„Молчи со отворена уста“ од Снежана Младеновска Анѓелков

За сите беше огромно изненадување кога петчленото жири за наградата „Роман на годината“ на Утрински весник одлучи таа да отиде во рацете на дебитантката Снежана Младеновска Анѓелков за нејзиниот прв роман „Единаесет жени“. Тоа како да ја подотвори вратата и за другите автори од новата генерација на македонски писатели во следните години, односно, како да ја смени матрицата на размислување, конечно воочувајќи дека и кај нас почна да се создава нова, квалитетна литература која, зошто да не, треба и да се вреднува. По осумгодишна пауза авторката се враќа во книжевноста со својот втор роман, „Молчи со отворена уста“, како 177 издание во едицијата „ПРОаЗА“ на ИЛИ-ИЛИ.

Во својот нов роман, авторката ни подарува текст во кој уште подлабоко навлегува во својата интима, раскажувајќи приказна која се протега од средината на минатиот век па се’ до денешен ден, семејна приказна чиј заплет и (можен) расплет е нераскинлив дел од историскиот контекст во кој се случува. Младеновска Анѓелков храбро се соочува со вистината гледајќи и’ директно в очи, и создава роман кој опседнува, освојува, здоболува, во рамките на вистинската традиција на документаристичката проза на врвните мајстори.

Снежана Младеновска Анѓелков (1977, Скопје) дипломирала на ФДУ на отсекот за филмска и ТВ монтажа во 2000 година, а со звањето „Магистер по уметности – област филмска и ТВ монтажа“ се стекнува во 2012 година.
Нејзиниот прв роман „Единаесет жени“ (2011, ИЛИ-ИЛИ) ја доби наградата „Роман на годината“ на „Утрински весник“, и истата потоа доживеа уште две изданија.
Во 2014 година ја издаде филмско-есеистичката книга „Слики со животна уверливост“ (ИЛИ-ИЛИ) посветена на филмовите на режисерот Владимир Блажевски.
Како автор е застапена во тематската збирка раскази „Тивка анестезија“ (2016, Антолог) и во антологиите „Best European Fiction 2017“ и „Contemporary Macedonian Fiction“ (2019) на Dalkey Archive Press.
„Молчи со отворена уста“ е нејзин втор роман.

„Ѕвездара. Пред вратата на Нада Стојановиќ на улицата Врањска број 1, подоцна преименувана во Гвоздиќева број 1, веднаш до кафеаната Липов лад, која патем сѐ уште важи за една од подобрите кафеани со беспрекорна услуга и пријатна атмосфера во Белград, во најстудената јануарска ноќ 1953-тата година, три дена пред Божиќ, се појавува Киро Симонов Младеновски – Казан. Кога пред себе видела жив костур, кожа навлечена на коски, очи за кои не била сигурна дали се истите оние во кои само неколку години порано било собрано најубавото синило на ведрото и слободно небо, само кусата насмевка која била уште покуса под светлината од сијалицата над влезната врата го потврдила сомневањето на Нада дека овој, ако може така да го нарече, човек, облечен во нешто што наликува на пижами и налани на босите и издраскани нозе, е мажот на нејзината сестра Вера, се струполува пред прагот успевајќи само да изусти „Бате, ти ли си?“

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *