Чудно е чувството кога гледате македонски филм кој почнува со најава на која фигурираат логоата на „Universal“ и „Focus features“. Копродукцискиот проект зад кој стојат Македонија, Хрватска, Полска, Србија и Косово многу бргу од регионален си доби и светски шмек, откако филмот доби десетина награди на филмските фестивали. За сето ова најзаслужен е македонскиот Австралиец Горан Столевски, кој за само пар години сними три долгометражни остварувања, наметнувајќи се како еден од современите млади режисери на кого треба да се внимава и во иднина. Филмот беше македонски кандидат за „Оскар“.

Информациите влета дека Горан Столевски е роден и пораснал во Тетово пред да емигрира во Австралија на 12-годишна возраст. Дипломирал креативни уметности на Универзитетот во Мелбурн и магистрирал филм и телевизија на Викторијанскиот колеџ за уметности. Ја освоил наградата за најдобар режисер „Рубен Мамулијан“ на Филмскиот фестивал во Сиднеј во 2016 година со „You Deserve Everything“. Неговите 25 кратки филмови се прикажани на повеќе од сто фестивали на сите континенти.

Сето ова упатува на мислата дека за да се стигне до трите долгометражни филма, Столевски зад себе има сработено вистинско богатство од кратки остварувања, како подготовка за она што следи. А тоа време, во/по корона кризата, дефинитивно дојде. Деби остварувањето „Нема да си сама“ беше селектирано на престижниот „Санденс“ во 2022 година, вториот „Доволно возрасни“ ја освои наградата за најдобар филм на „CinefestOZ“ истата година, а Здружението на австралиски критичари го почести со наградите за најдобар, филм, режисер и сценарист.

„Домаќинство за почетници“ е третиот, а прв македонски филм на Столевски кој се снимаше во Скопје, а светската премиера ја доживеа на Венециската „Мостра“ во престижната селекција „Хоризонти“, каде ја освои наградата „Queer lion“. По долгите стоечки овации, филмот доби позитивни критики, истакнувајќи го авторството на сценаристот и режисер кој раскажува на „свеж и возбудлив начин“. Она што можеше да се забележи меѓу пофалбите е афинитетот на авторот да зборува за важни и актуелни теми преку приказните на маргинализираните луѓе во општеството, што овозможува идентификација на широката публика со филмските херои од секојдневието на сребрениот екран. Фокусот на приказната е врз односите во едно дисфункционално семејство со различна сексуална ориентација кое живее во македонската метропола, во време кога миграцијата е присутна насекаде околу нас. Во услови кога здравствениот систем не функционира и дијагностицираната болест единствено води кон фатален крај, тоа влијае врз животот на поединците чии животни начела се менуваат од корен.

Освен што е сценарист и режисер, Столевски е и монтажер на ова остварување, и со внатрешниот ритам кој ја надградува веќе доловената атмосфера со фантастичната камера-од-рака на Наум Доксевски, создава филм кој ве вовлекува во интимата на семејството, чии членови припаѓаат на различни етноси. Јазикот на младите е модерен и не се срами од својата „разголеност“, на што се надоврзува епизодата со натуршчиците во Шутка со сета своја искреност и автентичност. Ликовите постојано се пред нас, во крупен план, и филмската емоција зависи од нивната експресија, а таа постојано е на задоволително ниво.
Тоа пред се’ се должи на добриот кастинг. Главната актерка Анамарија Маринка, иако на моменти го зборува македонскиот јазик како српските актерки во нашите филмови во втората половина на минатиот век, тоа не одзема ништо од нејзината супериорност во доловувањето на Дита, која по игра на случајот „станува родител“. Отсекогаш сум се прашувал кога во македонската кинематографија ќе имаме обработка на актуелна тема како што тоа го прават наградуваните романски филмаџии во новиот милениум. Благодарение на сензибилитетот на романската актерка, овој филм е многу блиску до тоа чувство. Но и генерално, актерскиот ансамбл е прилично супериорен на платното, почнувајќи од најмалиот член па се’ до возрасните професионални актер(к)и и натуршчици, и затоа „Домаќинство за почетници“ успева какофононијата од човечки релации да ја скроти и да и’ даде емпатична, човечка визура.

Надоврзувајќи се на ромската култура која е уживател на музиката од секој аспект, режисерот ги достигнува врвовите во филмот преку две препознатливи музички теми – „Две лири“ од Каролина Гочева и евровизиската „In corpore sano“ на Констракта. Психодрамата во која се вовлечени двата главни лика се разбива на парчиња со феноменалната експлозија од емоции надополнета преку овие две песни, кога сите се распеани и грижите како за момент да исчезнуваат зад аголот. Но…

„Потребата не одминува… до самиот крај… да му се помогне некому… не можам да бидам мајка, но можам да ти бидам сестра, која нема да ти стои на патот, но ќе биде тука секогаш кога ќе ти требам…“, и’ вели Дита на тинејџерката која не може да ги канализира своите емоции, но многу добро знае што сака. Оваа крајна сцена како да ја сублимира целата замисла за пораката што филмот ја праќа, во време кога светот е на работ на нервен слом, а сочувствителноста како да е заборавена категорија.
