Деновиве од печат излезе новиот број на списанието за култура, уметност и општествени прашања „Културен живот“ . Се работи за најдоброто периодично издание кај нас кое не го згази времето, туку напротив, два пати годишно продолжи да објавува битни културолошки текстови од различни области, задоволувајќи ги и најистенчените вкусови на читателите. Првиот број на списанието е објавен во далечната 1956 година, и токму затоа, им го честитаме седумдеценискиот јубилеј, со желба уште долго да бидат присутни на сцената.

Со големо задоволство токму во ова јубилејно издание за прв пат објавувам текст. Се работи за осврт кон филмот „Франц“ од Агњешка Холанд, кој го гледав пролетта на редовниот кино-репертоар и кој во продолжение го пренесувам во целост, како „провокација“ да го купите новиот број на „Културен живот“ во книжарниците, симболично поддржувајќи го неговото понатамошно квалитетно опстојување.

„Многу се израдував кога прочитав дека славната полска режисерка Агњешка Холанд се нафатила да сними филм за Кафка. Бев убеден дека авторката на пророчкиот филм по падот на Берлинскиот ѕид „Европа Европа“ (1990) и критичкото остварување за Холокаустот во однос на улогата на нејзините сограѓани, генијалниот „Во темината“ (2011), ќе сними одличен филм за еден од моите омилени писатели, не само заради нејзиниот филмски багаж, туку и поради фактот што не е Чехиња, туку Полјакиња.
Имено, пред речиси една декада во Скопје ни гостуваше полскиот писател Мариуш Шчигел по повод објавувањето на неговиот прекрасен роман „Готленд“ на македонски јазик. Се работи за неформална историја на Чешка раскажана низ приказни кои се протегаат во текот на целиот 20 век: од чевларот Бата, преку познатата актерка-љубовница на Гебелс во Втората светска војна, па се’ до популарниот пејач чие презиме е вградено во насловот на книгата. Eден умен посетител на промоцијата сосема логично го праша Шчигел „зошто еден Полјак седнал и напишал неформална историја за Чешка, а не за сопствената земја од каде што доаѓа“? Писателот најпрво легитимно одговори „А зошто да не?“, а потоа, за да не биде погрешно сфатен, образложи дека Полска и Чешка се две соседни земји и дека отсекогаш имале слични афинитети во/кон културата, и дека веројатно многу е полесно да се погледнат работите од дистанца (како него) отколку некој „домородец“ да се осмели објективно да ја опишува својата земја. Оттаму и мојата верба во госпоѓата Холанд. И не згрешив.

Поминаа точно три ипол децении од легендарниот филм „Кафка“ на Стивен Содерберг, со феноменалниот Џереми Ајронс во улогата на писателот кој се заплеткува во лавиринтите на сопствената проза. Интелигентното сценарио кое го испреплетува животот на Кафка со случувањата од неговите романи „Замок“, „Процес“ и „Америка“ навистина е и повеќе од успешно остварување, сето тоа во црно-бело, за доловување на духот на времето. Се разбира, кога ќе погодите директно во центарот на метата, тогаш целта е постигната, а другите филмаџии не се осмелуваат туку-така да го надминат ремек-делото. По долго време, дури во 2024 година се снимија неколку продукции поврзани со ликот и делото на чешкиот писател. Германскиот режисерски тандем Џудит Кауфман и Георг Маас пред две години го снимија „The Glory of life“, кој раскажува за романтичната љубов во последната година од животот на Кафка, а годината беше заокружена со германската мини ТВ серијата со неговото презиме во насловот.

