„Коулун, заградениот град“ од Јана Узунова

Денес од печат излезе новиот роман на Јана Узунова насловен „Коулун, заградениот град“, како јубилејно, 250-то издание во популарната едиција „ПРОаЗА“ на издавачката куќа „Или-Или“. По првенецот „Вергина“ од 2019 година, авторката продолжува да ни „подарува“ интригантни книги со автентичен печат, несвојствени за македонската книжевна сцена.

Се работи за мрачен, динамичен и визуелно силен роман во кој просторот не е само сцена, туку речиси самостоен лик. Коулун е претставен како жив организам: лавиринт од тесни ходници, влага, цевки, чад, мириси, глад, насилство и сиромаштија, но и како место во кое, и покрај распадот, опстојуваат нежноста, лојалноста и потребата од спас. Особена вредност на романот е што неговата основна просторна рамка не е измислена. Коулун навистина постоел како Kowloon Walled City – заграден град во Хонг Конг, кој со децении претставувал едно од најгусто населените места во светот. 

Особено впечатлив е стилот со кој е напишан романот: густ, сликовит, понекогаш гротескен, со силни сетилни описи и брзи премини меѓу хумор, ужас и лирска нежност. Авторката умешно гради атмосфера во која секој звук, мирис и предмет добива симболична вредност: цевките стануваат срцебиење на градот, фенерите знаци на живот, а темнината простор во кој се откриваат и злото и човечноста. Романот успешно ја спојува авантуристичката приказна со психолошка и морална длабочина. За љубителите на овие жанрови – вистински погодок!