Филмаџиите и сликарството

Честопати сме сведоци на изјавите на филмаџиите дека снимањата на филмовите знаат да бидат многу напорни и дека се обидуваат мирот помеѓу два филмски проекта да го пронајдат некаде на друго место, практикувајќи работи што целосно ги опуштаат. Сликарството како хоби е едно од нив. Најпознат сликар меѓу актерите е сер Ентони Хопкинс, со многубројни изложби зад себе, за чиишто слики колекционерите плаќаат евро повеќе. Во изминатиот период, пак, Вуди Ален изложуваше во Буенос Аирес, Роберт де Ниро нè потсети на неговиот татко со изложба во рамките на фестивалот „Санденс“, додека најголемо изненадување дефинитивно претставува Силвестер Сталоне, чиишто слики беа претставени во Санкт Петербург пред пребирливата руска публика 

Кога јагнињата на платното ќе стивнат

Дефинитивно најпознат сликар меѓу филмските лица е сер Ентони Хопкинс, кој ужива углед на педантен професионалец, на снимањата доаѓа од девет до пет, а потоа се упатува во своето интимно катче, каде што ужива во дружбата со долгогодишната сопруга или, пак, довршува некое од почнатите сликарски дела.

Критичарите за сликарот Хопкинс велат дека е необременет од конвенционалното и дека е голем креативец, кој во годините наназад успеал да создаде свој стил и уметнички јазик, инспириран од неговите патувања, соништата и спомените. Хопкинс, пак, за ликовите кои се дел од неговите слики преполни со живи бои вели дека тајната лежи во нивните очите и дека токму тие се силата што сликарот треба да ја долови и да ѝ ја претстави на публиката. 

Вуди Ален на гости кај Борхес

И додека течеше скандалот во Њујорк со обвинувањата од страна на неговата поќерка дека во минатото сексуално ја злоупотребувал, што на њујоршкиот невротик не му е првпат и кои, секако, категорично го отфрли како валкани лаги, Вуди Ален во главниот град на Аргентина, во оправдано отсуство, доживеа нови ѕвездени моменти по повод отворањето на изложбата посветена нему со поп-арт наслов „Ние го сакаме Вуди толку многу“. На неа беа претставени слики, цртежи, фотографии и видеа од различни периоди од животот на популарниот режисер, кои отворено ја слават неговата богата и креативна кариера. 

Сместена во Културниот центар „Борхес“ во срцето на Буенос Аирес, турата почнува со проекции на кратки филмови на подот од галеријата. На едната страна може да се види црно-белиот портрет на Вуди Ален, а наспроти него доминираат портретите на ликовите од филмовите „Ени Хол“ и „Радиоденови“. Кураторот на изложбата, Вирџинија Фабри, изјави дека сите слики претставени на изложбата се многу интересни и храбри, додека видеата се дело на уметникот Хуго Екари, кој никогаш не се сретнал со Ален, но е голем љубител на неговите филмови. 

Вуди Ален има голема база на фанови во Буенос Аирес, пред сè благодарение на психоанализата во неговите филмови, што деновиве е многу популарна во главниот град на Аргентина. Тоа го потенцира и Грациела Лабандиера, жителка на градот, зборувајќи во името на многу пријатели кои ги сакаат филмовите на Вуди Ален и кои нетрпеливо чекале да се отвори одамна најавената изложба на нивниот омилен филмаџија во сопствениот град, што траеше до шести март. Со тоа, популарниот филмаџија, освен страста кон кларинетот и настапот со неговиот бенд насекаде низ светот во изминатите децении, ја покажа и својата нова креативна страна, сликарството, што можеби не е толку возбудливо како и неговите книги и филмови, а сепак, доколку на сето тоа гледаме како на испреплетување на талентите што тој несомнено ги поседува во големи количества, тогаш можеби ќе посакате и да закачите некоја негова слика во сопствениот дом. За последиците од секојдневното гледање во неа барајте гаранција од самиот автор! 

Де Ниро јуниор за Де Ниро сениор

Дел од „Санденс“ фестивалот беше и култниот Роберт де Ниро со еден интимен, семеен проект,што ги прикажува животот и делото на неговиот татко, експресионистичкиот сликар Роберт де Ниро сениор. Тој по Втората светска војна бил дел од американската уметничка сцена заедно со (подоцна) популарните Џексон Полок и Марк Ротко, а неговиот син, славниот актер, со документарен филм и изложба реши да го заокружи
неговото уметничко дејствување на овој свет дваесет години по неговата смрт.

„Сеќавање на уметникот Роберт де Ниро сениор“ е едноставниот наслов на документарецот прикажан во галеријата каде што беа изложени и сликите од наследството на овој американски уметник, сепак пред сè познат како татко на славниот актер, Роберт де Ниро јуниор. Како куриозитет поврзан со овој настан е изјавата на Де Ниро дека неговиот татко бил хомосексуалец и дека имал прекрасна комуникација со него, иако тој заминал од семејството кога актерот бил дете и дека всушност токму неговата поддршка од Де Ниро јуниор направила голем актер.

Роки и Рамбо низ призмата на четката

Холивудската акциона ѕвезда Силвестер Сталоне во своите шеесетти години го покажува и своето поинакво лице. Имено, публиката во Санкт Петербург во изминатиот период можеше да ја види неговата изложба на слики, насловена „Силвестер Сталоне. Уметност. 1975- 2013“, со која актерот прославува триесет и пет години од уметничката дејност на полето на сликарството. Малку е познато дека тој пред да влезе во филмската индустрија
студирал уметност, а покрај изложбата во Русија, Сталоне досега изложувал и во Швајцарија и Мајами.

„Затоа што снимав филмови што бараа невиден физички напор, идејата за осамен артист пред платното за мене беше прифатлива и вистинска форма на комуникација“, им се довери Слај на руските фанови, кои во голем број ја посетија неговата поставка. „Мислев дека ќе биде интересно да насликам што мислат карактерите во филмовите. На пример, на почетокот немав идеја како да го насликам Роки или да напишам нешто за него. Тогаш насликав слика, која ми даде идеја и инспирација. Тоа значи дека визуелната слика автоматски почна да ме инспирира и така почнав и да пишувам. Сите уметности
се поврзани, едната ѝ помага на другата. Затоа во сликите се обидувам да комбинирам и филмски чувства и емоции, а понекогаш и пишувам врз платното за да ги комбинирам сите различни елементи на комуникација“, поентира Сталоне.

Околу 1.000 посетители беа присутни само на отворањето на изложбата на Сталоне во рускиот музеј во Санкт Петербург, чијшто директор Владимир Гусиев доби отворени критики зошто ѝ дозволил на една холивудска ѕвезда да изложува меѓу великаните на руската уметност, како Казимир Маљевич и Иља Репин.

„Сликите се вредни за Рускиот музеј – добри, сериозни. Тој не е дилетант или аматер и можеме да го видиме неговиот авторски печат. Гледаме модерен сликар на 20 и 21 век. Гледаме и личност, неговата природа и неговиот карактер“, се бранеше Гусиев од нападите во медиумите.

Сталоне во Русија изложи 30 слики, што во следните месеци ќе имаат чест да ги видат и жителите на некои други европски градови. Сталоне во МСУ во Скопје? Е, тоа би бил настан за сликање!!!

(Текстот е објавен во книгата „Филмски град“)

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *