, се сепак политички во таа смисла што се одликуваат со општественокритички црти. Тие сликаат и скицираат, може да се каже, една обичајна слика на нашите западни општества.

Според добрите познавачи, важите за остар критичар на вашата родна земја Австрија. Еден од моите омилени писатели е Томас Бернхард, исто така жесток критичар на малограѓанска Австрија во втората половина на 20 век. Колку Ви е близок неговиот сензибилитет и колку литературата има важна улога во креирањето на Вашите авторски филмови?

– Книгите на Томас Бернхард, вистина, никогаш не ми беа непосреден извор на инспирација за ниеден мој филм, но се сметам за сродник по убедување со овој велик австриски автор. Ова особено се однесува на неговиот хумор. Сè уште жалам што поради неговата рана смрт не успеав да изготвам филмски портрет за Томас Бернхард, кој всушност го планирав.

Лошите настани најчесто подолго остануваат во умот на луѓето отколку оние доблесните и позитивните. Случајот Фрицл фрли голема сенка врз модерна Австрија. Колку беше тој иницијална каписла за да го снимите делото IM KELLER [В подрум], во кое влегувате во најскриените тајни на човековата интима, провокативно разголувајќи го животот како таков?

– Новинари, медиуми и радио-телевизиски куќи од целиот свет бараа од мене интервјуа и ставови кога случајот Фрицл ѝ стана познат на јавноста. Не им го исполнив барањето. Но секако ги зедов скандалот и бунтовниот крик за овие, во суштина, незамисливи и  тогаш разоткриени настани како повод да си го планирам филмот IM KELLER [В подрум]. Но идејата за филмот ја имав веќе неколку години пред тоа.

Креативната документаристика во последниве две децении го зазема своето почесно место во рамките на седмата уметност. Вашата филмографија паралелно содржи и фикционални и документарни филмови. Колку е важен тој жанр и, воопшто, пристап кон реализација на филмските дела за Вашиот филмски сензибилитет? Дали ја сметате документаристиката за моќен медиум што, на некој начин, успеа да ја смени историјата на филмската уметност?

– Мојата филмска дејност ја започнав со документарни филмови затоа што можеа да се реализираат со мали буџети и со неограничена уметничка слобода. Освен тоа, мојот примарен интерес беше насочен кон луѓето и нивните животни стварности. Сакав да ја истражам вистината до темел. Но моите т.н. документарни филмови секогаш беа инсценирани како играни филмови. Подоцна, со DOG DAYS [Летни денови на пеколна горештина], преминав на снимање играни филмови, кои, пак, имаат документаристички карактер и беа снимени речиси како документарни филмови. Инаку, долго тврдев дека за мене не постои разлика меѓу документарниот и играниот филм. Тоа секако не е точно. Има теми што може да се реализираат попрецизно, поверодостојно и посочувствено со документарен филм. За други теми, пак, можеби е посоодветен играниот филм. Според моето мислење, овде не треба да се врши рангирање.

Филмските трилогии се вообичаен момент за комерцијалната филмска индустрија. Вие решивте да навлезете во оваа „формула“ на создавање дела од сосема друг аспект и побуди. Трилогијата Paradies [Рај] со поднаслови LIEBE [Љубов], GLAUBE [Верба] и HOFFNUNG [Надеж] е моќна парадигма на времето во кое живееме, хаотичниот 21 век, низ приказната за три жени со различни судбини. Сепак, во сите три приказни како да е љубовта главниот, „петтиот“ елемент“, се разбира во некаква хибридна, постмодерна форма, зачинет со трите теолошки доблести. Каде можеме да ја бараме љубовта во 21 век, а каде својот личен Исус? Каде се кријат тие?

– На ова прашање – макар што ми е многу жал – не можам да Ви одговорам. Можеби Исус Христос го знае одговорот. Се плашам дека нема никогаш да го дознаеме. Та љубовта е трајна и не е подложена на какви-годе парадигми.

