Розевата овца не’ пречекува пред киното и не’ мами да се сликаме со неа. Чекај, прво да го видиме филмот, велам, па ќе се фотографираме, да не не’ измами! Таа изгледа розево, невино и наивно, но сепак ќе судиме за неа по гледањето на филмот, не паѓајќи во стапицата на многумина околу нас кои се дрзнуваат да го споделат своето мислење пред да погледнат, пред да прочитаат, пред да истражат… Живееме во површни времиња.
И да!!! Имајќи го на ум краткиот филм „Налепница“ со преку 30 фестивалски награди ширум светот, кој сериозно ме помести предизвикувајќи ми солзи на очите во таа последна клучна сцена во која се соочуваат таткото и ќерката, дебитантското остварување на младиот Георги М. Унковски е полн погодок од многу аспекти. Ќе се обидам во продолжение што е можно поедноставно да ги објаснам, како што тој го прави тоа во приказната која навидум е едноставна, а истовремено е и филозофска и длабоко човечна.

Најпрво, љубовна приказна на големото платно секогаш добро поминува меѓу гледачите, особено ако е умно раскажана и зачинета со одличен хумор. Во напливот на „сериозни“ европски остварувања и холивудски „лимонади“, Ахмет става јајце врз косата во замена за гел, се прска со природен парфем и заминува на рандеву со симпатијата, која низ насмевка му вели „ми мирисаш на лимонада“. И со тоа се чини дека се’ е кажано. Нема лажни однесувања, нема лажни ветувања, само чист филм кој ве забавува, но и освестува. За почеток, одличен 5!

Приказната за растењето и созревањето ги содржи сите стереотипи што може да си ги дозволи, со тоа што мачо момчето е заменето со девојка која вози мотор, а рокенрол музиката си доби соодветен немезис во техното. Токму тоа поигрување со формата и контекстот на случувањето на нештата е добитната формула на овој филм. Екстремот потсетува на хит-филмот од 80-те кој го голтавме како мали, кога Харисон Форд во „Сведок“ сакаше да ја ќари привлечната Кели МекГилис од заедницата на Амишите, позната по своите посебни животни правила на егзистирање. Во случајов Унковски не’ води во јуручкото село во источна Македонија, кое, за среќа, не е толку затворена заедница како онаа на американските Амиши, но со свои засебни културолошки правила и светогледи.

Се сеќаваме дека во минатото фотообјективот на Роберт Јанкуловски прецизно го документираше животот на Јуруците, за потоа документаристката Билјана Гарванлиева за прв пат да го прикаже животот на оваа турска заедница во Македонија во прекрасниот документарен филм „Девојчето што бере тутун“, за на крајот и сестрите Митевски да го „искористат“ потенцијалот на оваа егозитчна средина и да ја контекстуализираат приказната во рамките на филмот „Жената што си ги избриша солзите“. Младиот Унковски не бил обременет со товарот дека мора да игра на картата да биде мистичен и допадлив. Тој си имал сосема поинаква замисла и доследно си ја остварил. Затоа, искрената љубовна приказна раскажана токму во ваков несекојдневен, егзотичен контекст исполнет со силни бои како јуручките носии, прават од филмот вистинска бомба од емоции во која спротивностите се привлекуваат, притоа сосема лесно и без предрасуди прифаќајќи ги техно музиката и стадото овци како дел од заеднички, испреплетен и компатибилен универзален.

Други важни елементи што треба да ги земеме предвид се снимањето со натуршчици, односно, со непрофесионални актери земени директно од самиот живот преполн со можности. Башка ако повеќето од нив се деца, а авторот е дебитант, тогаш предизвикот е уште поголем. Но од она што можеме да го видиме на сребрениот екран, енергијата си тече правилно и во големи количини, потврдувајќи дека младоста си се разбира со младоста, без разлика од која националност доаѓа. Притоа хуморот, како и секогаш, е таа константа која од една урбана легенда дека некогаш и некаде, наместо религиозна проповед е пуштено це-де од „Металика“ на звучниците, создава филмски материјал за смеа кој изгледа универзално симпатично.

Но дека авторот-дебитант не се задржува само на површно интерпретирање на стварноста преку хуморот, туку во сценариото суптилно ја разработува темата на патријархатот во новиот милениум, гледаме во умешното портретирање на постарите ликови, особено на таткото и отсутната мајка, која иако не е присутна во филмот, нејзиното влијание е од пресудно значење за браќата. „Кога имаме проблеми, не треба да бидеме сами“ е клучната реченица, која од заедништвото во неволја создава уште подлабоки врски меѓу членовите на семејството. И ако неукиот татко проблемот со незборувањето на најмалиот член го решава на единствениот начин што го знае и умее, децата се сеќаваат на советите на мајката дека музиката е таа која може да излечи се’. Оттаму и техното како еден од лајт-мотивите во филмот, како израз на современото кое задира во пазувите на традиционалното.

И на крајот, во последните пар сцени, и просветлувањето дека режисерот всушност направил одличен вестерн филм. Ако Милчо Манчевски со стилизираниот „Прашина“ си го истера кеифот да искреира филм во најценетиот жанр во филмската историја, а Столе Попов даде свое видување со вестернизирање на македонската приказна во „До балчак“, Унковски нетенденциозно, но суштински, преку многуте жанровски елементи видливи на големото платно, ни „подарува“ вистинско „колаче“, зачинето со динамично кадрирање како во „Добриот, лошиот и грдиот“ при соочувањето на главниот лик со вперената цевка на пушката во сцената која завршува со прашањето „па вие не сте биле ли некогаш заљубени?“, која претставува врв на задоволството. На тој начин во ликот на Ахмет, со златно-валкана боја на лицето, го добивме македонскиот тинејџ-Шејн, праведен херој чиј светоглед е морален и чист, и зад кој стои таа – љубовта.

После сево ова, се поставува прашањето „не кој е розевата, туку кој е црната овца во ситуацијата“? По фестивалските успеси и неколкуте награди за „Диџеј Ахмет“ (Сиетл, Херцег нови, Милвоки, Лос Ангелес…), дали да ги ставиме розевите очила и да гледаме „розево“ на нашата кинематографија, уживајќи во моментот додека трае, како што се случи и со пар други наслови кои во годиниве наназад излегоа од вообичаената претстава за македонскиот филм? Или уште еднаш да констатираме дека секој успех е инцидент, приказна сама за себе, без вистинска стратегија која граби кон задоволства на кратки, но резултати на долги патеки? Во секој случај, треба да се искористат сите моменти на успех, затоа што се чини дека ништо не е случајно. Да потсетиме, „Медена земја“ пред двете номинации за Оскар својата приказна ја стартуваше на „Санденс“ фестивалот во 2019 година, каде краткиот филм „Налепница“ токму на Георги Унковски имаше успешно претставување следната, 2020-та, за годинава со својот прв долгометражен филм режисерот да добие две награди. Што повеќе вакви успеси – поголема видливост на македонскиот филм во светски рамки, што, ќе се сложиме, за мала кинематографија како нашата е од огромно значење.