Пол Остер е мојот омилен американски современ писател. Се разбира дека ме погоди неговото заминување од овој свет на крајот од април минатата година. Неговиот последен роман „Баумгартнер“ беше објавен шест месеци пред неговата смрт, а белградската „Геопоетика“ на Бајац, која во изминатите две декади навремено ги објавуваше неговите дела на српски јазик, романот го објави неколку месеци по неговата смрт. Чудно е чувството кога знаете дека читате нешто што е обележано како „последно“, како нечија „лебедова песна“. Зад тоа зјае само празнината на белата хартија, па затоа возбудата и очекувањата се оправдано високи.

Како треба да изгледа последната книга на еден писател, особено ако тој е свесен дека набргу ќе замине поради тешката болест со која се борел веќе одреден период? Што треба таа да содржи? Дали таа е еден вид тестамент кој неговите најблиски, а потоа и ние читателите, неговите обожаватели, треба да го читаме со посебни очила? Кога се работи за Пол Остер, сите овие прашања паѓаат во вода затоа што тој до крај остана доследен на својата поетика која од него направи еден од најзначајните американски автори кон крајот на 20 и почетокот од 21 век. Темнината и ведрината, трагиката и хуморот, потребата од љубов и заедништво, тоа се тие елементи толку препознатливи и во неговите претходни романи, кои ги наоѓаме и во неговиот последен ракопис насловен „Баумгартнер“, според презимето на носечкиот лик во него.

Последниот роман на Остер, пишуван во текот на 2021 и 2022 година, содржи пет поглавја. Приказната започнува (а како поинаку!?) со едно фино, сончево пролетно утро (не, овде нема петел кој кукурига 😉, сепак се работи за Бруклин во Њујорк, вообичаениот хронотоп на писателот), исполнето со секојдневни активности: заборавање на ринглата од шпоретот и подгорување на тенџерето, проблеми со елeктричната енергија и повик до службите истата да биде решена до крајот од денот, добивање на пакетче од „Федекс“… Сето ова е дел од животот на професорот на Принстон, г-нот Баумгартнер, кој за еден ден успева да си ја изгори раката, да падне по скалите во подрумот, и истовремено да започне со пишување на книга за омилениот филозоф Кјеркегор. Сето ова е раскажано толку убаво и напнато, а истовремено делува толку обично и приемчиво, во типичен, Остеровски манир. Тој не заборава на кое милје му припаѓа, и на главниот лик (неговото можно книжевно алтер его?) му дава име Сај, скратено од Симор, како една лична референтна посвета на големиот американски раскажувач Џером Селинџер.

Професорот-самец, по десетгодишен период исполнет со сеќавањата на неговата несреќно загубена Ана, се обидува да се врати во животот спротиставувајќи и’ се на осаменоста и изгубеноста кои се закануваат дека ќе го поклопат. Нејзината соба, машината за чукање, (не)довршените ракописи на неговата прва и единствена љубов се пределите низ кое се движи неговото битие, но тој повеќе не го сака тоа. Моментите на очајување и понатаму се присутни, но кој писател или уметник не живее на таа нестабилна територија помеѓу самоувереноста и омразата кон себе? „Да живееш значи да чувствуваш болка, а да живееш во страв од болка значи да одбиваш да живееш”, си вели Сај Баумгартнер, и се обидува да се реобмисли себеси.
Пол Остер раскажува една „олд скул“ приказна без присуство на новите електрични гаџети, како стар црно-бел филм што го гледаат повеќето ликови во неговите претходни книги. Неможноста да добијат дете со неговата партнерка е дел од рзмислувањата на професорот при себеиспитувањето во текот на приказната, но старата пријателка Џудит се чини како добра прилика за пресврт во неговиот живот, иако од предлогот за живеење заедно се срами како се’ уште да не ги надминал тинејџерските години.

Од страница во страница приказната за Баумгартнер се усложнува и добива различни текови. Влегуваат и излегуваат нови ликови, нови карактери кои внесуваат боја во дејствието, а размислувањата околу осаменоста на човекот, зависноста од пишувањето, класната поставеност во општеството, па се’ до изборите што ги правиме во животот, се тие мали-големи теми кои Остер отсекогаш ги провлекувал како клучни низ своите книги. Тој е волшебник на синтезата на минатото и сегашноста, раскажувач чии дела се следат на повеќе рамништа.
Сепак, како и Остер, така и неговиот лик Сај Баумгартнер се на средината од осмата деценија од животот, па неминовно е авторот да си поигра со нештата кои го мачат неговиот лик, како сенилноста и деменцијата (во еден момент Сај го заборава шлицот отворен, и тоа создава хумористична сцена, не толку честа во творештвото на писателот), и сеќавањата кои не се баш најсигурни, но низ нив сепак ја оформуваме сликата за минатото на професорот, за односот со мајка му и татко му, за посетата на селото во источна Полска од каде побегнале во текот на Втората светска војна, итн. Остер никогаш не милувал да ги анализира општествените и политичките моменти, но во овој роман тој го прави и тоа, супериорно плетејќи ја приказната се’ до завршното поглавје, во кое со нетрпеливост, како читатели, очекуваме како еден голем писател ќе ја заокружи не само оваа приказна, туку и воопшто, својата книжевна кариера, знаејќи дека пред себе не му преостанува уште многу време.

А таму – паралелно дејствие, книга во книга, во најдобрата традиција на постмодерниот роман. Остер е мајстор на својот занает, и заедно со Баумгартнер го доживува својот крај, својот животен и книжевен крај, залупувајќи се во едно дрво крај патот. Какво достојно заминување!
Сепак… на крајот има една врата. Не знаеме дали зад неа има светлина. Мораме прво да чукнеме. Чук-чук. Отворен крај. Така започнува новото, постхумно поглавје во кое Пол Остер, сосема свесен за смртта и исчезнувањето, и дефинитивно веќе не е меѓу нас, но тој одамна е всаден длабоко во нашите срца со неговите незаборавни приказни во кои од сите страни тече носталгијата, како чувство што не смееме да го загубиме ако сакаме да продолжиме понатаму. А сето тоа, се разбира, е целта на добрата литература.