Се’ уште сме во 2024 година, месецот е април, а „местото на злосторството“ – родниот град на авторот кој пишуваше исклучиво на германски јазик, иако живееше во Прага. На локации околу живописната река Влтава започна снимањето на актуелниот „Франц“, кое во следниот месец финишираше на локации во Берлин. Забележлива е дистинкцијата уште на стартот – избегната е „стапицата“ која ја носи популарноста и интернационалната препознатливост на презимето „Кафка“, а за наслов на филмот е земено неговото име. „Франц“, толку често, толку секојдневно, како „Сашо“, „Миле“, „Зоран“… Но тука лежи мудроста на сценаристите Агњешка Холанд и Марек Епштајн (не, не му е братучед на „The Epstein“), на ликот да му дадат секојдневна димензија спуштајќи го комплетно на земја, меѓу луѓето. Франц е ведар лик, се разбира, со сите стравови во однос на одредени нешта што ги препознаваме во неговата проза, но тој е сосема опуштен и препуштен на стварноста во односите со луѓето околу него, сосема спротивно од другите филмови, или во нашите илузии, дека се работи за „посебњак“ кој бегал од реалноста како од ѓавол. Напротив. Дури и кога им чита делови од романот во настанување „Процес“, неговите пријатели се валкаат од смеење. Затоа и имав проблеми во првите половина час од гледањето на филмот, затоа што влегов со очекувања и предзнаења, а не го добив тоа. Очигледно пресериозно сум го сфаќал делото на Кафка досега. Затоа решив да се опуштам, на крајот од проекцијата сфаќајќи дека Холанд снимила перфектен филм во кој ни го доближила ликот на писателот на најхуман можен начин.

Најкраткиот опис, во една реченица, на филмот гласи: „Го раскажува животот на чешкиот писател Франц Кафка од неговото раѓање до неговата смрт. “ Малку подолгата варијанта, пак, е следната: „Прага на почетокот од 20 век: Франц Кафка (Идан Вајс) е растргнат помеѓу строгите очекувања на својот татко Херман (Петер Курт), неговата монотона дневна рутина во осигурителната компанија и неговата длабоко вкоренета желба да пишува и на тој начин да им даде литературен израз на своите најдлабоки чувства. Неговите текстови конечно добиваат почетно внимание, додека тој продолжува да се обидува да води живот помеѓу прилагодувањето кон другите и самореализацијата. Одново и одново, Франц доживува интензивни врски со жени кои го маѓепсуваат до максимум, неизбежно соочувајќи се со тензиите помеѓу блискоста и повлекувањето. Поддржан од неговиот пријател и издавач Макс Брод (Себастијан Шварц), филмот го портретира човекот кој го бара своето место под сонцето – помеѓу чувството на должност, внатрешните превирања и креативниот израз“.
Овој совршен кроки синопсис доловува многу нешта поврзани со „Франц“, но не и поттекстовите, внатрешните слоеви, фуснотите на маргините што филмот на Холанд ни ги фрла како мамец. Токму во нив лежи умешноста во пристапот, уметноста на филмскиот јазик кој изгледа како се’ да е лесно како песна, а всушност се работи за комплексна продукција која успешно го доловува времето во кое се случува дејствието, со сите премрежија што ги носи надоаѓачката војна, како и последиците од неа. Пливањето во едноделни костими, првиот патент на вујко му – забарската алатка што ќе ја модернизира стоматологијата во целост, светлата и сенките на Прага… а врз сето тоа, 11 илјади напишани писма како наследство кое и ден-денес се проучува и истражува. Сето тоа претставува добра книжевно-филмска подлога за создавање на нови дела, одличен пример како уметноста низ децениите се претопува од еден во друг жанр, што никогаш не замира.

Почетната сцена е незаборавна: на тивкиот Франц му прават „нокшир“ фризура, а берберот свирка една многу заразна песна, за барем малку да го избрка стравот зад клапушавите уши на момчето. Но тоа момче ќе стане вистински убавец на улиците на вековната Прага, авангарда во која се угледувале многумина. Франц бил вистинска алтернатива – тој ја сакал новата уметност на подвижните слики и редовно посетувал кино… бил вегетаријанец кој не мразел месо, но ретко го конзумирал… редовно веслал со кајакот на спокојната Влтава, практикувајќи спорт кој не бил баш популарен меѓу сограѓаните… се разбира, цело време возел велосипед по прочуената прашка калдрма… а како само се облекувал – во разни комбинации на црни и бели одела, со широк избор на шапки и кравати, како вистински џентлмен!
Но очигледно бил лесно заљубљив тип. Без предрасуди влегувал и во љубовен триаголник, во кој секогаш најлошо поминувал тој поради искреноста со која пристапувал. И тука полека, но сигурно, се јавувала меланхолијата и депресијата, состојба која потполно го обземала, и која современиците Фројд и Јунг почнуваат да ја проучуваат со хируршка прецизност. Интересен е начинот на кој Холанд го прикажува сето тоа, како да наведува дека не многу често, но понекогаш Франц како намерно да ја посакувал таа состојба за да може потоа да седне и да пишува. Рачно, иако имал машина. Така настанале илјадниците споменати писма кои ги оставил зад себе како сведоштво за неговата душевна состојба во која многу почесто престојувал, отколку во личниот контакт со љубените. Сестра му Отла, љубената Милена и останатите потенцијални приматели на неговите генијални мисли се само чист одраз на љубовта кон Другиот, оној Идеалниот кон кој неговата маленкост со сето внимание се обраќа, со надеж дека вистински љуби, како освестен човек, и дека, се разбира, ќе му биде возвратено со иста мера.