И покрај сериозноста на темите што ги третирате во своите остварувања, сепак, во една интересна изјава велите „Ако успеам да ги насмеам луѓето со моите филмови и нивната смеа им се заглави во грлото во следниот момент, ако успеам да го сторам тоа, тогаш тоа ме прави среќен“. Колку е хуморот важен не само во филмската уметност туку и воопшто, во животот на еден современ човек, со оглед на сè поголемата отуѓеност меѓу луѓето, и покрај привидот дека со општествените мрежи сите сме споени и сите сме едно?

– Живееме во време во кое има струи што во смисла на „политичката коректност“ го критикуваат хуморот. Постои намера да му се пропише на човека за што има право да се смее, а за што нема такво права. Тој што го бара ова, не ја разбрал смислата и исцелителната моќ на хуморот во човековиот соживот. За мене, хуморот е значаен еликсир, без кој не може да се замисли животот и кој не само што од сите аспекти ни го збогатува животот, туку често ни го прави и поподнослив и полесен за да се справиме со проблемите, душевните болки и грижите, или со секојдневието, кое често не ни е исполнето со радост. Патем кажано: не сум активен со општествените медиуми, значи не припаѓам на ниту една заедница.

Непишаното правило гласи дека режисерот е добар онолку колку што му е добар последниот филм. BÖSE SPIELE – RIMINI SPARTA [Зли игри – Ремини Спарта] е трииполчасовно патување во зоната на семејните односи, кои се секогаш добра подлога за одличен филм. Колкава улога игра Вашето лично семејно искуство во пишувањето на сценаријата и во создавањето на филмските ликови? Она од детството и младоста со родителите и ова современото, во кое и Вие сте родител?

– Како филмски автор – како и секој друг – човек е она што станал во текот на животот, почнувајќи уште од раѓањето. Во моите филмски граѓи, теми и приказни се вградени не само сите искуства и сознанија од мојот животен пат (потеклото, младоста итн.) туку и сите набљудувања што сум ги извршил при средбите со луѓе или во соживотот. Освен тоа, за секој од моите планирани филмови мошне прецизно го истражувам соодветното милје и се впуштам во контакт со луѓе што ми се необични и што дотогаш не сум ги запознал.

Ве молам да ни го претставите вашето следно остварување, DISTANZEN [Дистанци], кое е во препродукција. За што се работи, дали има некаква корелација со Вашите претходни остварувања или освојувате нова, досега неистражена територија?

– Малку нешта можам да Ви кажам за тоа. Филмот е во развојната фаза и сè уште не е снимен. Само толку можам да откријам во моментов. Станува збор за епизодни приказни, при што, меѓу другото, и темата „црн туризам“ игра улога.

И на крајот, колку ја познавате македонската кинематографија и дали би можеле да издвоите филмови што Ви оставиле впечаток? И воопшто, чија филмска естетика е блиска на вашиот творечки сензибилитет, чии филмови повторно на драго срце би ги погледнале?

– Моите филмски примери, т. е. моите т.н. филмски татковци, кои со својот светоглед и со својата уметничка програматика ми беа патоказ и кои ми ја поттикнуваа креативноста додека учев да станам режисер, ги имам споменато во стотици интервјуа.

За жал, со срам морам да признаам дека не сум упатен во македонскиот филмски пејзаж. Тоа секако не е поврзано со Македонија како таква, туку со тоа што поради мојата секојдневна работа како автор, режисер и продуцент, општо земено, имам мошне малку време воопшто да гледам филмови. Се надевам дека мојот престој во Скопје при учеството на филмскиот фестивал КИНЕНОВА ќе можам да го искористам и за да го надоместам овој кусок и да ги дознаам филмовите што безусловно морам да ги гледам. Тоа уште сега многу ме радува.

Ви благодарам.

Автор: Игор Анѓелков, филмски критичар, @Fipresci member

@превод од германски: Емилија Бојковска

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *