„Филмско око“, предговор

Денес од печат излегува „Филмско око“, четвртата книга со филмска есеистика. Во продолжение е комплетниот предговор во кој се обидувам да ги лоцирам причините за излегувањето на уште едно дело од областа на публицистиката 😉

„Минатата, 2024 година, на мојот педесетти роденден, што претставува една фина, заокружена бројка, прославив уште неколку убави јубилеи поврзани со моето творештво: десеттата издадена книга, романот „Ветрилиште“, кој воедно е мој петти објавен роман, и точно осумнаесет години по првата книга, збирката раскази „Кротки приказни“, со што влегов во „книжевно полнолетството“. Оваа година, пак, се навршуваат десет години од објавувањето на првата книга со филмска есеистика „Филм.мкд“, издадена една година по завршувањето на
ангажманот со филмскиот магазин „Филмополис“. Тоа неоспорно значи дека повторно е време за славење, овој пат низ призмата на седмата уметност!

И ако „Филм.мкд“ беше посвета исклучиво на македонскиот филм во новиот милениум, веќе со „Филмски град“ три години подоцна се воспостави онаа еклектична содржина што милувам да им ја приредам на читателите и во ова ново филмско издание. Мислев дека „Филмотопија“ во 2022 година убаво заокружува една неформална трилогија исполнета со квалитетни текстови за седмата уметност, меѓутоа кога пишувањето ќе ви влезе под кожата, тогаш продолжувате да ги следите случувањата во филмот на најубав можен начин – со
осврти во кои го внесувате сето свое знаење и страст за омилената уметност. Како мотиватор за оваа работа би ги споменал членувањето во фестивалските жирија,
ангажманот како селектор на фестивалот „КинеНова“ и, се разбира, мојата интернет-страница „herojnaedenden.mk“, која постојано е „гладна“ за нови содржини. На тој начин, година по година, кога се свртев наназад и кога погледнав колку текстови се насобрале, настана и оваа книга, одржувајќи добар ритам на објавување книги со филмска есеистика, приближно на секои две ипол
години.

Морам да признам дека насловот досега најмногу ме измачи. Ако „Филм.мкд“ носи јасна референција за содржината на книгата, „Филмски град“ беше носталгична асоцијација по непрежалениот филмски магазин, а „Филмотопија“ означување на постковид-периодот, кога и филмската индустрија не знаеше во кој правец да продолжи, „Филмско око“ нè враќа на основите на нештата, на сетилото преку кое ги примаме пораките што новите филмски остварувања сакаат да ни ги пренесат. За таа цел, на корицата на книгата фигурира окото од омилениот СФ-филм „Блејдранер“, таа незаборавна сцена во која се испреплетуваат футуризмот и ѕвездената експлозија, притоа не заборавајќи дека откривањето на репликантите се случуваше токму со скенирање на зеницата на окото со помош на Војт-Kaмпфовиот тест. Оттаму, како мал детаљ на корицата одзади фигурира артифициелниот був од лабораторијата на доктор Тајрел.

Содржински, книгата е поделена во неколку тематски целини во кои се осврнувам на сите возбудливи филмови што влегоа во моето „филмско око“ по објавувањето на „Филмотопија“ во 2022 година и за кои сметав дека вреди да се пишува. Се разбира, почнувам со третирањето на македонската кинематографија во овој период, која ни понуди неколку интересни остварувања, уште толку неинтересни и просечни филмови, за на крајот целата филмска дејност да го допре дното од кое не се знае како ќе исплива на површината. Спротивставените табори се на нож, а разврската следува, на штета на филмските работници, вљубениците во седмата уметност и, секако, домашните даночни обврзници.

Европската кинематографија во изминатите неколку години донесе многу возбудливи остварувања, вклучувајќи ги и балканските меѓу нив, со кои и почнува темата. „Старите волци“ Кен Лоуч и Вим Вендерс се тука за одржување на балансот, а Александар Сокуров комплетно ја разбива рамнотежата со едно остварување за кое ќе се зборува и во (далечната) иднина. Како фино надоврзување на европскиот начин на филмско размислување, во книгата го пренесувам интервјуто што имав чест да го направам со австрискиот филмски
волшебник Улрих Зајдл, лауреатот на деветтото издание на „КинеНова“ во Скопје. На фестивалското отворање тој ѝ се обрати на публиката со еден манифест што ги
трогна сите, бидејќи прецизно ја дијагностицираше ситуацијата во филмската уметност во првата четвртина од 21 век. Антологиски!

Од другата, американска страна на огледалото, секоја година носеше по еден филм што се издвојуваше по својата „мегаломанија“ од различен аспект, а во понудата беа и продолженијата на старите, добри „гилти плежрс“, „Индијана Џонс“ и „Аватар“. Или, што би рекол Хемингвеј, „на Запад ништо ново“.

Во изминатите пар години го зголемив мојот „Фипрески“ ангажман и бев дел од четири европски фестивали, сите со различен сензибилитет. Фестивалот во
полскиот град Краков на едно место ја собра актуелната документаристика, прикажувајќи ни квалитетни приказни од сите меридијани. Негов пандан на Балканот е „ЗагребДокс“, кој во 2024 година прослави дваесетгодишен јубилеј. Будно го следи и нашиот „Македокс“, каде што имав чест со колегите да одлучувам за наградата „Млад кромид“, односно за најдобар дебитантски доку-филм. Во источногерманскиот град Кемниц, пак, бев дел од „Фипрески“ жирито на еден од најзначајните детски фестивали во Европа, „Шлингел“, прекрасно искуство што го споделувам и во приложениот текст. И на крајот, 35-тото издание на Љубљанскиот филмски фестивал во ноември минатата година програмски ги задоволи сите мои вкусови. Како бонус-текст се осврнувам на Кинотеката на Р. Словенија, каде што проследив два одлични настана поврзани со две легенди на балканската и светската кинематографија.

Музиката и филмот се во вечен, нераскинлив „брак“, која како тема милувам да ја третирам и во претходните книги. Овој пат се осврнувам на два сосема различни
проекта, но и обата автентични и силни, посветени на неодамна заминатиот Рјичи Сакамото и сè уште енергичниот и никогаш поактуелен Ник Кејв, враќајќи се
на неговите австралиски музички корени.

И, крајот го краси делото! Онака како што го почнав овој вовед, со јубилеите, така и го финиширам, со јубилеите на крајот од книгата. Честа да ја заокружат „Филмско око“ им припадна на „Евтини приказни“ и „Почудно од рајот“, кои прославија три и четири децении од својата официјална премиера.

Со искрена надеж дека ќе уживате и во оваа заедничка филмска авантура што брои вкупно 33 текста за седмата уметност, ви посакувам пријатно патување,
срдечно поздравувајќи ве“.