Освен нетипичното однесување со понежниот пол, се разбира дека најпрепознатлива е релацијата на Франц со неговиот татко Херман. „Мили татко“ е едно од антологиските „книжулиња“ во светската литература, и тој семеен момент кој детерминирал многу работи во животот на писателот не можел да се избегне во сценариото. Но и овој дел Холанд го решила на мудар и ведар начин. Таткото, обраќајќи се во камерата, во еден момент вели: „Франц е добар дечко, само му треба време да сфати што сака, и ќе престане со глупости“. А тој со своите 64 килограми, на 30-годишна возраст се пријавува да оди во војна! Политичкото прашање, исто така, е суптилно разработено во филмот, особено односот на Чесите кон Евреите, кои чувствувајќи се постојано како туѓинци, сонуваат за сопствена држава, желба која ја провлекувале и на градските театарски сцени.
Но оттуѓеноста на Франц не го врзувала за ниту една нација и ниту една религија. Во една генијална сцена во филмот тоа е прикажано на антологиски начин: Кафка се сретнува со себеси на Карловиот мост, и се сепнува. Се врти да го побара својот двојник, својот немезис, но тој се губи во толпата. „Беше невозможно да го мразиш Франц. Тој имаше неодолив шарм на маченик“, вели неговиот добар пријател Макс Брод, „виновникот“ што човештвото со генерации ужива во неговата литература. Страдањето како нова перспектива во книжевноста е тенденција која токму Кафка ја започнува во неговите приказни на почетокот од 20 век, бидејќи тој се доживувал како дете кое не си дозволувало да се жали. И се обидел… о да, и тоа коа се обидел… како син, како писател, како човек… за на крајот… о судбино… да успее – како жртва.

Филмот на Холанд е пријатен експеримент во кој се испреплетуваат времињата, тогашното и денешното. Таа си дозволила да си „поигра“ со формата и во играното да вметне документарен шмек. Во текот на целиот филм, откако ќе заокружи важен период од животот на субјектот, таа вметнува кратки играни пасажи кои наликуваат на „документарни“ затоа што нивната намена е токму таква: водичите во музејот, пред споменикот или низ градот им раскажуваат на туристите за животот и делото на Кафка, правејќи контрапункт на она што тој навистина бил, особеник кој дури не сакал да му биде објавено делото по неговата смрт, а камоли да бидат снимани филмови за него. Со таа „интервенција“ сценаристката и режисерка го освежува филмското дело и му дава да дише, не дозволувајќи да потоне во безбројните приказни кои се случиле за време на неговиот, сепак, не толку долг животен век. На тој начин гледачот се ослободува од бремето на значајноста на филмското остварување и и’ се препушта на уметноста во целост.

Премиерата на „Франц“ се случи на филмскиот фестивал во Торонто во септември 2025 година. На европските филмски награди во јануари имаше три номинации, додека на доделувањето на годишните награди во полската кинематографија се закити со четири статуетки: за најдобар филм, актер во главна ролја (Идан Вајс), кинематографер (Томаш Наумиук) и шминка (Габриела Полакова). На доделувањето на чешките филмски награди, пак, и покрај многуте номинации, филмот се закити само со една награда, која отиде во рацете на актерот Идан Вајс.
Но без разлика на наградите, „Франц“ дефинитивно е големо дело кое, како и „Кафка“ на Содерберг, барем во следните години, а можеби и пар декади, ќе ги „обесхрабри“ филмаџиите повторно да се навратат на темата, иако тоа никогаш не е на одмет, особено за филмофилите и почитувачите на делото на чешкиот писател“.
@Објавено во „Културен живот“ бр. 1-2/2026
