Ноќеска, 24 минути по полноќ по централно-европско време, стартуваа моторите на ракетата во вселенскиот центар „Џон Кенеди“ на Флорида и ја вивнаа кон вселената. Во следните денови таа треба да направи круг околу нашата небесна сопатничка – Месечината, и да се врати на Земјата, подготвувајќи плодно тло за следната мисија, кога астронаутите треба да стапнат на правливото месечево тло. Четирите херои кои во моментов се на тој долгонајавуван, па одложуван, и конечно реализиран пат, се Рид Вајзман, Виктор Гловер и Кристина Кох од НАСА, и астронаутот на Канадската вселенска агенција Џереми Хансен. Куриозитетот вели дека имаме прва жена и прв Афро-Американец на пат околу Месечината.
Но, оставајќи ги настрана овие информации, во овој текст ќе се задржиме на името на мисијата. Зошто НАСА избра серијалот мисии за повторно враќање на тлото на земјината небесна придружничка да се викаат „Artemis“, односно „Артемида“?

Програмата на НАСА е именувана по Артемида, древногрчката божица на ловот и на Месечината, сестра-близначка на Аполон. Изборот не е случаен — тој има митолошка, историска и симболичка логика.

Најпрво, митолошката врска со Аполон. Сите знаеме дека првите мисии на НАСА до Месечината во 60-тите години од минатиот век беа наречени „Аполо“. Артемида, како сестра-близначка на Аполон, природно го симболизира враќањето на човештвото на Месечината — преку следната генерација на лунарни мисии.

Во грчката митологија, Артемида е директно поврзана со Месечината, затоа името е идеално за програмата чија цел е повторно слетување на човекот на нејзината површина. Програмата си постави за цел да ја однесе првата жена и првиот „обоен“ човек на Месечината. Артемида, како симбол на независност, чистота и сила, е современа феминистичка икона, што се вклопува во визијата на програмата — нов почеток, каде жените имаат значајна улога.


Името „Артемида“ има културна тежина и универзална препознатливост, поврзувајќи ја науката со митологијата и човечката традиција, давајќи ѝ духовно значење на вселената. Со други зборови — НАСА го избра ова име за истовремено да го симболизира наследството на „Аполо“, со нова ера на истражување на Месечината, и поголема инклузија и еднаквост во космосот.


И на крајот, не може да не го споменеме повторувањето на историјата. Имено, мисијата „Аполо“ се случи за време на Виетнамската војна, а актуелната „Артемида“ се одвива за време на војната на Блискиот исток. Сепак, и обете мисии однапред беа долго подготвувани. Да потсетиме, Џон Кенеди уште додека беше жив вети дека човекот набргу ќе стапне на Месечината за прв пат. За жал, американскиот претседател не ја дочека историската 1969 година, кога Нил Армстронг ја изговори антологиската реченица „Ова е мал чекор за човекот, но голем за човештвото“. „Артемида“ исто така одамна беше најавувана како проект за враќање на на човекот на земјиниот сателит, и по долги одложувања, конечно се остварува.

Да им посакаме лесно враќање на матичната планета на четирите херои, за кои деновиве ќе навиваме од се’ срце. За таа цел, од нафталин ја извадив мојата омилена НАСА маица. Шуќур, се’ уште ми е точна 😉

