Денес од печат излегува последната планирана книга од нашата работилница за оваа година, одличниот роман „Овци од гипс“ на мојот сплитски колега, писателот и филмски критичар Јурица Павичиќ, со кого летово имавме фина дружба на негов терен. Не ја пропуштајте книгава, одлична е! Истата предизвика мноштво реакции кога премиерно излезе во Хрватска, поради тоа што обработува многу чувствителна тема, со дејствие во 1992 година во Сплит, родниот град на авторот. Преводот од хрватски јазик е на Дејан Василевски.
Сплит, 1992 година.
Една ноќ, група војници решаваат да го одмаздат загинатиот командир и подметнуваат експлозив под куќата на српскиот месар. Сопственикот на куќа загинува, но тука е и непосакуваниот сведок: неговата ќерка.
Крешо е воен ветеран кој од војната се враќа без нога, горчлив и разочаран. Гаљер е искусен новинар од црна хроника, а жена му се бори со дијагностицираниот рак. Матиќ е успешен лекар со политички амбиции. Лидија, истражувачка новинарка со верба дека весниците можат да ги подобруваат работите. Судбината на овие луѓе се испреплетува со судбината на девојчето скриено во една гаража, девојчето кое чека некој да ја ослободи или да ја убие.
Јурица Павичиќ е роден во Сплит во 1965 година. Дипломирал историја и светска книжевност на Универзитетот во Загреб. Од 1990 година постојано живее во Сплит и работи како филмски критичар и колумнист во различни весници („Слободна Далмација“, „Виенац“, „Зарез“, „Неделна Далмација“, „Јутарњи лист“…).
Во 1992 година е награден со Националната награда за филмска критика „Владимир Вуковиќ“. Од 1994 година, во различни весници ја пишува колумната „Вести од Лилипут“, во којашто ги сецира општеството, политиката и културата во воената и повоената Хрватска. За текстови од таа серија во 1996 година ја добива наградата на Националното новинарско здружение „Марија Jуриќ Загорка“, во 2002 година награден е за придонес
во новинарството со наградата „Веселко Тенџера“, во 2007 година ја добива наградата „Миљенко Смоје“ на „Слободна Далмација“, а во 2014 година станува Новинар на годината во анкетата на Хрватското новинарско здружение.
Расказите и есеите му се преведувани на англиски, германски, италијански и бугарски. Романот „Овци од гипс“ е преведен на германски во издание на „Нумер 8“ од Вецлар. Швајцарското списание „Факти“ го прогласи тоа издание за трета најдобра книга на годината во германското говорно подрачје во категоријата крими-романи и трилери. Според истиот роман е снимен и филм, во режија на Винко Брешан, „Сведоци“, кој влезе во конкуренција на Филмскиот фестивал во Берлин, каде што е награден со екуменската награда. За сценариото на тој филм во 2003 година награден е со Големата златна арена за сценарио на фестивалот во Пула. Во 2000 година, во Народниот театар на Хрватска во Сплит има праизведба на драмата Трујачка, која претходната година ја освои националната награда за драма „Држиќ“.
Ги објавил: Овци од гипс (роман, 1997); Неделен пријател (роман, 2000); Хрватски фантастичари – една книжевна генерација (2000); Вести од Лилипут (есеи и колумни, 2001); Nachtbus nach Triest (2001); Минути 88 (роман, 2002); Split by Night (есеи и колумни, 2003); Куќата на нејзината мајка (роман, 2005); Црвенкапа (роман, 2006); Улична патрола (раскази, 2008); Постјугословенски филм – стил и идеологија (2011); Нови вести од Лилипут (есеи и колумни, 2011); Patruglia sulla strada (2012); Брод во дворот (раскази, 2013); Cappuccetto rosso (роман, 2014); Табернакул (одбрани раскази, 2015); Ein Tod für Ein Leben (роман, 2017); Класици на хрватскиот филм во југословенскиот период (2017).