пишува: Игор Анѓелков
Загрепскиот музички фестивал „Ин мјузик“ годинава ќе се одржи по осумнаесетти пат на старата, добра локација, „Островот на младоста“ на езерото „Јарун“, и со тоа ќе стекне полнолетство. Веќе две децении наназад ова е фестивалот кој остана доследен на својот концепт од самите почетоци, нудејќи и’ на многубројната публика музички квалитет што трае. За разлика од „Зигет“ во Будимпешта и „Егзит“ во Нови сад, фестивалот во хрватската метропола, кој стандардно се одржува во третата седмица од јуни, отсекогаш милувал да донесе потентни бендови и музичари, често пати и за прв пат на овие простори, и затоа може да констатираме дека „Ин мјузик“ е музички настан борј 1 во регионов.

Вообичаено во третата седмица од јуни, на прагот на долгото и топло лето, река од луѓе на сите возрасти се упатува кон добро познатата локација, каде три дена се журка и ужива во богатата понуда. И годинава организаторите се потрудија програмата да биде и повеќе од богата. Гледајќи ги главните имиња, веднаш посакувате што побргу да дојде 22 јуни, но не се за запоставување и имињата што ќе гостуваат на останатие (условно, помалите) сцени, бидејќи меѓу нив секогаш се крие по некој бисер кој ништо чудно за неколку години повторно да гостува на „Ин мјузик“, но овој пат на главната сцена.

А таму годинава во првата вечер публиката од цела Европа ќе може да го види славниот британски бенд „Маник стрит причерс“, кои ја отпеаја онаа славна „Ако го толерираш ова, тогаш твоите деца ќе бидат следните“, пророчка песна чии последици сите ние и тоа како ги чувствуваме денес. Џек Вајт, пак, доаѓа како американска противтежа, човекот кој со „Вајт страјпс“ создаде еден куп химни кои и ден-денес со драго срце ги слушаме, музичарот кој со кого не просвире во меѓувреме, но на крајот сепак остана свој.

И втората вечер нуди британско-американски баланс, овој пат со експерименталните „Флејминг липс“ низ свирка која никогаш не знаеш какви изненадувања крие, бидејќи момците се комплетно непредвидливи. За планетарниот визуелен спектакл „Горилаз“, пак, нема потреба да се пишува нешто повеќе, доволно е да имате лименка пиво во раката и да ја почнат првите тактови од темата „Клинт Иствуд“. И со нив оттука натаму се’ е можно.

Третата и последна вечер ќе ја заокружан големите „Кингс оф Лион“, кои со пар алтернативни хитови заземаа почесно место и во меинстрим круговите. Потентните „Ајдлс“ ќе бидат нивно загревање, бендот кој пар денови подоцна ќе гостува и во Штип, на новото издание на „Д Фестивал“, па кој ќе ги пропушти во Загреб, ќе мора да дојде на штипска пастрмајлија.
Се’ на се’, не’ очекува уште едно лудо издание на „Ин мјузик“, и искрено се радувам што ќе бидам во можност за прв пат дел да проследам во живо. Се гледаме во Загреб 😉

