во тишината на собата
дишам
во темнината на собата
дишам
и кога облакот
минува низ месечината
темнината влегува во мене
но јас и натаму
гласно дишам
бидејќи знам дека
светилникот во далечината
ќе засјае
посилно од Сонцето

ја држам главата
над водата
и не заборавам
да земам воздух
гласно дишам
слушајќи ја распараната утроба
облаците ја откриваат
Месечината
светлината ме гали
по лицето
дишам
длабоко земам воздух
и се сеќавам
на сите страданија
што ги преживеав
на сите отпечатоци на ѕидот
како неми сведоци
на нашиот бродолом
и сите прашања
водат кон нови
слепи улици
кон конфузија
и недоумици
се чувствувам
како Дон Кихот
во борба со
напуштени ветерници
сѐ што ми останува е
да дишам
да се обидам
да дишам
длабоко да земам воздух
додека го полниш куферот
ја затвораш вратата
и заминуваш
засекогаш

